Скопје
Директорот на ЈСП со сомнеж за саботажа, трет изгорен автобус за шест месеци
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје започнува истрага за можни саботажи на нивните автобуси, откако денеска во населбата Сопиште изгоре еден од украинските автобуси од нивниот возен парк.
На местото на настанот присуствуваше директорот на ЈСП, Драги Кушовски, кој за медиумите изјави дека претпријатието веќе има одредени сознанија во врска со овие инциденти.
„Имаме одредени сознанија. Да видиме дали тие сознанија ќе ни се потврдат или не. Дали можеби некој намерно или ненамерно, од разни нему познати причини, може да придонесува за вакви инциденти кои се случуваат повеќепати“, изјави Кушовски.
Ова е трет случај во последните шест месеци. Во јули минатата година, автобус на ЈСП се запали во скопската населба Бутел, при што како причина беше утврдена дефектна електрична инсталација. Неколку недели претходно, друг автобус настрада во пожар на Железничката станица.
Од ЈСП најавија дека ќе спроведат детална истрага за најновиот инцидент, со цел да утврдат дали постојат елементи на саботажа или проблеми со одржувањето на автобусите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски на класен час со учениците разговараше за булинг и за ментално здравје
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, утрово присуствуваше на класен час во ООУ „Коле Неделковски“ кадешто се водеше дискусија со учениците за важни теми како што се врсничко насилство (булинг) и ментално здравје. Посетата на Герасимовски беше во рамки на препораките коишто неодамна беа прифатени од сите основни училишта во Центар за поквалитетна настава во образовниот процес, што вклучува забрана за употреба на мобилни телефони на учениците за време на наставата.
На класниот час, градоначалникот Герасимовски, наставниците и учениците истакнаа дека врсничкото насилство и менталното здравје се важни во развојот, за создавање свест кај младите и треба да бидат дел од образовниот процес, затоа што создаваат безбедно опкружување за децата.
„Ваквите разговори ќе помогнат да се препознаат знаците на насилство, особено меѓу децата, како да се справуваат со стресот и емоционалните проблеми, но и како да им помогнат на своите другарчиња, соученици. Врсничкото насилство и проблемите со менталното здравје не смееме да ги занемариме, затоа што кога учениците се чувствуваат под притисок, било да се работи за вербално или физичко насилство, или пак за лични емоционални предизвици, тоа може сериозно да влијае врз нивното учење. Мораме да им овозможиме безбедна средина кадешто ќе растат здраво и среќно. Ги повикувам сите општини во државата да го следат овој пример, да создадеме училишни простори кадешто децата меѓусебе ќе се поддржуваат и ќе си помагаат, а ние ќе бидеме сигурни дека сме ги истуркале на вистинскиот пат – низ вредностите на почитување, емпатија и поддршка“, вели Герасимовски.
Одличен е одѕивот од страна на родителите и педагозите за оваа мерка, затоа што им се овозможува на учениците да растат во средина кадешто ќе ја градат самодовербата, но и ќе се подготват за здрав и успешен развој, известува општината.
Скопје
Санкционирани 122 непрописно паркирани возила во општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 20.01. до 26.01.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 122 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, велат од ЈП Паркинзи.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека денеска и утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе присуствува Претседателот на Собранието на Република Црна Гора, Андрија Мандиќ и поради тоа Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.