Македонија
Обвинетите од „Дива населба“ бараат предметот да го преземе Катица Јанева
Одбраната на обвинетите за тероризам за мајските инциденти во кумановската населба „Дива населба“ на седницата за оценка на обвинителниот акт побара изземање на обвинителот од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција и предметот да го преземе Специјалното обвинителство.
Според одбраната, овој предмет произлегувал од незаконско прислушуваните разговори. Судскиот совет, составен од судиите Огнен Ставрев, Јани Нича и судијката Љубинка Башеска, иако им образложи на бранителите дека судот не е надлежен за ова ниво барање,сепак, решаваше за ова и одлучи ова барање да биде испратено на повисоко ниво, односно до Јавното обвинителство.Адвокатот Насер Рауфи рече дека иако седум месеци обвинетите се во притвор на никого не му бил дозволен увид во списите на предметот и никој не видел никакви докази. Дел од обвинетите имале здравствени проблеми и еден од адвокатите побара да се утврди нивната здравствена состојба. Еден од обвинетите стана и се пожали до судот дека „ногата му била за операција“ и имале тешки телесни повреди Јавната седница за настаните во Куманово се одржува во големата сала во Врховниот суд, за да се соберат сите 29 обвинети за тероризам. Пред влезот на судот беа насобрани роднините на обвинетите, а сите згради во судот ги обезбедуваат полицајци и специјалци. Новинарите пред влезот беа детално претресувани и судењето започна со речиси еден час задоцнување. Обвинителот Наум Пановски прочита краток дел од обвинението за нападот на полициската станица Гошинце и за настаните во Куманово.Според обвинението, вечерта на 9-ти мај припадниците на Единицата за специјални задачи постапувале по судска наредба за вршење на претрес со цел да ги лишат од слобода лицата инволвирани во инцидентот во Полициската станица Гошинце. Приближувајќи се кон објектот каде требало да извршат претрес вооружената група фрлила рачна бомба кон полицајците. Потоа пукале со автоматско оружје и снајпери, а борбите траеле цела вечер и другиот ден. Следниот ден вечерта голем дел од групата биле приведени, а 18 од нив носеле униформи на УЧК.Во судот се појавија водачите на група Сами Укшими, командант Соколи и Мухамед Красниќи, командант Малишева, додека другите двајца водачи Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, официјално, загинаа во борбите. Во јавноста се појавија информации дека разузнавачи од македонските тајни служби биле вмешани во договарање на инцидентите во Куманово, а се објавија и разговори меѓу Ндрецај и агент од македонските тајни служби.Во инцидентите во Куманово загинаа осуммина полицајци и десетмина припадници на вооружената група. Судскиот совет за оценка обвинението треба да одлучи дали ќе го прифати обвинителниот акт против групата./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

