Македонија
Веднаш по враќањето од Вашингтон, Мицкоски ќе преговара за зголемување на платите на административците што протестираа, вели Трендафилов
Владата ја прифати подадената рака од Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), кој побара продолжување на прекинатиот дијалог за 30 отсто поголема плата на административците, чии плати не се покачени. На протестите минатата недела тие кажаа дека не само декларативно, како Владата, туку и формално пратиле барање за средба со премиерот Христијан Мицкоски, а денес Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикатите на Македонија извести дека добиле потврден одговор.
„Синдикатот на УПОЗ доби повратна информација дека е прифатено нивното барање за одржување средба. Средбата очекуваме да се случи веднаш по враќањето на македонската делегација, односно на претседателот на Владата од Вашингтон. Се надеваме дека тоа ќе биде многу бргу имајќи предвид дека колешките и колегите од овие шест министерства и двете други институции очекуваат да се интензивираат преговорите, кои беа прекинати поради одбивањето на анексите на новите колективни договори од страна на Министерството за финансии. Од тие причини Синдикатот на УПОЗ подаде рака да се најде соодветно решение, но колегите и колешките од овие институции се подготвени да ги продолжат протестите и евентуално да преземат и други активности, кои се овозможени во согласност со законот“, рече Трендафилов.
Членовите на Синдикатот на УПОЗ, вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив минатата недела протестираа четири дена. Последниот протест беше пред Министерството за финансии, од каде што најавија и можен штрајк и тужби за државата доколку нивните плати не се изедначат со платите на вработените во министерствата што добија додаток на платата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.

