Македонија
Изаири: Македонија има план за намалување на штетните гасови и справување со климатските промени

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири во петок на конференција во Турција ги презентираше досегашните и идни акции на Македонија за намалување на емисиите на стакленички гасови и за справување со климатските промени.
Изаири учествува на состанокот на високи претставници на земјите членки на ЕКО Секретаријатот (Economic Cooperation Organization), на балканските држави и на интернационалните организации, што се организираше во рамките на EКO Конференцијата за климатски промени која од 25-27 март се одржува во Сафранболу во Турција.
„ Со оваа нова фаза во меѓународната соработка за климатските промени, треба да дадеме придонес преку остварување на акции што ќе резултираат со вистински намалувања на емисиите и соодветни мерки за приспособување и преку заедничка работа да достигнеме силна економска, одржлива и климатски флексибилна иднина“, истакна министерот Изаири.
Инаку, состанокот е во согласност со одлуката на петтиот ЕКО Министерскиот состанок за животна средина и има за цел да се унапреди регионалната агенда за 21-та седница на Конференцијата на Страните (COP) на рамковната Конвенцијата за климатски промени на Обединетите Нации (UNFCCC) која треба да се одржи во декември 2015 година во Париз. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерот Мисајловски со честитка до македонските граѓани по повод 8. Септември – Денот на независноста

Министерот за одбрана Владо Мисајловски им упатува честитки на македонските граѓани, по повод 8. Септември, Денот на независноста.
Во честитката, министерот повикува „со гордост (да) се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.“
Целата честитка од министерот Мисајловски до граѓаните во продолжение:
„Денеска, на 8. Септември, со гордост се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.
Во таа мисија, македонската Армија е еден од најсилните столбови на нашето општество. Нашите војници, со својата посветеност и пожртвуваност, не само што ја гарантираат безбедноста и територијалниот интегритет на државата, туку и го претставуваат најдобриот пример за дисциплина, чест и љубов кон татковината.
Денес Армијата е модерна, професионална сила, рамноправен дел од сојузничките сили во НАТО. Таа е доказ дека независноста не е само збор од историјата, туку секојдневна одговорност и должност што ја носиме пред себе и пред светот.
Нашата независност е вредност за која се живее и се работи секојдневно. Со почит кон минатото, со верба во иднината и со љубов кон Македонија, заедно ќе продолжиме да ја градиме државата што сите ја заслужуваме.
Нека е честит 8 Септември – Денот на независноста!“
Македонија
Гаши: Време е секој од нас да придонесе во зајакнувањето на мирот, стабилноста и соживотот

Претседателот на Собранието на РС Македонија, Африм Гаши на сите граѓани им ја честита 34-годишнината од независноста на државата.
„Денот на независноста е посебен момент, можност да се потсетиме на големите достигнувања на нашата држава и да не потсети дека независноста не е само подарок, туку завет наследен од минатото, обврска за сегашноста и водич за иднината. Овој завет не обврзува да изградиме силна, демократска и стабилна држава, каде што секој граѓанин без разликa ќе се чувствува еднаков и почитуван“, вели Гаши во честитката.
„На оваа годишнина, мојата порака до граѓаните е да се обединиме околу вредностите на сплотеноста и посветеноста за исполнување на аспирациите на нашата земја. Време е секој од нас да придонесе во зајакнувањето на мирот, стабилноста и соживотот.
Да работиме заедно за посилна, поправедна и пообединета држава, каде што нашите разлики ќе бидат богатство, а не пречка. Само со сплотеност и заедничка посветеност можеме да ја реализираме визијата за посветла иднина на нашата држава и за идните генерации.
Северна Македонија, 34 години по прогласувањето на независноста, е држава која напредуваше во многу аспекти и стекна почит на меѓународната сцена. Како стабилен сојузник на НАТО и како земја кандидат за членство во Европската Унија, ова е момент кој од нас бара да продолжиме со напорите за изградба на побезбедна и посветла иднина за идните генерации. Честит 8 Септември – Ден на независноста!“, се додава во честитката на претседателот на Собранието.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност, а ветерот ќе го промени правецот во јужен. Во четврток попладне ќе има изолирана појава, а во петок на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи.