Топ
Мицкоски: Нема да има уставни измени без загарантираните права на Македонците во Бугарија и без гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини
На денешната собраниска седница за пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот Скендер Реџепи околу уставните измени истакна дека додека тој е претседател на Владата истите нема да се случат ако Македонците во Бугарија не ги добијат загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции и додека не се добијат гаранции дека во иднина државата нема да се соочува со опструкции и блокади од субјективни причини.
„Не знам по колку пати треба да кажам и не знам по колку пати треба да повторам кој е ставот на Владата, но еве ако инсистирате и ако го поставувате тоа прашање ќе се обидам на поинаков начин да ви одговорам овој пат споредено со сите оние одговори коишто се случувале во минатото. Уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата, ако не бидат исполнети минимум два услови. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права. Не барам Устав да се менува, ова. И второ додека не добиеме гаранции за нашиот идентитет македонски за којшто од вас очекувам поддршка како мој сограѓанин, мојот македонски јазик, дека повеќе нема да има билатерални вета и дека нема никој повеќе оваа држава којашто многу пати покажала и докажала дека сака да биде дел од европското семејство понела жртва како ниту една држава и овој народ, овие граѓани како ниту едни граѓани од Европа поднеле жртва, дека нема повторно да има нови омаловажувања, нови понижувања и нови опструкции од било кој од субјективни причини“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Ако ние не сме добри да речеме во кластерот на владеење на правото, па нешто не сме испорачале итн. тоа е друга причина. Не сме вратиле некој бегалец од правда или па некој политички заштитен лик којшто порано правел криминал не сме го ставиле во затвор, па за тоа да добиеме критика и блокада, во ред, за тоа нема никаков проблем или па не сме квалитетни во нешто друго. Но, дека нема повеќе да има билатерални прашања којшто ќе го ограничуваат нашиот напредок кон Европа“.
Тој уште еднаш повтори дека додека е премиер нема да се случат уставните измени без да се исполнат двата услови и ги повика и пратениците кои во иднина би дошле да не се согласуваат со ставот на пратеникот кој го постави прашањето за уставни измени без гаранции.
„Додека сум јас премиер. Кога нема јас да бидам премиер, можеби вие се уште ќе бидете пратеник, ќе има некој друг, ќе го прашате и ќе ви даде одговор. За уставни измени има 80, односно 79 ваши колеги да се сложат. Јас силно ги советувам останатите 119 во оваа сала да не го поддржат вашиот став за уставни измени без да можеме да ги добиеме минимум овие две гаранции“, истакна Мицкоски.
Тој исто така додаде дека на Македонците во Бугарија им се одземени сите права, а сега бараат само здружение кое би се борело за правата на македонската заедница во Бугарија.
„Ќе повторам, се додека македонската заедница во Бугарија, мислам дека треба да го поддржите тој став, треба да го поддржите ставот за Македонците од Разлог, од Горна Џумаја, од Сандански, од Пирин треба да го поддржите затоа што во пописот во 56-тата година тие биле 200 илјади и биле мнозинство во Пиринскиот крај на Македонија. Биле две третини од вкупното население, а магично на пописот во 65-тата година бројката станува 9 илјади. Од двесте илјади на 9 илјади и тоа еден поранешен бугарски претседател го кажува како инженеринг на којшто е посебно горд. Им се одземаат правата на своја културна автономија, да општат на својот мајчин македонски јазик, да говорат на својот мајчин македонски јазик, да танцуваат на своите македонски песни, да ги почитуваат своите македонски обичаи. Е тие бараат сега само да имаат можност ОМО Илинден Пирин да биде организација која што ќе ги застапува правата на македонската заедница во Бугарија. Многу ли е тоа?“, запраша Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот стивнува, намалени бројките на новозаболени, но остануваат препораките за маска во простории со многу лица
Институтот за јавно здравје и оваа недела пријави помал број новозаболени од грип и заболувања слични на грип. Директорката Марија Андоновска вели дека се уште е рано да се каже дека сме го поминале пикот и остануваат препораките оние кои сакаат да се заштитат да носат маска во затворени простории во кои има повеќе луѓе.
