Култура
Почина Блаже Алексоски – Глумецот
Почина Блаже Алексоски – Глумецот (1933 – 2015), актер во пензија од театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Посмртните останки на Алексоски се погребани во вторник на Градските гробишта во Прилеп.
Тој замина, но неговото дело, улогите што ги оствари во театар, книгите што ги напиша ќе останат врежани во македонскиот театар и литература, наведуваат од неговата матична театарска куќа. Целиот свој живот му го дари на театарот. Прво како аматер во драмската секција. Бил еден од основачите на театарот во кој се вработил 1953 година и го дал својот придонес сé до неговото пензионирање. Одигра голем број улоги: Луков во Чашулевата „Црнила“ Омер во „Робот и агата“ од Чернодрински, Ристе во „Мангите пијат чај“ .. Но остана запаметен по улогата „Татко“ од Стринберг, која некако му лежеше на срце и често знаеше да ја потенцира. Оствари и завиден број режии на театарски претстави, пред се на битови драми, меѓу кои на Бегалка, Печалбари, Антица… За своите актерски реализации Алексоски се здоби и со признанија на МТФ „Војдан Чернодрински“ како и со наградата за животно дело на овој фестивал. Всушност ќе остане забележено дека е првиот лауреат на ова угледно фестивалско признание од прилепскиот театар. За неговиот придонес за театарот признание му оддаде и општина Прилеп.Малкумина актери во земјата пројавуваа склоности кон пишуваниот збор, односно се занимаваа со литература, драматургија, проза, историски хроники. Алексоски беше еден од ретките. Во последните години стана вистински хроничар на Прилеп. Како драматичар дебитираше со пиесата „Итроман Пејо“, а напиша уште десетина драмски текстови, меѓу кои и „Колобан“ по кој се играше и истоимената претстава во театарот. Ги напиша и делата „Аџи Христо Логотет“, „Тале Мелезот“, романот „Ах“, „Прилепските прекари“, а остави зад себе и необјавени творби.Ќе остане запаметен дека драмската сцена ја исполнуваше со фини и непосредни тонови, со една специфична мекост и непосредност, со многу топлина и шарм, оставајќи впечаток пред се со чистата и лична дикција, со природната и доживеана игра, со изостреното чувство на вајање на деталот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Излезе од печат стихозбирката „Гороцвети“ од Зора Златева
Книжевниот трезор во Охрид е побогат за уште една стихозбирка.
Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“Охрид излезе од печат третата стихозбирка „Гороцвети“ од роднокрајната авторка Зора Златева.
Над триесетте песни и уште петнаесеттината минијатури се потврда за творечкиот и стилски растеж на поетесата Златева и се огледало на нејзиниот хабитус и ракурс на животот.
Дел од песните се лична експресија запишана на хартијата а останатите се собирани духовни приказни од околината и нечии судбини кои биле доволно инспиративни за авторката за таа да ги преточи во песни.
Претходно Златева во 2022 ја издаде стихозбирката „Блесок“ и две години подоцна „Сон“ а со свои песни е често застапена во збирки поезија издадени во Охрид и низ целата држава.
„Гороцвети“ веќе можете да ја зајмите во Библиотеката во Охрид.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.

На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.

На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.

На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.

