Култура
„Кукуригу“ на Дејан Џолев награден на фестивалот во Кичево
Филмот „Кукуригу“ на младиот мултимедијален уметник Дејан Џолев создаден во соработка со Влатко Артисто и Крсто Златков, изминатиот викенд се закити со „Златна плакета“ за најдобар едноминутен филм на 40-тиот „Државен фестивал за непрофесионален филм“, одржан во Кичево
Ова признание на „Кукуригу“ му обезбеди учество на светскиот куп за едноминутен филм УНИКА, што ќе се одржи во Луксембург од 20 до 27 август оваа година. Ова не е прва награда за тимот на „Кукуригу“. Овој филм беше прогласен за најдобар едноминутен филм на годинешниот „Скопје филм фестивал“, а на 27 и 28 овој месец ќе биде повторно проектиран во Кинотеката на Македонија во рамките на фестивалот „Европски младински филмови“.Едно минутниот филм „Кукуригу“ во шеесетте ефемерални секунди успева да ја задржи суштината на сончевиот систем што трае со милијарди години и ќе трае барем уште толку. Наизменичното менување на денот со ноќта пропратено со соѕвездија од Млечниот пат е најелементарниот космички феномен што е одбележан во зората на човечката култура. Овие три светила, Сонцето, месечината и ѕвездите се меѓу најраните симболи со што човекот почнал свесно да го определува ритамот на својот живот. Овој ритам се развил во определување на смислата на животот, во борбата меѓу светлината и темнината или, пак, меѓу доброто и злото. Темнината ја означува ништовноста, отсуството, оној премордијален страв од вечно недвижење и центрифугално згмечување на сé во точката на непостоењето, таму каде што ниту една молекула нема простор да се развие во структури од што се состои целата вселена. Во „Кукуригу“ го гледаме токму ова славење на постоењето. Ја гледаме битката на месечината и на ѕвездите што се борат со празното црнило да не ја проголта земјата. Дури откако битката е добиена, и крвта на месечината го опоравува изнемоштеното сонце, тоа í дарува од своето златно-жолто што за миг се претвора во надреалното зелено – зашто животот е пред сé надреален – што зрачи со живот и бујност. Е дури тогаш сонцето повторно станува јунак и изгрева, а петелот може да најави раѓање на нов ден, целиот облеан во светлина преку што се гледа сé друго, а над сé зелено синиот свет – триумфот на малите разлетани парчиња оган и карпи што му пркосат на она црно непостоење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.