Култура
Златниот венец на СВП за Матеја Матевски
Македонскиот поет и академик Матеја Матевски е лауреат на Златниот венец на поезијата на јубилејното 50-то издание на најзначајната поетска манифестација во Република Македонија.
Македонскиот поет и академик Матеја Матевски е лауреат на Златниот венец на поезијата на јубилејното 50-то издание на најзначајната поетска манифестација во Република Македонија.„За мене овој миг, по времето од пред 30 години, кога имав чест да бидам примен во МАНУ, е вториот голем и среќен миг што го доживувам со укажаната чест да бидам добитник на Златниот венец, кој го создававме сите со нашата поезија и за кој секој поет со право може да мечтае. Прекрасно е ова чувство бидејќи се совпаѓа со големиот јубилеј на Струшките вечери на поезијата, кои ги создадовме од една скромна манифестација како омаж на големите струшки браќа Димитрија и Константин Миладинови, првиот како учител, а вториот како прв поет на македонски јазик на новото време“ – изјави лауреатот Матеја Матевски.Објавувањето на добитникот на Златен венец на поезијата за 2011 година се одржа во Македонската академија на науките и уметностите. На објавувањето на наградата присуствуваа лауреатот Матеја Матевски, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, претседателот на МАНУ Георги Старделов, директорот на Националната установа Струшки вечери на поезијата Данило Коцевски, претседателот на Управниот одбор на СВП Славе Ѓорѓо Димоски, академици и писатели.Образложението за доделувањето на наградата, во име на Управниот одбор на СВП, го прочита Славе Ѓорѓо Димоски.„Во опусот на Матеја Матевски е содржан еден посебен поетски сензибилитет со богат израз, содржина, значење и претставува монументално созвучје на разновидности склопени во еден специфичен поетско медитативен свет на теми, идеи и ставови, што го прават модерен поет со висока творечка и цивилизациска самосвест“ – стои во образложението на УО на СВП.Понатаму во образложението е нагласено значењето на првата стихозбирка „Дождови“ на Матевски, објавена пред 50 години, и творечките и индивидуалните квалитети на поетот Матеја Матевски во текот на неговата севкупна поетска активност, како и значењето на песните на Матевски во промовирањето на македонскиот јазик во светот.Со доделувањето на Златниот венец на поезијата на СВП за 2011 година на поетот Матеја Матевски македонската поезија високо се вреднува и станува дел од големата плејада добитници на престижниот поетски венец.„Во годината кога ја прославуваме 20-годишнината од независноста на Република Македонија го обележуваме и петдеценискиот јубилеј на најреномираната поетска манифестација во нашата земја, која ја лоцираше Република Македонија и градот Струга како мегалополис на светската поетска мапа. СВП како најстара манифестација на Балканот во изминативе педесет години беше репрезентативна проекција на поетските остварувања во меѓународни рамки и мост меѓу литературните меридијани во светот. Основна придобивка на овој импозантен собир на поетите беше афирмација на европските вредности, афирмација на културата, обединувањето на најзначајните имиња на светската поезија и пренесувањето на убавината на пишаниот збор насекаде низ светот“ – нагласи министерката Елизабета Канческа Милевска.Министерката го нагласи и значењето на присуството на светските поети, есеисти и критичари во текот на 50-годишната историја на СВП. Во тој контекст го нагласи и значењето на наградата што ја добива македонскиот поет Матеја Матевски во балканска, европска и светска смисла.„Матеја Матевски со својот грандиозен поетски опус на сите јазици и писма континуирано го дава својот влог во заемното запознавање и почитување на културите, градењето нова димензија во пријателството меѓу народите во светот“ – нагласи Канческа Милевска.Во оваа прилика министерката објасни дека за златниот јубилеј на манифестација се поканети повеќе од 200 гости од пет континенти и дека се поканети сите живи досегашни добитници на струшкиот Златен венец на поезијата. Едновремено информираше дека годинава на СВП ќе биде издадена монографија за СВП на македонски и англиски јазик, ќе биде изработен документарен филм за 50-годишниот јубилеј на СВП, ќе биде издадено јубилејно издание на Зборникот на Браќата Миладиновци и јубилејна поштенска марка. Министерството за култура во пресрет на значајниот јубилеј на СВП пристапи и кон целосна реконструкција и обнова на спомен-домот на Браќата Миладиновци во Струга.За значењето на поезијата на Матеја Матевски, на објавувањето на наградата говореше академик Георги Старделов, претседател на МАНУ.„Без сомнение, за сите кои ја следиме македонската поезија, Матеја Матевски е најпознатиот македонски поет во современиот свет и во светот на поезијата. Така што врвното признание кое му го оддаваат Струшките вечери на поезијата, е признание за еден светски поет“ – изјави академик Старделов.Тој говореше и за преведените книги на Матевски, за неговите престижни светски награди, но и за значењето на поезијата на Матеја Матевски во светски рамки./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

