Топ
Семејна драма во Прилеп, убиени малолетно дете и неговиот татко, напаѓачот си пресудил сам
Во семејна трагедија што се случи синоќа во прилепската населба Точила, животот го загубија три лица, меѓу кои и едно дете. Според досега достапни информации, случајот бил пријавен во попладневните часови, а во акцијата интервенирале и специјални полициски единици.
Според неофицијални извори, маж вооружен со огнено оружје во својот дом отворил оган врз членови на неговото потесно семејство. Напаѓачот прво ги застрелал својот внук и неговиот малолетен син, а по нападот наводно, сам си го одзел животот. Сè уште не се потврдени точните релации меѓу учесниците.
Од Министерството за внатрешни работи за сега не излегуваат со официјални детали за мотивите и текот на инцидентот, но потврдуваат дека полициски службеници извршиле увид на местото на настанот и дека е отворена истрага.
Очевидци велат дека ситуацијата била напната, а според првични информации, напаѓачот наводно користел и експлозивна направа, при што биле загрозени и други членови на семејството. Специјалните единици реагирале по дојава, а случајот завршил со смртта на напаѓачот кој си го одзел животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Често миење раце, фрлање ѓубре со ракавици и дезинфекциони бариери во школите препорачаа лекарите од ИЈЗ
Засега не е регистриран пораст на заболувања кои можат да бидат предизвикани од натрупаното ѓубре по улиците во Скопје, велат лекарите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој во реално време добива податоци за сите пријавени заболувања во земјава. Институтот денес препорача мерки за заштита на населението додека не се исчисти градот од ѓубре.
„Често миење раце, дезинфекција на раце после одлагање на отпад, носете и ракавици доколку е можно при одлагањето на отпадот. За одлагање на отпад се препорачува граѓаните да го прават тоа на места кои се обележани, контејнери, да не одлагаат надвор од тие места за да не се создаваат депонии кои дополнително ја контаминираат средината. Исто така да внимаваат со домашните миленици кога доѓаат во контакт со отпад. Вработените кои го собираат отпадот треба да имаат лична заштитна опрема и секако да бидат заштитени од оние блести кои можат да се спречат со вакцинација, односно редовно да бидат вакцинирани согласно нивната професија’, рече Драган Кочински, раководител на секторот епидемиологија во ИЈЗ.
За трајно надминување на состојбите тој препорача дека е неопходно да се почне со селекција на отпадот уште дома, процес кој на почеток би бил волонтерски и би предвидувал некаква награда за оние кои ќе селектираат, се додека не се воведе законски.
Кочински уверува дека и покрај исклучително големата нехигиена во Скопје изминативе неколку недели, засега не е забележан пораст на заболувања кои можат да бидат предизвикани од расфрланото ѓубре.
„Тука се цревните заразни заболувања, салмонелози, гастроентероколити кои што можат да се јават. Ние ја следиме состојбата и засега нема пораст на бројот на заболени од овие заболувања, а во однос на заболувањата кои ги пренесуваат глодачите кои што се карактеристични за нашата земја тука спаѓаат туларемија, хеморагична треска со бубрежен синдром, и лептоспирозата кои веќе сме ги регистрирале, а можно е да се појават сега со зголемениот број глодачи. Се додека постојат поволни услови за нивно размножување, а тоа е присуството на отпадот, се повеќе и повеќе се зголемува популацијата на глодачите, а тоа претставува ризик за населението односно ширење на болести“, рече Кочински од ИЈЗ.
Мирајана Димоска, раководителка на одделението за безбедност на вода и санитација на животна средина во ИЈЗ препорача дека е добро училиштата да постават дезинфекциони бариери на праговите и слики за правилно миење раце според возраста, а истата препорака за дезинфекциони бариери рече дека е добро да ја послушаат и сите граѓани за становите за да спречат внесување нечистотија во домовите.
Директорката на Институтот Марија Андоновска рече дека на сите општини како и на Град Скопје им е препорачано да направат вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Македонија
(Видео) Mециновиќ за отпадот во Скопје: Владата намерно го остави градот да дојде до колапс за потоа да се прикажува како херој
Амар Мециновиќ, кандидатот на Левица зa градоначалник на Град Скопје во вториот круг на локалните избори, со предупредување за алармантната состојба со ѓубрето во градот, нарекувајќи ја ситуацијата „најапсурдна што Скопје некогаш ја имало“.
Тој го претстави планот на партијата за решавање на овој проблем, преку санација и реформа на јавното комунално претпријатие.
„Повторно се вжештува ситуацијата околу сметот. Никој не можеше да претпостави дека ќе дојдеме во состојба на вакво преплавување со отпад и целосен колапс на комуналните претпријатија и градските власти“, истакна Мециновиќ и додаде дека без оглед кој ќе победи на изборите новата администрација ќе мора веднаш да започне со санирање на состојбата.
