Македонија
Сеизмолошката опсерваторија опстојува со добра волја на вработените
Ретко кој од граѓаните, па и скопските таксисти, знае каде се наоѓа Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, иако инстуцијата е основана и се наоѓа на истото место од 1957 година. За да стигнете до таму треба да ги поминете кривулестите патчиња на североисточниот дел на Водно, а потоа да поминете низ неасфалтиран пат.
Пишува: Фросина Факова – Серафиновиќ
Објектот е стар и речиси воопшто нереновиран од неговото основање. Локацијата на опсерваторијата ја избрал познатиот југословенски сеизмолог, Јеленко Михајловиќ. Требало да биде далеку од градот за да не се бележат евентуални амбиентални вибрации кои би создале лажна слика за јачината на земјотресот.
Опсерваторијата е направена на висечки под, под него има уште четири метри надолу, така што целиот сеизмограф е во допир со консолидирани стени, кои не се во контакт со почвениот слој којшто може да ги зголеми осцилациите во време на земјотрес.
Опсерваторијата ја посетивме неколку дена по силниот земјотрес што се случи во Скопје со магнитуда од 5,3 степени според Рихтеровата скала. Таму нé пречекаа три жени, вработени во Опсерваторијата како сеизмолози кои седеа пред екраните и ги анализираа добиените податоци за регистрираните земјотреси кои неколку дена го тресеа Скопје. Токму кон овие три жени, особено кон раководителката на Опсерваторијата, Вера Чејковска беа вперени очите на јавноста во неделата и неколку дена потоа. Тие беа единствената надеж за скопјани, да ги смират во налетот на паника од потресот, да им кажат колку степени бил земјотресот и дали ќе има други земјотреси, кога конечно ќе се смири скопското тло.
Овој град досега трипати се уривал, во 518 година, во 1955 година и во 1963 година. Како што објаснува раководителката Чејковска, скопското епицентрално подрачје е едно од триесетте епицентрални подрачја во Македонија и едно од поактивните. На територијата на целата скопска котлина има една мрежа на раседи, земјотресни жаришта од кои многу се активни, а најризичен е скопско–ќустендилскиот расед. Има раседи кои го сечат овој расед и се, исто така, тектонски и сеизмички активни.
Иглата излетала од сеизмографот за време на катастрофалниот земјотрес
Катастрофалниот земјотрес од 1963 година, за кој има живи сведоци, сеизмолошката опсерваторија го дочекала со механичките сеизмометри, првите што биле поставени при основањето на Опсерваторијата. Овие сеизмометри се механички инструменти без каква и да е електроника внатре. Има физичко нишало тешко 450 килограми и на него е ставена игла, а долу на цилиндер кој се врти, е ставена начадена хартија. Кога ќе се случи земјотрес, целото куќиште на сеизмографот се тресе, а нишалото извесно време останува мирно и така се бележи тресењето на тлото.
Механички сеизмометар кој работел за време на катастрофалниот земјотрес
Кога се случил силниот земјотрес работел едниот од двата механички сеизмографа, но од јачината на земјотресот излетала иглата и скопската опсерваторија нема запис од овој земјотрес. Записи биле донирани од други опсерватории, а во целата паника и хаос тогашниот директор на Опсерваторијата оспособил еден од сеизмографите за да се следат другите земјотреси.
Во инструменталната сала во Сеизмолошката опсерваторија се сите генрации на сеизмолошки инструменти, и тие што се употребуваат и тие што не се употребуваат. По катастрофалниот земјотрес механичките сеизмографи се заменети со инструменти од втората генерација, пасивни електромагнетни сеизмометри со галванометриска регистрација со проект од Академијата на науки на тогашниот Советски сојуз.
Овие сеизмометри се користеле до крајот на седумдесеттите, почетокот на осумдесеттите години, кога почнува развојот на пасивни сеизмометри со дигитална регистрација. Овие сеизмометри почнуваат се користат во Македонија во деведесеттите години. Од средината на деведесеттите години, некаде од 1995 година, во функција влегуваат активните сеизмометри кои ги бележат добро сите сеизмички бранови со сите периоди. Тие се поврзани во телеметриска мрежа со околните сеизмолошки станици и сите осцилации се бележат на екран. Во 2011 година Опсерваторијата добила два најсовремени сеизмометри, еписензори, но тие не се користат, бидејќи нивното активирање и поврзување со нови дигитајзери мора да го направат самите конструктори.
