Сцена
Незаборавен настап на „MozART“ на Охридско лето
Ексклузивниот гудачки квартет „MozART group”, кои во четврток вечер на Охридско лето настапија во рамките на Полската вечер на фестивалот, приредија незаборавна вечер со уникатна изведба, мешавина од музика, театар и движење, надополнета со хумор.
Со музика од класичниот репертоар, но на сосема поинаков начин, ја кренаа на нозе публиката во предворјето на црквата „Света Софија“
По нивниот прв настап во Македонија ветија дека повторно ќе се вратат.
„Впечатокот е импресивен, просторот публиката која беше полна со енергија. Во Македонија дефинитивно повторно ќе се вратиме. За прв пат имавме четири овации и навистина е многу импресивно тоа што ни се случи“, изјавија членовите на гудачкиот квартет.
Публиката со долги аплаузи и стоечки овации дури четири пати ги врати уметниците на сцена. Според нив нивната изведба е еден од најубавите концерти на фестивалската сцена.
„Ова беше еден невиден концерт еден прекрасен перформанс, настан кој долго ќе се памети на Охридско лето. Ова се извонредни музичари, покажаа еден суптилен хумор на сцена. Тоа се комплетни шоумени кои што знаат и да свират а истовремено знаат да ја забавуваат публиката. Воодушевена беше публиката исто и јас“, вели Јосиф Тодоровски кој секоја година од Лондон доаѓа специјално за фестивалот Охридско лето.
Концертот насловен „Моцарт е се уште жив“, се одржа во соработка со Полската амбасада и почесниот конзулат на Полска со седиште во Охрид, со кои Фестивалот има одлична соработка.
„Минатата година го имавме најстариот жив диригент на денешницата, Пендерецки и се надеваме дека оваа успешна соработка и понатаму ќе продолжи“, изјави Коста Костовски, почесен конзул на Полска во Република Македонија со седиште во Охрид.
„MozART group”досега имаат одржано повеќе од 3.000 концерти на четири континенти во светот. Нивната богата концертна активност и по речиси 20 години продолжува со истиот интензитет. Само овој месец квартетот гостува во четири европски земји (вклучувајќи ја и Македонија), а веќе следниот заминува на турнеја во Америка, Азија и Европа.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Соопштени наградите на МТФ Денови на комедија Куманово 2023
Жирито на 26 МТФ Денови на комедија 2023 Куманово во состав на претседателка Магдалена Ризова Черних и членови: Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки за награди на Фестивалот:
- Најдобра претстава „Чекајќи го лекарот“ Театар Лесковац, Србија;
- Најдобра режија Дамјан Тенев „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра актерка Наталија Теодосиева „Илуминати“ Театар комедија – Скопје;
- Најдобар актер Александар Степанулески „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра споредна улога Бранко Атанасов „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра сценографија Радостина Тодорова „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра костимографија Раде Василев и Елена Вангеловска „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје
Култура
Претставата „Народен непријател“ гостува на два меѓународни фестивала во Црна Гора
Македонскиот народен театар во јули со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на два меѓународни фестивала во Република Црна Гора.
Од 5 јули до 22 август ќе се одржи XXXVII фестивал „Град театар“ во Будва, кој оваа година е со слоганот „Сила, храброст и глупост“. Во текот на 49-те фестивалски дена на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност, а нашата претстава ќе биде изведена на 16 јули во 21 часот.
Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата „Санта Марија“, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот „Стањевиќи“.
Второто гостување ќе се биде на XVIII меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват, а покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21.30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште 8 (осум) претстави од Белград, Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.
„Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски, совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество. Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист, кој верува дека промената е можна и дека е неопходна итна жртва колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички.
ПР
Култура
МНТ со „Нема да биде крај на светот“ гостува во Италија
Копродукциската претстава „Нема да биде крај на светот“ на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција – Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР – Сараево, ќе учествува на италијанскиот фестивал „Монте Сакро“ во Фоџа.
Фестивалот „Монте Сакро“ (Monte Sacro) потекнува од Апулија во областа Гаргано, а се одржува во спомен на младиот прерано починат писател Матео Латино. Фестивалот е во режија на композиторот Артуро Анекино и има цел да ги вкрсти различните јазици на уметноста.
Фестивалот на музика, танц и театар – „Монте Сакро“, ја препозна режисерската и естетската актерска игра на Дарја Ризова, Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ, која пред италијанската публика ќе се одигра на 25 јуни.
„Нема да биде крај на светот“ од својата премиера до денес е една од најнаградуваните претстави, а до сега доби повеќе од 10 (десет) награди.