Топ
Финансиската полиција поднесе две кривични пријави до ОJO Струмица за даночно затајување
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Струмица поденсе кривична пријава против К.Х поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ по член 279 став 2 в.в со став 1 од Кривичниот законик .
Пријавениот К.Х. во својство на сопственик и управител на Друштво за производство, трговија и услуги ХЕЛЕНА-М ДООЕЛ увоз-извоз Василево Струмица во периодот од 01.01.2019 година до 25.12.2024 година, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист акумулираната добивка во износ од 143.547.895 денари (која се намалува за пренесена загуба во износ од 107.153.008 денари, а која загуба се покрива од Резервите кои изнесуваат 33.038.978 денари, при што останува добивка за оданочување во износ од 63.086.473 денари на која се додава Добивката за фискалната година во износ од 4.185.559 денари), евидентирана во пасивата на Билансот на состојба неосновано ја присвоил за себе, меѓу другото не извршил отпис на застарени Побарувања од купувачи во износ од 69.598.403 денари, а со намера да ги прикрие инкриминираните активности, не изготвил и не поднел Завршни сметки од 2019 година до денес до Управата за Јавни приходи и до Централниот Регистар на Република Северна Македонија, при што пријавениот К. Х. не пресметал и не уплатил Данок на Добивка во износ од 6.308.647 денари по основ на присвоена акумулирана добивка, а за неотпишаните застарени Побарувања од купувачи не пресметал и не уплатил Данок на добивка во износ од 6.959.840 денари или вкупно 13.268.488 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Струмица поденсе уште една кривична пријава против К.Х поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ по член 279 став 2 в.в со став 1 од Кривичниот законик .
Пријавениот К. Х. во својство на сопственик и управител на Друштво за производство на конфекција, текстил и трикотажа ХЕЛЕНА ДООЕЛ увоз-извоз Василево Струмица во периодот од 01.01.2019 година до 25.12.2024 година, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист акумулираната добивка во износ од 25.174.878 денари (која се намалува за исносот на основната главнина која изнесува 6.821.668 денари, на која се додава износ од 2.588.356 денари Добивка за фискална година, при што останува добивка за оданочување во износ од 20.941.566 денари основица за Данок на добивка), евидентирана во пасивата на Билансот на состојба неосновано ја присвоил за себе, меѓу другото не извршил отпис на застарени Побарувања од купувачи во износ од 13.973.029 денари и произведените текстилни производи евидентирани на залиха во вредност од 9.959.394 денари, неосновано ги присвоил и не ги евидентирал во сметководствената евиденција како кусок, а со намера да ги прикрие инкриминираните активности, не изготвил и не поднел Завршни сметки од 2019 година до денес до Управата за Јавни приходи и до Централниот Регистар на Република Северна Македонија, при што пријавениот К.Х. не пресметал и не уплатил Данок на Добивка во износ од 2.094.156 денари по основ на присвоена акумулирана добивка, а за неотпишаните застарени Побарувања од купувачи не пресметал и не уплатил Данок на добивка во износ од 1.397.303 денари исто така, за не прикажаниот кусок не пресметал, не пријавил и не уплатил Данок на Додадена вредност по даночна стапка од 18% во износ од 1.792.691 денари и Данок на Добивка по даночна стапка од 10% во износ од 872.079 денари или вкупно 6.156.229 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков: Случајот со апелациониот судија не е само скандал, тоа е симбол на длабока системска слабост
Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција се осврна на актуелните состојби во правосудството и пристапот на Министерството за правда кон утврдување на фактичката состојба на терен и преземањето конкретни мерки.
,,Во изминатиот период, јавноста беше сведок на настани и случаи кои дополнително ја засилија загриженоста околу интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и обвинителството. Таквите појави не смеат да се релативизираат, ниту да се игнорираат.
Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор – тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата?
Случајот со апелациониот судија кај кого беа пронајдени 350 илјади евра, скриени и заѕидани во ѕид, не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем”, рече министерот за правда Игор Филков.
Овој случај , според Филков дополнително ја нарушува довербата во целото судство и ја доведува под сомнеж функцијата судија која што треба да е во служба и во интерес на граѓаните и правдата, а не привилегија.
Истовремено, јавноста сведочи и на сериозни предизвици во функционирањето на обвинителството – недоволна ефикасност, ограничени капацитети и недоволна решителност во справувањето со најтешките форми на криминал.
,,Истражувањата за перцепцијата на корупција покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена.. Таа доверба не може да се врати преку ноќ, ниту со една одлука.
Јасно е дека проблемот е системски и не се однесува само на поединечни случаи. Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори”, нагласи министерот за правда Игор Филков.
Македонија
ДУИ: Дебаклот во Давос како слика за урнисана меѓународна позиција на земјава
Демократската унија за интеграција реагира на како што велат, крајно погрешната и штетна патека по која се движи Република Северна Македонија, стратешките отстапувања и честото менување насока, која, според оваа партија, земјата ја доведе во длабока меѓународна изолација, каква што државата не памети во поновата историја.
