Култура
„Кристалниот глобус“ на „Панкот не е мртов“ пристигна во Скопје
Веднаш по пристигнувањето во Скопје, режисерот Владимир Блажевски и продуцентот Дарко Попов остварија средба со новинарите по повод добивањето на наградата „Кристален глобус“.
Веднаш по пристигнувањето во Скопје, режисерот Владимир Блажевски и продуцентот Дарко Попов остварија средба со новинарите по повод добивањето на наградата „Кристален глобус“.Филмот „Панкот не е мртов“ на 46-тиот Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари ја доби наградата „Кристален глобус“ во конкуренцијата „Источно од Запад“. Станува збор за фестивал од А-категорија во ранг на фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Локарно и Ротердам.„Радува фактот што филмот го почна својот интернационален живот на најубав можен начин за нас. Се надевам дека сега ќе го чекаат уште доста патувања и презентации и би сакал тоа да биде на сличен начин како што беше во Карлови Вари. Она што мене ми е најбитно е што филмот доби едно многу пријатно и многу зачудувачко препознавање од публиката на фестивалот“, изјави Владимир Блажевски, режисер на „Панкот не е мртов“, на денешната прес-конференција во Филмскиот фонд на Македонија.На фестивалот во Карлови Вари биле прикажани 199 филмски остварувања, за кои биле продадени 126.302 влезници, а го следеле 649 акредитирани новинари и 814 филмски професионалци. Со фактот што стана добитник на награда, овие податоци ја навестуваат можната идна траекторија на прикажување на македонскиот филм.„Во текот на следните два месеца филмот веќе е поканет на фестивалот во Палиќ, потоа ќе го прикажеме во две селекции на фестивалот во Мотовун. Ќе следуваат проекциите во Херцег Нови, а за наесен ќе одиме на фестивалите во Солун, Котбус и Хихон“, објасни Дарко Попов, продуцент на филмот.Со оглед на фактот што филмот е снимен со мал буџет, дотолку повеќе изненади добивањето на награда на врвен филмски фестивал.„Тоа што филмот го правевме во герилски и голтарски услови не значи дека не бевме амбициозни, упорни и трпеливи. Иако филмот е снимен со малку пари, сепак, се задржани сите еснафски елементи“, потенцираше Блажевски.Реакциите на публиката на фестивалот биле искрени и, на моменти, дури и френетични.„Моите искуства од разговорите со публиката по проекцијата на филмот се дека ги препознаа сите димензии на филмот кои не се истакнати само во првиот план, значи не се само следење на голата приказна, туку ги препознаа и резовите со значење, и задкулисните слоеви на смислата што нашиот филм ги носи во себе. Тоа посебно ме израдува, бидејќи филмот е правен така што навидум изгледа поедноставно и попитко за следење, а сите други работи кои се појавуваат во втор или трет план, произлегуваат од целината. Токму таа глобална слика, каде што се препознаваат и локалните проблеми во филмот, и социјалните, транзициските, политичките, економските и психолошките моменти кои се дел од нашето општествено милје, публиката ги прочита и ги прими многу точно и многу убаво“, објасни Блажевски.Режисерот Блажевски нагласи дека наградата што филмот ја доби во Карлови Вари е заедничка награда на целата филмска екипа, која вложи многу енергија, време и ентузијазам во реализацијата на „Панкот не е мртов“./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

