Македонија
Задолжителни програми во училиштата со цел да се спречи младите да употребуваат тутун и електронски цигари, најави Јаневска
Образованието е најдобриот механизам за подигнување на свеста кај младите за здравите навики и за грижата кон личното здравје, порача министерката за образование и наука, Весна Јаневска, од регионалната работилница на тема „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“, во организација на „Аналитика тинк-тенк“.
„Нашиот воспитно-образовен систем е структуриран така што здравствената писменост е застапена во сите одделенија во редовните предмети, особоно во природните науки, а од оваа учебна година воведовме и нов изборен предмет во VII одделение – ‘Учам за моето здравје’ и со поддршка на Светската здравствена организација изготвивме упатство за наставници за начинот на предавање на материјата, која опфаќа и аспекти посветени на здравствените последици од користењето тутун и електронски цигари“, рече Јаневска.
Говорејќи за мерките што се спроведуваат на национално ниво како дел од превентивните политики, министерката издвои дека годинава со законски измени основните и средните училишта се задолжени, покрај програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање ученици, спречување дискриминација, малолетничка деликвенција и слично, да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанции.
„Во новата учебна година МОН и БРО заедно со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал и меѓународната федерација ‘Лајонс клуб’ ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма ‘Вештини за адолесценција’. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет“, додаде министерката.
Нагласи дека секогаш постои простор за унапредување на здравствената писменост во училиштата и дека институциите работат во оваа насока.
„Образованието е жива материја и се приспособува на времето и на трендовите. Имам очекувања дека токму од оваа работилница споделените искуства и практики ќе помогнат сите ние да ги надградиме националните политики“, рече Јаневска.
На работилницата, чија цел е да поврзе претставници на медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните партнери, да поттикне посилна соработка и да ја истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази во согласност со приоритетите за интеграција во ЕУ, покрај претставници на државните институции и граѓанскиот сектор во земјите од регионот, учествуваа и професори од Факултетот за јавно здравје при американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Инаку, Светската здравствена организација годинава повика итно да се забранат ароматичните цигари за да се заштитат младите. Сепак, експертите во Македонија предупредуваат дека границата за пушење цигари е симната под 12 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На предлог на Филипче, оставки поднесе раководството и сите членови на Извршниот одбор во СДСМ
На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки.
Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
„Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, велат од партијата
На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата а за функциите, како што велат од СДСМ, ќе се бираат најкомпетентни личности.
Македонија
Полицијата од Охрид учествуваше на вежба за авион со запален мотор на охридскиот аеродром
Полициски службеници од СВР Охрид и граничната полиција при Регионалниот центар „Запад“ денеска учествуваа на симулирана показна вежба „Воздухоплов со запален мотор на полетување“, која се одржа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Полициските службеници ги вежбаа и ги спроведоа предвидените мерки согласно безбедносните протоколи и постапија по планот за реакција и поддршка при безбедносни инциденти на воздухоплов. Целта на вежбата беше подигнување на степенот на оперативност и ефикасност на сите служби, ажурирање на координативните мерки и унапредување на меѓусебната комуникација во услови на авионски инцидент.
Во вежбата учество зедоа ТАВ „Аеродром“ – Охрид, АКЛ, противпожарни екипи од ТАВ и ТППЕ Охрид и Струга, медицински тимови од ТАВ, амбулантите во Охрид и Струга и Црвениот Крст.
Вежбата заврши успешно, со покажана висока ефективност во реализацијата на предвидените безбедносни мерки, велат од СВР Охрид.
Македонија
Карпош: Советот ја продолжи суспензијата на дел од ДУП за Градска четврт З 08 за уште шест месеци
Советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември.
На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијатаод областа на образованието за 2025 година.
Советот даде „зелено светло“ и за двете Предлог – Одлуки со кои основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ ќе прифатат движни ствари на трајно користење без надомест, кои им ги доделува Министерството за образование и наука. Имено, двете основни училишта од Карпош ќе добијат на користење интернет поставки (инсталации), кои ќе бидат искористени за нивните потреби. Со одлука на Советот, поддршка доби и Одлуката за прифаќање донација од Трговско друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ – Скопје. Донацијата е во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба – (Детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле), а висината на донацијата изнесува 30.000 денари.
Советниците ја поништија Одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

