Култура
`Прес ту егзит` учествува на Contemporary Istanbul
Проектниот простор Прес ту егзит учествува на 7-мото издание на Contemporary Istanbul, прв и најголем уметнички саем во Турција кој ќе се случува во периодот од 22-25 ноември, 2012 година, во Конгресниот и изложбен центар (ICEC) на Истанбул.
Саемот ќе понуди презентација на широк спектар на уметнички дела од околу 600 уметници и 100 домашни и интернационални галерии и непрофитни организации. Низ посебната селекција Нови хоризонти (New Horizons: Central & Eastern Europe), во чиј фокус се современите уметнички практики од Централна и Источна Европа, Contemporary Istanbul ќе се најде во улога на домаќин на многубројни галерии, куратори, издавачки куќи, критичари и колекционери од регионот.
Свое претставување на саемот, проектниот простор Прес ту егзит ќе има преку делата на осум македонски уметници во рамки на проектот „Каде да (не) одиме?“ („Where (not) to go?“) кој се однесува на шпекулативните поими на нарацијата, како историски, така и лични.
Изложбата „Каде да (не) одиме?“ е една од етапните презентации на развојниот кураторски проект на Јане Чаловски кој се реализира во рамки на кураторските активности на проектниот простор Прес ту егзит.
Во рамки на проектот ќе бидат претставени делата на уметниците Јане Чаловски, Инес Ефремова, Христина
Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Владимир Лукаш, Игор Тошевски и Велимир Жерновски. Избраните уметници се поврзани во кохезивен колектив, пред се, преку политичките и социјалните аспекти на нивните селектирани дела.
Како да се зборува за она што се случило во минатото, она што допрва ќе се случи како резултат на истото, како и за сите релевантни проекции за тоа како историјата ќе се трансформира во линеарни / нелинеарни приказни во годините што доаѓаат? Каква ќе биде користа од уметничките практики кои се занимаваат со историски толкувања, фактички истражувања и објектификација на употребата на наративни форми, било да станува збор за она што веќе е познатото, или шпекулативно?
Каков е односот на публиката, кон уметничките практики кои се обидуваат да не информираат за исчезнатите линкови, за заборавените или незабележани историски епизоди кои се поврзани или се однесуваат на нас, додека имаме амбивалентен однос кон конфронтирачките морална влакна на сегашноста? Во исто време, како ние, со нашата кураторска одговорност, можеме да се застапуваме за идејата дека “современата историја (е) основен елемент на современите уметнички практики“, на кој начин ги читаме, ре-контекстуализираме и како се однесуваме кон зборовите и делата на уметниците кои се обидуваат – на достатно убедлив начин – да дадат свежи погледи и визии на скорешните истории, како во дијалектичка, така и во идеолошка смисла?
Ова се само некои од многуте прашања кои произлегуваат од текот на истражувањето на темата за личната одговорност во однос на идеолошките конструкции и линеарна историски двосмислености./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