„Не сме биле во финаниска можност да го донесеме конструкторите кои може да ги оспособат еписензорите. Едниот еписензор функционира посредно, односно записите се праќаат во Виена, каде опсерваторијата има лиценца да ги обработи, и потоа се враќаат во Скопје“, вели Чејковска.
Сеизмологот Јасмина Најдовска ги вчитува податоците на сеизмометрите со дигитална регистрација
Иако сега се користат сеизмометрите со дигитална регистрација, сепак опстануваат во функција и старите механички сеизмометри, во случај ако снема струја или ако се случи нешто, да се направат записи од евентуален силен земјотрес.
Во Опсерваторијата работат само четворица сеизмолози
Земјотресот којшто го погоди Скопје во неделата е најсилен земјотрес од земјотресот што се случил во 1963 година, кога цел град беше разурнат. Во изминатите години скопското епицентрално подрачје беше релативно мирно без некои посилни земјотреси. Требаше да се стресе Земјата за јавноста да дознае дека некој постојано ја следи активноста земјината кора и ги регистрира земјотресите во Македонија и во светот.
На Природно математичкиот факултет во Скопје има студиска програма по геофизика, во чии рамки е вклучена и сеизмологијата, но веќе десет години наназад нема ниеден запишан студент.
Во Опсерваторијата моментално работат четворица сеизмолози, еден инженер за сеизмолошки инструменти, хигиеничар и домаќин возач. До минатата година имало вработено и информатичар, но тој си заминал, па сега сеизмолозите се снајдуваат со она што го знаат и соработуваат со информатичарот кој си заминал, но им излегува в пресрет. Сеизмолозите мора да бидат и технички секретари и да ги покриваат сите административни потреби на Опсерваторијата.
Раководителот на Сеизмолошката опсерваторија, Професор Вера Чејковска
„Излегува дека сеизмологијата се популаризира само тогаш кога ќе настапи земјотрес, што е многу погрешно. Вие треба да се подготвувате цело време и да создавате кадар за ситуациите кога ќе настапи земјотресот. Значи младите едноставно некако го губат интересот за природните науки, ориентирани се кон професиии кои кои носат непосреден профит. Ако се распише конкурс за примање нови кадри не знаеме кој би се јавил, дали би нашле заинтересирани физичари геолози. На Универзитетот ‘Гоце Делчев’ има програма по геофизика на рударско-геолошкиот факултет, има студенти кои се таму завршени, но за жал многу од нив отидоа во странство. Од 2012 година, кога беа примени двајца магистри по геофизика, немало конкурс“, вели Чејковска која наскоро треба да се пензионира.
Една од сеизмолозите ќе замине на трудничко боледување, и со пензионирањето на раководителот, во Опсерваторијата би останале да работат само двајца сеизмолози.
Според неа мора да се примат нови луѓе кои би се обучиле и би продолжиле да работат. За да се одржува опсерваторијата и нејзините пет станици низ Македонија, потребни се најмалку 15 вработени, седум до осум сеизмолози, а останатите би биле технички персонал.
До 2002 година Опсерваторијата била директно поврзана со Министерството за финансии, но од 2002 година со донесувањето на Законот за укинување на малите буџетари, средствата се префрлаат преку Природно математичкиот факултет, преку ректоратот до Министерството за образование.
„Се покажа дека таа врска не е ефикасна и ние многу често сме се обраќале директно до Министерството за образование и мораме да кажеме дека сме наишле на добри одговори. Се префлрлија одредени средства и ќе се разгледува случајот на сеизмолошката опсерваторија за насочено финансирање, годишно финансирање директно до опсерваторијата“, вели Чејковска .
Немаат возило оти ректорот нашол ситна административна грешка
Опсерваторијата, како што вели Чејковска, е оставена на добрата волја на вработените и инвестирање од нивните мали плати. Одат на пат со сопствени пари бидејќи возилото што им го доделило Владата по иницијатива на Претседателот Ѓорге Иванов, една ипол година не се користи бидејќи ректорот Велимир Стојковски ја стопирал постапката поради ситна административна грешка.
