Култура
‘„Божилак“ успешно го афирмира македонскиот јазик во Австралија
Како пример за тоа како се чува и негува македонскиот јазик преку уметноста и во Австралија , е и македонското училиштето за сценски уметности (МУСУ), „Божилак“. Тоа веќе 4 години работи под раководство на директорката Дона Димовски Кантаровски и нејзината соработничка Вера Трајкоски.
Потребата од негување и зачувување на македонскиот јазик како едно од најважните обележја на македонската нација е огромна. Како во земјата така и во дијаспората треба да биде грижа на секој поединец за да го истакне, афирмира своето потекло и идентитет. Познавањето на јазици е клуч кон иднината и отвора нови врати и патишта,се зајакнуваат уште повеќе меѓуетничките односи и се зголемуваат шансите за блиска соработка со други нации на сите полиња. Како пример за тоа како се чува и негува македонскиот јазик преку уметноста и во Австралија , е и македонското училиштето за сценски уметности (МУСУ), „Божилак“. Тоа веќе 4 години работи под раководство на директорката Дона Димовски Кантаровски и нејзината соработничка Вера Трајкоски.Дона е истакнат дипломиран драмски уметник од Македонија која од 1998 г. живее и твори во Австралија. Големата љубов кон драмата, глумата и јазикот, ја спроведува и на професионален план како наставничка по драма и Македонски јазик, раководител на нејзиното училиште за сценска уметност ‘Божилак‘ и актерка во познатиот театар Бумеранг.Нејзината драмска кариера и глумечко искуство го покажува како студент во Театарот за Драма , Скопје каде ја одигра водечката женска улога Миранда во претставата на Шекспир, ‘Бура” а подоцна се вработува како професионална актерка во Битолскиот народен театар. Во Народниот театар Битола настапува во повеќе од 30 претстави од кои позначајни се улогите во познатите драми „Магбет, „ Куќата на Бернарда Алба, „Мајсторот и Маргарита” (Маргарита) „Бегалкa”, „‘Убиј за пари” и многу други тв серии. Во текот на својата актерска кариера има добиено голем број признанија од кои позначајни се наградите за Најдобар млад актер ‘Трајко Чоревски‘ за улогата Ленче во драмата Бегалка од Васил Иљоски (НТ Битола), и најдобро актерско остварување во драмата „Мајсторот и Маргаритаж“ за улогата Маргарита (НТ Битола).Во Австралија, исто така, го продолжува своето актерско патешествие и настапува во драмски театри “Homeland”- Mother, 1998, N.M.I.T, “ The Large Breast or The Upside Down Bell”-Woman, 1998 N.M.I.T, Pomegranate Theatre (Fringe Festival) 2001, “The Medusa Stare”-Medusa , “Unprotected Zone”-Actor, 2004, VCA, Postgraduate Short Work (school of Dance). Оваа година ја очекуваат неколку професионални проекти од кои еден е во соработка со Ла Мама Театарот за претставата”Sarajevo Suite”.Нејзиното огромно искуство како професионален актер, денес го користи и спроведува за афирмирање на македонскиот јазик во Австралија преку сопственото училиште за сценски уметности, „Божилак‘.Училиштето за драмски уметности досега веќе ги има припремено прекрасните детски претстави „Божикна желба“ (2007)- „Пинокио“ (2008) за која доби признание од Викториското училиште за јазици, „Црвенкапа“ (2009) „Волшебникот од Оз“ (2010/2011).Овие претстави се многу барани и се прикажуваат како дел од програмите во сите училишта каде се предава Македонски јазик.Дона како драмски уметник, наставник по македонски јазик и драма, длабоко верува дека драмата , јазикот и уметноста можат да опстојуваат на австралиско тло.Таа вели: „Да, драмата изведувана на Македонски јазик е присутна и може да зазема посебно место и овде во Австралија. Пример за тоа се многубројните драмски претстави, театарски претстави за деца, кои се изведуваат во текот на целата година низ цела Австралија. Јазикот е наша главна преокупација и обрнуваме посебно внимание да драмите се изведуваат на Македонски. На тој начин сакаме да се зачува јазикот во драмата на кој и ќе се подучуваат нашите идни генерации. Преку уметноста (музика, песна,театарски претстави), тоа најлесно и најефективно се постигнува. Затоа мислам дека треба поинаку да се разбере театарската дејност, посебно во Австралија.Треба да се признае дека е дел од животот на луѓето, да се даде кредит за се што се прави и ќе се прави во иднина кое без помош на нашата Македонска заедница би било неостварливо. Замислете да ја нема една Дона Д. Кантаровски или Мише Автаровски? Или воопшто да нема луѓе кои буквално придонесуваат да и овде во Австралија опстои театарот и можност за поставување на театарски претстави кои нашиот народ едвај чека да ги види. Јас лично не можам да замислам да ја снема театарската уметност. Затоа треба да се разбуди свеста кај луѓето и се што е македонско да го цениме и чуваме.„ За тоа што и колку и значи училиштето Божилак и кои се нивни идни планови, Дона вели;„Божилак е моето новороденче. Како професионален актер и како што напоменавте, мојата дејност е наставник по драма и Македонски јазик, моја должност е да ја пренесам сета онаа вештина и убавина на драмската дејност, а водено да го засакаат и научат убавиот македонски збор. Оваа ни е четврта година како припремаме нови претстави за деца и младинци, која на моја радост е претставата Волшебникот од ОЗ која е дел од програмата при Викториското училиште за јазици со што божилак ќе се претстави во сите училишни центри каде се предава македонскиот јазик. Сите ученици ќе имаат можност да ја видат претставата на Македонски јазик. За нив тоа е се уште ново и чудно, а за нас тоа е голема награда. После секоја претстава се чувствуваме дека сме направиле многу за нашите деца. Верувајте со каква радост децата ги следат овие претстави. Многу е емотивно.И како што знаеме да речеме: Иднината е во рацете на нашите деца. Планот на МУСУ Божилак е токму тој, да им ја пренесеме убавината на театарската уметност, убавината на македонскиот јазик. Да го сакаат, негуваат и да го пренесуваат на наредните генерации. Да има кој да го наследи.“На училиштето ‘Божилак‘ му посакуваме многу успеси во иднина и нека и понатаму бидат во улога на важни промотори на македонскиот јазик како и расадник на нови талентирани драмски уметници.Јазикот е нешто свето, наше духовно наследство и еден патоказ преку кој се рефлектира нашата македонска култура. Да го сочуваме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Култура
Мултимедијалната изложба „Реминисценции“ на Страхил Петровски на 30 декември во Њујорк
Македонскиот визуелен и мултимедијален уметник, Страхил Петровски, на 30 декември 2025 година ќе ја отвори својата мултимедијална изложба – просторна инсталација со наслов „Реминисценции“ во Македонскиот културен центар во Њујорк, во Галерија МЦ (Gallery MC).