„Јавноста треба да знае дека независно кој ќе добие поддршка, треба веднаш да се почне со чистење. Ги повикувам сите скопски градоначалници, и оние што веќе победија, и оние што одат во втор круг, да бидат спремни, независно од политичката припадност, да работиме заедно на решавање на оваа криза.“
Мециновиќ потенцираше дека во Скопје се гледа апсурдниот крах на локалната власт, која последните четири години, според него, била под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
„Четири години локалната власт беше во нивни раце, и на ниво на град, и во најголем дел од скопските општини. Не смееме повторно да си дозволиме луксуз да се играме со здравјето на скопјани и да поддржуваме партии кои од суета создаваат кризи“.
Тој ја обвини актуелната влада дека намерно дозволила градот да западне во хаос пред изборите, за потоа „да се претстави како спасител“.
„Ова повикување на кризна состојба токму пред избори покажа дека Владата намерно го остави градот да дојде до колапс, за потоа да се прикажува како херој. Но, граѓаните тоа го гледаат.“
Мециновиќ најави дека, доколку ја добие поддршката на скопјани, веднаш ќе отпочне со санација и реформа на ЈП „Комунална хигиена“, спротивставувајќи се на плановите за негово приватизирање.
„Премиерот Мицковски јавно изјави дека има план за јавно-приватно партнерство во „Комунална хигиена“. Тоа е јасен сигнал дека нивната намера била да го колабираат претпријатието за потоа да го продадат. Ние тоа нема да го дозволиме.“
Наместо приватизација, Мециновиќ предлага окрупнување на капацитетите, модернизација на механизацијата и подобрување на условите за работа во јавните комунални претпријатија.
Тој презентираше иновативно решение за третман на отпадот, кое, според него, веќе се користи во неколку европски градови.
„Разгледуваме технологија за преработка на комунален отпад во горивни деривати. За Вардариште може да се изгради централа од 720 м² која би чинела шест милиони евра, а за Дрисла, модерна постројка од 60 милиони евра со затворен систем за преработка.“
Упати повик, до граѓаните на Скопје, да го претворат гневот и разочараноста во активна одлука на втори ноември: „Некој дозволи да дојдеме до ова дереџе, некој мисли дека ќе профитира од нашиот хаос. Но, тоа треба да го претвориме во одлука, одлука што ќе го врати градот во нормала и ќе го врати достоинството на Скопје“, заврши Мециновиќ.
Македонија
М-НАВ: Тасевски призна дека штрајкот што го најави беше незаконит и свесно спроведува атака
На 22.10.2025 година М-НАВ АД Скопје преку правниот застапник адвокат Горан Николовски одржа прес-конференција, на која беа презентирани ставовите и аргументите на М-НАВ АД во врска со штрајкот најавен од страна на ССКЛ – подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски за 20.10.2025 година и забранет како незаконит од страна на Основниот граѓански суд Скопје, истакнуваат во денешното соопштение од М-НАВ АД Скопје.
Истиот ден, по завршување на прес-конференцијата на М-НАВ АД, како што потсетуваат, прес-конференција одржа и г. Александар Тасевски, претседател на ССКЛ – подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски.
„На тој прес г. Александар Тасевски изјави дека:
• Барањата за заштита на работнички права од работен однос како причина за организирање на штрајк се доставени уште во 2023 година и директорите да ги побараат преку архивата на М-НАВ;
• Воедно, запрашан од страна на новинарите дали, ако повторно одат на штрајк, во следното известување ќе бидат наведени барањата за заштита од работен однос и ќе биде спроведена постапката за помирување, г. Александар Тасевски изјави дека дека не може да ги наведат барањата за заштита на правата од работниот однос од причина што во тој случај ќе треба да почне нова постапка за помирување.
Во врска со изнесените наводи на г. Александар Тасевски јавно му се заблагодаруваме за неговото признание дека штрајкот најавен од страна на ССКЛ – подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски за 20.10.2025 година и забранет како незаконит од страна на Основниот граѓански суд Скопје, е незаконит и дека г. Александар Тасевски е свесен дека постапува надвор од законот“.
Тасевски, додаваат во соопштеното, јавно призна дека свесно спроведува незаконска атака врз М-НАВ АД Скопје, односно дека свесно ја загрозува и внесува несигурност во секторот авиосообраќај и свесно го руши угледот на М-НАВ АД Скопје и на државата во целост.
Со ваквите признанија, како што оценуваат, уште еднаш се потврдува дека станува збор за лично политикантство и желба за само промоција.
„Исто така, наводите на г. Александар Тасевски дека во законот се предвидува дека кој било синдикат вертикално, дали е тоа синдикат на работодавци, синдикат на гранка или сојузот на синдикати, има право да организира штрајк, се однесуваат исклучиво на Независниот синдикат за сообраќај и врски, а не и на подружницата ССКЛ, со оглед дека подружницата не е синдикат, нема правен субјективитет и евентуалното организирање штрајк како заштита на правата од работниот однос може да ги остварува единствено преку Независниот синдикат, чија подружница е“.