„Добивме возило од Агенцијата за одземен имот, за што Владата донесе решение. Тоа беше упатено до ректоратот, но секако наменето за Сеизмолошката опсерваторија. Тогаш ректорот најде за сходно да се фати за еден административе наводен проблем , дека барањето за возилотот не поминало преку ректоратот. Поради тоа возилото стои и не се користи. Извесно време шоферот со неговиот автомобил го праќавме по станиците, сега колешката Драгана Черних патува дење-ноќе по планини и котлини каде што се станиците да собира податоци. И до факултет одиме со приватни возила и веќе ни се канта. Сеизмолошката опсерваторија работи со наша добра волја и со инвестирање од малите плати“, вели Чејковска.
Деканатот на ПМФ им излегува пресрет за тековни проблеми, но како што вели Чејковска нема некоја појака акција ниту од ПМФ , ниту од ректоратот. Велат дека Владата им излегува во пресрет, но за сй што им треба се обраќаат самите до нив.
Од осамостојувањето на Македонија, опсерваторијата пропаѓа, драстично е намален буџетот за научна дејност за природните и техничките науки, смета Чејковска.
„Ако во поранешна Југославија буџетот за научна дејност се движеше од еден два процентa, за развиените држави тој буџет надминуваше и до пет отсто, нашиот сега е во децимали, мислам дека 0,11 отсто. Тоа се многу малку пари за да се одржува инерсот на за наукитре и потоа новосоздадените кадри да се задржат . Тоа не е проблем само за сеизмолошката опсерваторија тука за цела наука во Македонија“, додава Чејковска.
Земјотрес не може да се предвиди, но може да се гради безбедно
Токму обединувањето на науките кои ја изучуваат оваа област, сеизмологија, инженерска сеизмологија, земјотресно инженерство и прописите за асеизмички градби ќе ги намалат последиците од евентуален силен земјотрес. „Треба да се гради безбедно на територијата на Македонија и граѓаните конечно да ја разберат појавата на земјотрес и како да се заштитат“, смета Чејковска.
Сеизмолошката опсерваторија многу често се меша со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
„Јавноста го перцепира ИЗЗИС како одговорен за сите области од сеизмологијата, но тоа не е точно. Опсерваторијата е првата сеизмолошка институција, а ИЗИИС е формиран на предлог на Опсерваторијата, Владата и УНЕСКО во 1964 година како дел од градежниот факултет, а потоа се осамостои. Сеизмолошката опсерваторија е задолжена за непрекинато следење на сеизмичката активност на територијата на Македонија и пошироко, стекнување сознанија за сеизмичката активност и една многу важна обврска известување на јавноста за почувствуваниете земјотрес. Кога ќе се случи земјотрес во паниката да се каже каде е земјотресот, каде се случил, инаку можете да ја добиете целата Република на нозе. Имаме податоци наназад со децении и макросеизмички податоци кои ги имаме собрано од пред 2.030 години. Сите тие податоци ги обработуваме или сами или заедно со ИЗИИС. Нашите податоци беа користени да се состави карта на сеизмички хазард или ризик. Таква карта имаше и порано и сега таа ќе биде обновена. Врз основа на таа карта кај нив има градежници кои се обучувани во таа насока да проектираат градби отпорни на земјотрес“ вели Чејковска.
Скопското подрачје се смири, но сеизмолозите не можат да предвидат што ќе се случува.
„За жал, навистина не знаеме што нé очекува, треба да бидеме спокојни, градбите во Скопје се сигурно изградени. Граѓаните треба да се спокојни да не создаваат паника, беа дадени препораки кога ќе се случи земјотрес да си останат на местото каде што се наоѓаат, да не бегаат во лифтови, да не трчаат по скали. Е сега, ако се случи уште еден земјотрес, ќе се случи истото, градбите ќе издржат. Сега тука не знаеме за оние стари куќи градени пред земјотресот. Инаку сите градби се изградени да издржат магнитуда 6,1 како што беше скопскиот“, порачуваат сеизмолозите.
Не е точно утвдено колку време траел најсилниот земјотрес деновиве, но како што објаснува професорката, ако земјотресот го набљудувате одблиску, тој трае кратко, колку повеќе се оддалечувате од епицентаротсеизмичките бранови се подолги. Земјотресот најпрво се чувствува како вертикален удар, земјата се збива и растега, ако сте блиску до епицентарот. Ако сте далеку тресењето се чувствува како нишање.
