Македонија
Спасовски: Потребна е професионална и департизирана полиција
Граѓаните очекуваат полицијата да ги извршува задачите во согласност со највисоките стандарди и да е прва во почитувањето на истите. Полицијата мора да ја заслужи довербата од граѓаните, а довербата може да ја заслужи само доколку покаже апсолутна професионалност правичност и чесност во извршување на своите задачи.
Ова го истакнал Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во своето поздравно обраќање пред почетокот на работилницата тематски насловена како „интегритет, планирање и менаџирање“ што денес, во организација на ДЦАФ (Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили) а во рамки на проектот Градење на полициски интегритет, се одржува во хотел „Холидеј ин“.Според Спасовски од особена важност за Министерството за внатрешни работи е полициските службеници добро да го познаваат Прирачникот за полицискиот интегритет и да работат на негово континуирано унапредување. „За таа цел заедно со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили се спроведува и овој Проект во насока на изготвување на квалитетен и сеопфатен План за интегритет“, рече Спасовски.Тој потенцираше дека со стапувањето на оваа функција се соочил со злоупотреби на одредени вработени и затоа императив во неговото работење биле моралните вредности и интегритетот на вработените.„Со моето стапување на функцијата министер во ова министерство, соочувајќи се со конкретни слабости и злоупотреби на овластувањата на некои вработени во министерството, одлучив еден од императивите на моето понатамошно работење да биде јакнењето на интергритетот на вработените во Министерството. На Република Македонија и на сите граѓани им е потребна професионална департизирана полициска служба, со високи морални вредности и со високо ниво на интегритет. Само таква полициска служба може да биде гарант за заштита на човековите права и слободи и само таква служба ќе ја заслужи довербата и почитта на сите граѓани на оваа држава“, додаде Спасовски.Целта на работилницата е запознавање на менаџерскиот кадар на МВР со драфт верзијата на Планот за интегритет и добивање повратни информации, забелешки и коментари во врска со истиот, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.
Македонија
Појава на магла и намалена видливост во околината на Дебар
АМСМ информира дека во околината на Дебар има појава на магла и намалена видливост до 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.