„Во текот на четвртата недела од 2026 година што го опфаќа периодот меѓу 19 и 21 јануари, во Македонија се пријавени 1708 случаи за заболени од грип и заболувања слични на грип што е за 17,2 % помалку во споредба со претходната недела кога бројот беше 2062. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата оваа недела минатата сезона е намален за девет проценти, а во споредба со петнаесетте изминати сезони е намален за 33,4%. Како што забележувате споредено и со минатата недела, но и со истата оваа недела во минатата сезона бројот е намален“, рече директорката Андоновска.
Во однос на возрасната дистрибуција 1029 лица се на возраст меѓу 15 и 64 години, 253 лица се на возраст над 65 години, 243 се деца на возраст меѓу 5 и 14 години, 183 се деца на возраст меѓу 0 и 4 години што укажува дека највисоката инциденца се регистрира на возраст меѓу 0 и 14 години.
Во Дебар и Кратово се бележи многу висока активност. Во Охрид, Кавадарци и Струмица има висока активност, средна активност има во девет градови, во 12 се бележи сезонска активност додека во два града се бележи многу ниска активност.
„Според податоците што ги имаме, во моментов, во Македонија има среден интензитет на активност на вирусот. Остануваат и понатака да важат нашите препораки што ги даваме за лицата да се заштитат, да избегнуваат простории каде што има повеќе лица, а доколку е неопходно да бидат во вакви простории да носат маска. Посебно да водат сметка ранливите категории, лицата над 65 години, лицата со хронични болести, децата и трудниците посебно да внимаваат на сопственото здравје. Доколку имаат каков било сомнеж дека некое лица е заболено или покажува симптоми да се избегнуваат контакти со него. Оние кои веќе се дијагностицирани или имаат грип, да останат дома, децата да не се носат во училиште доколку покажуваат симптоми со цел да закрепнат побрзо и да немаме трансмисија на вирусот“, вели директорката Андоновска.
Нејзината препорака за болните и за оние кои сметаат дека имаат симптоми е да останат дома и да ги следат советите од матичните лекари.
Намалувањето на бројките втора недела по ред директорката Андоновска вели дека не значи дека сме го поминале пикот.
„Што се однесува до пикот, забележливо е дека имаме два недели намалување на бројките, но се уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот бидејќи во минатата сезона имавме два пика. Може ова да е првиот, можеби е последниот, но не значи дека нема да има нов пик и ново растење на бројките“, рече директорката Андоновска и нагласи дека Институтот ќе продолжи да ја следи состојбата.
Оваа сезона Институтот за јавно здравје регистрираше три смртни случаи на заболени со грип.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!
Македонија
(Видео) Филипче: Техничката влада мора да остане, не се созреани условите за укинување
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче истакна дека техничката влада мора да остане затоа што не се созреани условите за нејзино укинување.
„Сметаме дека е повторно политички трик да се дозволи власта да протне закон со којшто техничката влада формално ќе остане во следниот изборен циклус, а потоа ќе се укине. Ние изнесуваме аргументи и факти зошто техничката влада мора да остане, затоа што условите за нејзино укинување едноставно не се созреани“, изјави Филипче.
Тој потсети дека причините поради кои техничката влада беше воведена во 2015 година и денес постојат, па дури и во поизразена форма.
„Злоупотреба на институциите постои и сега, ако не и побрутална. Па ја видовме за време на локалните избори, злоупотреба на полицијата, на социјалните служби. Така да, едноставно општеството повторно како и тогаш што беше ситуација, не е зрело да се укинува техничката влада. И нема потреба.“, нагласи Филипче.
Укинувањето на техничката влада може да се случи само врз основа на широк политички консензус, а не преку наметнување на еднострани решенија.
„Ако е донесена со консензус, нека се укине со консензус. Значи, вистински, фер, политичка комуникација, третман, е да како нешто било договорено, така да продолжи и понатаму “, потенцираше Филипче.