Земјотрес сé уште со точност не може никој да предвиди, но она што произлезе деновиве како единствен заклучок е дека сеизмолозите ќе ја следат активноста земјата, но граѓаните ќе бидат безбедни единствено ако се градат објекти отпорни на земјотреси./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалничката на Кисела Вода Стаменкоска-Трајкоска со акција за пошумување
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес учествуваше во акција за пошумување, организирана од Општина Кисела Вода, во непосредна близина на Паркот на шахот, во населбата 11 Октомври – Бараки. Во рамките на активноста беа засадени дваесет нови дрвја, како почеток на серија акции за дополнително зазеленување и унапредување на животната средина во општината.
Дрвјата се донација од Централна кооперативна банка АД Скопје, која со овој чин уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност и поддршка за еколошките иницијативи на локалната самоуправа. Дел од вработените во банката денес беше заедно со градоначалничката на терен, придонесувајќи кон реализацијата на оваа значајна акција, велат од општината.
-Со денешната активност ја потврдуваме нашата заложба за континуитет во создавањето поубава, позелена и почиста Кисела Вода. Пошумувањето и уредувањето на зелените површини ќе бидат еден од моите приоритети во управувањето со општината, бидејќи зеленилото значи подобар квалитет на воздухот, поубава околина и поздрав живот за нашите сограѓани. Благодарна сум на Централна кооперативна банка АД Скопје што го препозна значењето на оваа иницијатива и даде свој придонес кон позелената иднина на нашата општина. Ваквите партнерства се од големо значење. Кога институциите, компаниите и граѓаните делат исти вредности, резултатите се видливи и трајни- изјави Стаменкоска-Трајкоска, додавајќи дека посветеноста на хигиената, уредноста и зачувувањето на јавните површини ќе оди рака под рака со нови проекти за пошумување, создавање мини паркови и ревитализација на постојните зелени зони.
Македонија
Кожуф добива нова зимска атракција – патека долга 1200 метри
Во Ски-центарот „Михајлово“ се гради нова скијачка патека долга 1200 метри, на надморска височина од 1400 метри, заедно со нов ски-лифт и уште две дополнителни ски-стази.
Според градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, овој проект претставува силен развоен чекор за зимскиот туризам и планинските спортови во регионот, а Кавадарци ќе стане задолжителна зимска дестинација.
Отворањето на новата патека е планирано за 1 јануари 2026 година, со што Кожуф добива „нова зимска енергија“, напиша Јанчев на својот профил на „Фејсбук“.
Македонија
УЈП на највисокиот европски самит на даночни администрации – ТАДЕУС
Во рамки на заложбите за унапредување на учеството на Управата за јавни приходи на меѓународно ниво, директорката на УЈП м-р Елена Петрова, заедно со помошник директорката Тања Анчевска, учествуваа на ЕУ Самитот на даночни администрации ТАДЕУС, организиран од Европската комисија и Данската даночна агенција.
На настанот се собраа шефовите на даночните администрации од земјите членки на ЕУ и други земји кандидати за членство во ЕУ. Главна тема на самитот беше градењето робустни даночни администрации во светот што се менува, со акцент на новиот пејсаж на ризици, како сајбер и хибридни напади, природни катастрофи, пандемии и други вонредни настани како војни и сл., кои произлегуваат од експанзијата на технологии, глобалната поврзаност, климатските промени, геополитичките состојби и др. Собирањето на даночните приходи е круцијално за добросостојбата на општеството, а даночните администрации треба да бидат отпорни и прилагодливи на сите состојби за да ја остваруваат без прекин својата функција за собирање на приходите и одржување на буџетската ликвидност.

Во своето обраќање директорката нагласи дека еден од главните предизвици на УЈП е дигиталната трансформација која не може да се одвои од прашањето за заштита на податоците, човечките и материјалните ресурси од уништување, злоупотреби и сл. Покрај глобалните предизвици, УЈП има и специфични ризици поврзани со општествено-политичкиот и економскиот контекст во земјата. Сериозни ризици, нагласи директорката, носи сивата економија која вклучува и прекугранични трансакции и онлајн активности, што бара засилена меѓународна соработка, размена на податоци и административна помош меѓу земјите.
Присуството на УЈП на овој самит има големо значење, не само потврдувајќи ја посветеноста на УЈП за унапредување на регионалната и меѓународната соработка, туку и овозможувајќи активно учество на УЈП во воспоставувањето глобални стандарди и практики на даночната администрација. Така УЈП станува рамноправен фактор во мрежата на даночни администрации кои се соочуваат со заеднички предизвици и бараат иновативни решенија за одржливост и континуитет во време на промени.

