Топ
Пијан возач удри и тешко повреди 25-годишна битолчанка во Скопје, полицијата го приведе

Во СВР Скопје синоќа било пријавено дека на улицата „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистерски таблички, управувано од Н.Н. (48) од Гостивар удрило во Б.Л. (25) од Битола. Утврдено е дека Н.Н возел под дејство на алкохол, по што бил лишен од слобода, а возилото е одземено за понатамошна постапка.
Од МВР информираат дека Б.Л. е пренесена во Клинички центар „Мајка Тереза“, каде и се констатирани тешки телесни повреди.
-Н.Н. е алкотестиран и утврдено е дека возилото го управувал под дејство на 1,35 промили алкохол по што, по наредба на јавен обвинител, е лишен од слобода, а возилото „мерцедес“ е одземено за понатамошна постапка. По документирање на случајот, СВР Скопје ќе поднесе соодветна кривична пријава, се вели во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Платите да се исплаќаат до петти место до петнаесетти во месецот, предлага Левицата

На денешната прес-конференција, пратеникот од Левица и портпаролот на партијата, Амар Мециновиќ, обзнани дека пратениците од Левица поднеле предлог во Собарнието за измена на Законот за работи односи, со цел, исплата на платите до петти во месецот, наместо до петнаести – како што е сега.
„Предлог-законот доаѓа како резултат на реалната економска состојба на работниците во Македонија и има за цел да обезбеди навремена и правична исплата на платите. Да обезбеди финансиска сигурност на работниците, бидејќи во многу домаќинства платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната пракса на исплата на платите до петнаести во месецот, предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци“, кажа пратеникот Мециновиќ.
„Поради доцнењето на платите, многу работници се принудени да земаат брзи кредити, дозволени минуси, позајмици со високи камати и ова, дополнително ја влошува нивната финансиска состојба.
Понатаму, оваа измена е и со цел на намалување на економската нееднаквост – има работници коишто платата ја добиваат на почетокот на месецот, додека мноштвото ги добива платите дури на петнаести“ – објасни тој посочувајќи ги главните причини за потребноста на оваа измена.
„Оваа измена е согласно европските стандарди – во многу држави, платите се исплаќаат веќе до крајот на тековниот месец и максимално до првите денови на наредниот месец“ – нагласи пратеникот од Левица.
Македонија
За електронски индекс ќе треба една и пол година, месецов почнува дигитализацијата на студентските сервиси на УКИМ, вели ректорката Ангелова

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) месецов почнува со дигитална трансформација. Ректорката Билјана Ангелова најави дека првин ќе се дигитализираат студентските сервиси, а ќе се работи и на електронски индекс за што таа смета ќе треба подолго време.
„УКИМ почнува со дигитална трансформација многу бргу, веројатно од овој месец почнуваме со првите чекори. Најнапред ќе ги дигитализираме сите студентски сервиси. Планот е до почетокот на новата учебна година основните студентски сервиси комплетно да бидат дигитализирани и се разбира да завршиме со електронскиот индекс. Ова е процес, ќе трае, мојата процена е дека можеби во текот на една или една и пол година овој процес може да се заокружи. УКИМ влегува во овој процес и тоа е наш приоритет“, рече рекотрката Ангелова денес пред почетокот на научната конференција „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“ во организација на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Вториот приоритет на кој работи УКИМ, како што кажа Ангелова, е квалитетот на наставата, квалитетот на истражувањата и општо квалитетот на Универзитетот.
Дигитализацијата и подобрувањето на квалитетот се двата клучни процеса на кои ќе работат во следниот период, а од кои ректорката Ангелова очекува подобрување на рангот на Универзитетот.
Македонија
ДУИ подготвува бојкот на локалните избори за да го избегне поразот, велат од „Влен“

За да го избегне поразот ДУИ планира да ги бојкотира изборите и да провоцира тензии на денот на гласањето, веалт од „Влен“.
„Ова е нивната последна карта, бидејќи знаат дека Албанците веќе не им веруваат. Самиот Али Ахмети призна од Липково: ДУИ подготвува бојкот на локалните избори! Што покажува ова? Дека ДУИ нема ниту идеи, ниту програма, ниту нови луѓе – туку само страв од уценување“, се вели во соопштението на коалицијата.
Се додава дека ДУИ две децении ги држеше Албанците како заложници со лаги и политички манипулации, а денес е заробена од една верхушка потопена во корупција и паника.
„Сега не одлучуваат повеќе ниту нивното членството, ниту гласачите – ДУИ се командува со далечинско од бегалецот Артан Груби.
Тие што некогаш се фалеа дека не се плашат ниту од бомбите од 2001 година, денес се сведени на тоа да им се тресат колената од политичките бомби на Артан Груби“, велат од Влен.
Прашуваат дали Артан Груби е авторот на сценариото за бојкот на локалните избори и со што Артан Груби го држи ова раководство на ДУИ во заложништво.