Култура
Почина Томас Шаламун, добитник на „Златен венец“ на СВП
Почина Томаж Шаламун, еден од најзначајните и најпознатите словенечки поети, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2009 година. Шаламун починал во саботата во Љубљана, соопштуваат од Струшките вечери на поезијата.
Роден е во 1941 година во Загреб, Хрватска, а кој израснал во Копар, крајбрежен град во Словенија, јужно од Трст. Тој се смета за еден од големите повоени поети од централна Европа. Во 1966 година дипломирал историја на уметност на Универзитетот во Љубљана, но една средба со словенечкиот поет Дане Зајц го насочила по патот на поетското творештво. Шаламун бил водечка личност во словенечката поетска авангарда во 60-те и 70-те години од дваесеттиот век. Во 60-те години учествувал во различни студентски движења; во 1964 година бил затворен поради напис во ревијата Перспективи, во кој ја критикувал културната политика на тогашниот режим. Бил ослободен по неколку дена, благодарение на протестот на неколку значајни словенечки интелектуалци од тоа време. Истовремено, се запознал и со поетот и политичкиот дисидент Едвард Коцбек, кој извршил влијание врз него во поглед на потрагата по сопствен поетски израз.
Во раните 70-ти поминал две години во Ајова во рамки на Меѓународната програма за писатели, и оттогаш повремено живее и во САД. Шаламун работел како визитинг професор на универзитетите во Алабама, Тенеси, Џорџија, Масачусетс, Питсбург и Ричмонд. Во 1996 година станал културно аташе во словенечкиот конзулат во Њујорк и поминал неколку години на фунцијата.
Во своите почетоци, Шаламун бил под влијание на модерната словенечка поезија (Едвард Коцбек, Дане Зајц и Сречко Косовел), на францускиот симболизам и српскиот надреализам (Васко Попа). Во почетокот на 70-те, му се доближил на поетсиот израз на американската Бит генерација и њујоршката поетска школа (Џон Ешбери, Френк О’Хара). Читањето на Борхес, заедно со мексиканското искуство (живеел во Мексико од 1979 до 1981 година) го довеле Шаламун поблиску до латино-американската и до шпанската традиција; за него било многу значајно откривањето на творештвото на перуанскиот поет Сезар Ваљехо, како и на мистицизмот на барокот, претставен преку Сан Хуан де ла Круз.
И 80-те години претставуваат пресвртница, окарактеризирана со приближувањето кон деконструкцијата. Сепак, во средината на 80-те, во поезијата на Шаламун се враќа влијанието на мистицизмот и барокот, овој пат модифицирано низ едно лаканово толкување. Во овој период, поетот почнува да покажува интерес за Кабалата, хебрејскиот мистицизам на Гершом Шолем и за персискиот поет Руми.
Објавил 42 збирки поезија на словенечки. Благодарение на поетското богатство на своето творештво, Шаламун е еден од најплодните, најголемите претставници на современата словенечка поезија, а неговото поетско творештво е преведено на дваесетина јазици. Со своето творештво отвора поетски изрази и и ќе отвори поетски простори кои за целокупната словенечка, но и целокупната современа европската поезија.
Одбегнува да пишува во прво лице, при што поетското е скриено во јазикот, во скриениот раскажувач, кој говори преку вештата измена на асоцијации, со ненаметлив, ироничен и потсмешлив говор, така што никогаш не ја искажува песната непосредно од себе, туку со гласот на незаинтересиран поет, кој си игра пред очите на читателите. Постојано изнаоѓа соодветна и неповторлива структура за своите стихови, што е своевиден белег за неговото неговото творештво.
Добитник е најзначајните литературни награди во Словенија, како Јенковата, Прешерновата, наградата Младост, но и на редица меѓународни награди, меѓу кои и на „Златниот венец“ на СВП во 2009 година. Беше член на Словенечката академија на науки и уметности./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вечер на новоприбрани архивски материјали во Кинотеката
На 27 декември, сабота, со почеток во 20 часот, во Кинотеката ќе се одржи Вечер на новоприбрани архивски материјали, во која ќе бидат прикажани дел од филмовите набавени во 2025 година преку откуп на материјал или меѓу-архивска размена. Проекцијата на оние филмски материјали кои намаат звук ќе бидат прикажани со музичка придружба во живо на ИВЛ.
Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Филмскиот архив (односно Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали) при оваа институцаја е токму прибирањето на филмови и филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Кинотеката години наназад води истражување, идентификација, пронаоѓање и прибирање на филмови и филмски материјали кои се однесуваат или се снимени во Македонија со цел збогатување на збирките, фондовите на кинотека и нивно зачувување.
Вечерта на 27 декември, сабота, ќе бидат прикажани дел од набавените архивски материјали – репортажите на „Филмске новости“ и патеписната репортажа „Од Сава до Вардар“ преземена од Белгискиот филмски архив.
Музичка придружба: ИВЛ.
Влезница: 150 мкд.
Култура
„Виртуози на хорна“ – завршен концерт на јубилејното издание на Скопскиот брас-фестивал
На 29 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во малата сала на Филхармонија ќе се одржи концертот „Виртуози на хорна“, последниот настан од петтото јубилејно издание на Скопски Брас Фестивал.
Покрај домашниот хорнист Благоја Василевски, на концертот ќе настапат и реномирани музичари од регионот: Михајло Булајиќ, прва хорна во Лондонски симфониски оркестар и Оркестарот на РТВ Словенија, Никола Чириќ, прва хорна во Белградска филхармонија, Илир Кодима, прва хорна во Косовска филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Тирана, како и Милан Роксандиќ од Театарот во Нови Сад.
Настанот претставува пример за меѓународна соработка и културна размена, со фокус на камерната музика за хорни и современ пристап кон брас сцената во регионот. Публиката ќе има можност да слушне програма што ги истакнува изразните можности на инструментот, со дела од класичниот репертоар и божиќни аранжмани за ансамбл хорни.
На програмата се најавени „Унгарска рапсодија бр. 5“ од Јоханес Брамс, „Радецки марш“ од Јохан Штраус, како и избор на божиќни композиции во аранжмани за хорни.
Култура
Белград се сеќава на Зафир Хаџиманов: музичка вечер во македонскиот КИЦ
Македонскиот КИЦ во Белград во своите простории на Македонска 30, на 26 декември 2025 година во 19 часот, организира музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов.
Настанот ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, со краток осврт за културата на сеќавање кон големиот бард на културата Зафир Хаџиманов, за огромното културно наследство кое го остави како на македонската, така и на српската култура.
„Јас сонувам, јас творам, јас водам љубов на двата јазика”, знаеше често да каже Зафир, во неговите интервјуа за српските и македонските медиуми.
Вечерта посветена на Зафир Хаџиманов, ќе започне со неколку одбрани музички инсерти и грст фотографии, меѓу кои неколку и за првпат јавно презентирани, а ќе продолжи со интимен концерт посветен нему, со неговите најблиски, Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.
Потретот на Зафир Хаџиманов е инициран и организиран од македонскиот КИЦ во Белград и поддржан од Министерството за култура и туризам.
Зафир Хаџиманов е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го добиле синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар. Значаен е како пејач кој настапувал на голем број фестивали, композитор, поет и актер, со препознатлив придонес во македонската и српската култура, особено преку спојот на традиционалните македонски музички елементи со современи и популарни форми. Во 1991 година, Хаџиманов бил еден од основачите на друштвото за македонско-српското пријателство „Шар Планина“ и на здружението на Македонците во Белград, „Македониум“. Поради неговите заслуги за промоцијата на македонската култура во Србија, во 2007 година, тој бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Хаџиманов почина на 27 март 2021 година, на 77-годишна возраст, од компликации предизвикани од Ковид-19. Постхумно беше одликуван со „Златен медал за заслуги“ од претседателот на Србија, како и со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ од претседателот Стево Пендаровски, за неговиот исклучителен придонес во уметничкото и музичкото творештво.