„Резултат на оваа промашена политика е дебаклот што премиерот и владината делегација го доживеаја на Светскиот економски форум во Давос – дипломатски пораз кој ја маргинализира и ја става во подредена позиција целата земја. На форум на кој практично целиот свет беше присутен, премиерот заедно со владината делегација речиси да немаа ниту една значајна билатерална средба, а нивните настапи на перифериите од форумот, преку нивните видеа на социјалните мрежи, дополнително ја отсликуваа тажната состојба во која е доведена меѓународната позиција на земјата.
Давос покажа и целосно промашување на таканаречената „Периметар дипломатија“. Додека соседните држави беа поканети од претседателот Трамп на т.н. „Board of Peace“, земјава остана меѓу непоканетите. Незрелото менување правци во надворешната политика, но и нејасната позиција на земјата кон сопствената стратешка ориентација, ја доведе државата денес да е игнорирана и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави – двата клучни стратешки партнери на земјата“.
Последиците од оваа изолација, како што посочуваат од ДУИ, веќе се чувствуваат.
Појаснуваат дека европското досие сѐ повеќе се трга настрана, земјата станува ранлива на странски влијанија од алтернативните центри на моќ, со што ѝ се заканува колапс не севкупниот политички систем.
„Два американски инвеститори ја напуштија земјата, нови инвестиции не доаѓаат, буџетот се празни, а економскиот стандард ги прави граѓаните да живеат сѐ посиромашно. Ова не е апстрактна политика, туку состојба која директно ќе ја погоди секоја фамилија, секој работник и секој бизнис“.
ДУИ предупредува дека продолжувањето на оваа состојба на изолација ќе има долгорочни и тешко поправливи последици за економијата, стабилноста и иднината на државата. „Северна Македонија не смее да биде изолирана земја, без сојузници, без перспектива и без доверба“.
Македонија
Нема подигање пратки од Пошта, вработените протестираат за плата: ги минаа празниците и најдолгиот месец во годината без пари
Вработените во Македонска пошта од целата држава денес излегоа на протест преку кој побараа да им се исплати платата која им доцни повеќе од 45 дена. Ќе продолжат да протестираат се додека не им биде исплатена платата, па оние кои сакаат да земат пратки од Пошта или бараат друга услуга, нема да ја добијат. Вкупно 1700 вработени и околу 300 поштари со договор на дело се уште ја чекаат декемвриската плата за чија исплата законскиот рок е 15 во месецот.

Во оваа компанија 60% од вработените работат за минималец, и тој минималец не можеме да го земеме., вели претседателот Синдикатот, Сашо Димитриевски
„Ова ни се случува веќе неколку месеци, ова е трет или четврт месец како ни доцни платата, но овој месец го проби дното бидејќи денес сме веќе 23. Вработените се крајно револтирани затоа што и покрај тоа што во оваа компанија 60% од вработените работат за минималец, и тој минималец не можеме да го земеме. Овој протест ќе трае се додека не се создадат условите за добивање плата“, рече претседателот на синдикалната организација на Македонска пошта, Сашо Димитриевски.
Тој нагласи дека нема да дозволат и следниот месец да им доцни исплатата на платите и уште следната недела ќе преземат активности и ќе го известат Управниот одбор дека следниот месец ќе излезат на протест уште на 15 или 16 ако не добијат плата. Не ја исклучуваат и можноста за поригорозни чекори и штрајк.
„Овој проблем во Македонска пошта не е од сега, се влече веќе петнаесетина години, живееме на шкрги. Проблемот е тоа што дефинитивно имаме лоша организација во поштата. Во последно време се прават некои напори, со Управниот одбор правиме некоја систематизација, сакаме да ги решиме тие проблеми, но малку споро оди тоа. Погрешни луѓе има на вистинските места на кои треба да работат“, вели претседателот на Синдикатот Димитриевски.
Денешниот протест е поддржан од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов кажа дека 2000 семејства се оставени без пари во најдолгиот месец од годината.
„Додека ние се подготвуваме да протестираме за зголемување плата овие луѓе протестираат за исплата на ниската плата. Срамота е да ги оставите без плата, а да изигрувате шерифи по пошта, да првите притисоци врз луѓето, да ги напаѓате, да се обидувате да ги спречите да протестираат. Нема да отстапиме од барањето за исплата на плати и нема да отстапиме од барањето да им се зголемат платите, а да добијат луѓето и опрема за работа. Како што можете да видите сите од дома дошле кој како можел да се облече. Сметам дека вината треба да биде фрлена на раководството, а раководството може да си побара од основачот веднаш да интервенира и веднаш да биде исплатена платата, во текот на денешниот ден. Во спротивно колегите нема да продолжат со работа“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој најави дека вработените ќе бидат пред Поштите и нема да ги вршат задачите кои им ги даваат „газдите“ без да ги платат.

