Топ
Убиство во Чаир: полицијата уапси неколку лица

Денеска во 00.06 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени 35-годишните Х.Б. и А.Д., двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување.
По преземени мерки било утврдено дека тие претходно учествувале во вооружена престрелка на подрачјето на Чаир. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје.
Исто така, по преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје.
Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Каја Калас: На Путин не може да му се верува

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека Европската Унија ќе продолжи да ја таргетира воената економија на Русија и дека следниот пакет санкции против Москва треба да биде готов до следниот месец, објавува The Guardian.
Зборувајќи по виртуелниот самит на Европскиот совет за војната во Украина, еден ден по вонредниот состанок на украинските и неколку европски лидери со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, Калас нагласи дека „единството меѓу лидерите на ЕУ на денешниот виртуелен самит беше опипливо“.
Таа додаде дека ги ставила темите за безбедноста на Украина и санкциите против Русија на врвот на агендата за разговорите следната недела меѓу европските министри за надворешни работи и одбрана.
„На Путин не може да му се верува дека ќе одржи какво било ветување или обврска. Затоа, безбедносните гаранции мора да бидат доволно силни и веродостојни за да ја одвратат Русија од прегрупирање и повторно напаѓање“, напиша Калас на социјалната мрежа X.
Македонија
Скопје, Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево ќе ги поврзува модерна пруга – Владата почнува со подготвки, ЕУ поддржува со 5,3 милиони евра

Владата донесе одлука за започнување на подготовки за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на железничката линија од Скопје до Кичево на коридор 8, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5, 3 милион евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој која ќе избере Консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди. По изработката на анализите, во втора фаза ќе започнат работите на пругата, потенцираше вицепремиерот Николоски.
„Ова е следна точка во делот на железничката инфраструктура во Македонија. Сега почнуваме подготвителни активности и за западното крило на коридор 8, почнуваме со постојната железничка линија од Скопје до Кичево која што е во лоша состојба бидејќи во моментов невозможно е по нејзе да оперираат возови и затоа решивме да ја реконструираме. Второ ставаме модерна сигнализација согласно најдобрите европски стандарди за безбедност и сигнализација и трето истата да ја електрифицираме бидејчи и пругата сега да беше во добра состоја по нејзе би можеле да оперираат само дизел локомотивои. Ова ќе значи подобро поврзување помеѓу Скопје, Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево. За истата разговраваме со ЕУ и се договороивме ЕУ да обезбеди грант од 5, 3 милиони евра за физибилити студија со анализа на трошоци и приодбивки, идејни проекти и нацрт текст за инвестициски грант. За истото, водечка институција ќе биде ЕБОР, согласно внатрешните процедури на Банката, тие ќе изберат Консултант кој што ќе ги работи овие студии, рокот за изработка за овие студии по највисоки европски стандарди е 18 месеци и посел тоа ќе одиме на втора фаза, а тоа се работи на терен”- истакна вицепремирот Николоски.
Тој додаде дека во напредна фаза е изградбата на брзата пруга на коридор 10, исто така беше пуштена во функција пругата од Куманово до Бељаковце, исто така се работи на пругата од Бељаковце до Крива Паланка и пред финален договор сме со Бугарија за железничко поврзување.
Македонија
Одложени рочишта во Кривичниот суд поради неспроведување на притвореници – Утковски: Затворот има недостиг на возила и кадар

Во изминатите два дена, речиси сите насрочени рочишта во Основниот кривичен суд Скопје биле одложени, со навремена достава на покани до странките, поради тоа што од затворот во Шутo Оризари не биле спроведени притворените лица на закажаните рочишта.
Од Судот наведуваат дека меѓу одложените предмети имало и случаи од одделот за организиран криминал и корупција, со повеќе од десетина обвинети, за кои течат законски рокови за постапување. Судот нагласува дека мерката притвор е наменета исклучиво за обезбедување присуство на обвинетите и не смее да се претвори во казна.
Во писмото до директорот на затворот, Судот потенцира дека затворот е „сервис на судот“ и дека негова задача е да го обезбеди присуството на обвинетите. Судот очекува ваквата ситуација повеќе да не се повторува.
Директорот на КПУ Затвор Скопје, Бобан Утковски, информира дека проблемите се последица на ограничениот број возила и намалениот број на вработени во Затворската полиција. Тој наведува дека на 18 август биле планирани 12 спроводи, од кои биле реализирани 8, а на 19 август од 19 планирани, биле реализирани 16.
Утковски појаснува дека Затвор Скопје врши спроводи не само за Основниот кривичен суд Скопје, туку и за сите судови и обвинителства низ целата држава, вклучувајќи ги Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Велес, Штип, Битола, Охрид и Кочани, при што постапува согласно можностите и капацитетите.