Изложбата ќе биде отворена од 18 до 21 часот, а публиката ќе може да ја посети до 9 јануари 2026 година. Станува збор за најновиот циклус на Петровски, кој опфаќа големоформатни индустриски хартии со димензии до 530 x 83 сантиметри, цртежи во комбинирана техника, како и просторни и мултимедијални елементи кои, како што е наведено во кураторскиот текст, добиваат ново и подлабоко значење во секој изложбен простор.
Кустос на изложбата е историчарката на уметност Сандра Деспотовиќ, која во текстот посочува дека „Реминисценции“ ја означува новата креативна ера во творештвото на Петровски, обележана со апстрактни форми, фрагментација и потрага по значење во современиот свет. Во делата доминираат три бои – белата, црвената и црната – кои, како што се наведува, асоцираат на светлината, земјата и празнината, а визуелниот израз е поврзан со индустриски и прогресивен рок како културна и естетска референца.
Изложбата во Њујорк е дел од серијата самостојни изложби „Реминисценции“, кои Петровски ги реализира во текот на 2025 година во повеќе европски и светски културни центри, меѓу кои Париз, Скопје, Битола и други градови.
Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност, а делата му се застапени во јавни и приватни колекции во земјата и во странство. Петровски е член на ДЛУМ од 1997 година и на ДЛУБ од 2025 година, а од 2024 година работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност и како вонреден професор по фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет – Скопје.
Култура
Љутков од Охрид: Културата што денес ја негуваме, утре ќе биде јазикот преку кој нашиот регион ќе зборува – со заемна почит, доверба и визија
„Нашето културно наследство, како материјален и нематеријален ресурс, бара внимателно и одговорно управување. Во услови на климатски промени, деградација на просторот и притисок од масовниот туризам, неопходно е да применуваме интегрирани методологии што ги поврзуваат научните знаења, стручните практики и современите технологии. Заштитата на наследството е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на министерската конференција на „Советот на министри за култура од Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ (КОМОКОСЕЕ), што денеска се одржа во Охрид.
Според Љутков, глобалните кризи во последната деценија јасно покажуваат дека културата мора да биде интегрален дел од општествениот развој. Според него, Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид 2014 година, постави важни темели за соработка, но денес е потребно тие да се надградат со поефикасни механизми, функционална соработка и засилена доверба меѓу земјите од регионот.
Тој ја нагласи важноста на заштитата на културното наследство, дигиталната трансформација и зголемената улога на локалните заедници, како клучни елементи за развој на современи културни политики. Министерот ја потенцираше и иницијативата за воспоставување Регионален фонд за културна соработка, оценувајќи дека тоа ќе обезбеди поголема стабилност и професионализација на заедничките активности.
„Заедничката иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Искрено верувам дека 2026 година и претседавањето на Република Молдавија со Советот на министри за култура се реална можност за негово финално воспоставување, што ќе ја потврди нашата способност, но и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам. Само на тој начин Комокосе ќе биде релевантна платформа која ќе генерира влијание и ќе трасира остварување на заеднички посакуваните цели“, рече Љутков.
Министерот се заблагодари на партнерите од УНЕСКО, Европската Унија и Советот на Европа, истакнувајќи дека нивната поддршка е признание за потенцијалот на регионот и важен поттик за понатамошна интеграција на заедничките културни политики.
Дводневната конференција во Охрид е во организација на Министерството за култура и туризам, кое е претседавач на „Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“. На собирот во Охрид учествуваат министри за култура, заменици-министри и шефови на делегации од: Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија, Грција, Романија, како и голем број експерти.
На конференцијата се обрати и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура на Европа со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, која потенцираше дека Југоисточна Европа е регион со извонредно културно богатство, а нејзината културна разновидност ги одразува вековите креативност и издржливост, како и живиот идентитет на нејзините народи.
„УНЕСКО останува цврст партнер на Комокосе и е целосно посветен на поддршка на неговата мисија за унапредување на културната соработка, добрососедските односи и помирувањето. Особено ја поздравуваме улогата на Република Северна Македонија во заштитата и промоцијата на културното наследство преку националните развојни политики“, рече Ландри.
На конференцијата, со акламација беше усвоена „Охридска декларација 2025“, документ кој ја потврдува заедничката посветеност на земјите од Југоисточна Европа за зајакнување на регионалната културна соработка, одржливиот развој и заштитата на културното наследство.
Следната, 2026 година со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, ќе претседава Република Молдавија.

