Култура
Првата Арт рута на улица Максим Горки
Утре почнува првата Арт рута наречена „ЕВРОПА во Центар“ која ќе се одржи од 6-ти до 9-ти мај на улицата Максим Горки во центарот на Скопје, по повод денот на Европа
Делата на светските и домашните уметници ќе бидат изложени долж улицата Максим Горки и околните места на излозите на деловни објекти. Покрај делата ќе стојат соодветни информации за авторот и уметничката форма со цел граѓаните повеќе да се информираат за уметноста. Исто така на оградите на објектите во градба на улицата Максим Горки ќе сликаат млади уметници од Арт Институтот како и графити уметниците, Руки и Флим. „Во продавниците ќе ги поставиме делата на самите излози. Тоа ќе биде галерија на отворено, секој минувач кој ќе помине по улицата на Максим Горки директно ќе дојде во допир со уметноста, со делата кои ги изложуваме“ изјави проектниот менаџер на настанот, Корнелија Конеска. Таа додаде дека целта на проектот е да се доближи европската и македонската уметност поблиску до граѓанинот и да може спонтано да се заинтересираат за уметноста. Свеченото отварање на манифестацијата ќе биде во 19 часот од страна на амбасадорот на делегацијата на Европската Унија, Петер Соренсен и ќе биде проследено со отворање на групна изложба на четирите наградени автори на ОСТЕН: Пикасо, Вазарели, Циуха и Величкович. Проектот е во организација на ОСТЕН светската галерија на уметност на хартија и делегацијата на Европската унија и Општина центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на збирката раскази „Наназад“ од Стефан Алијевиќ
В петок ќе се одржи промоцијата на втората збирка раскази на Стефан Алијевиќ, „Наназад“ во издание на издавачката куќа Илика. Настанот ќе започне во 20:00 часот, во КСП Центар-Јадро, а промоторки на книгата ќе бидат Румена Бужаровска и Јана Медиќ. По промоцијата, организаторите покануваат на афтер-промо забава во кафе-бар „Љубов“ со DJ Ginger.
Прозата на Алијевиќ се поигрува со границите на автофиктивното и фиктивното писмо. Се движи низ состојбите на сонот и реалноста, сеќавањето и заборавот, интимното и политичкото. Неговите раскази се повеќеслојни, хибридни и во жанровска и во значенска смисла, и можат да се разгледуваат низ повеќе призми, меѓу нив и ангажираните квир, еколошки и феминистички перспективи, но во ниту една не можеме да кажеме дека овој автор целосно припаѓа.
Петар Андоновски за книгата пишува: „Кај Алијевиќ ништо не е под тепих, сè е на површина и сè е видливо. Расказите од „Наназад“ се рибина коска во грлото на општеството“. Оваа збирка раскази служи како книжевен документ, запис од едно бурно време на лични и колективни промени. Книгава нè носи назад во времето, нурнува низ авторовото детство, но не застанува таму, туку постојано трага по излезот кон подобра иднина.
Стефан Алијевиќ (Гевгелија, 1991) завршил студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите по Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Во 2022 година ја објавува својата прва книга раскази, „Вечерен автобус“, за која во 2023 ја добива регионалната награда „Штефица Цвек“ за најдобра ангажирана феминистичка и квир книжевност. Раскази од Стефан се објавени во повеќе книжевни списанија, антологии и книги во земјава. Алијевиќ е преведуван на хрватски, српски и на албански јазик.
Култура
Јубилејно 50. издание на Млад Отворен Театар во МКЦ од 19 – 25 ноември
МКЦ го најавува новото, 50-то издание на Млад отворен театар – МОТ од 19 до 25 ноември. Со внимателно селектирани претстави, концерти и изложба, МОТ оваа година го насочува своето внимание кон македонските автори кои успешно создаваат надвор од границите на државата и во низа половина век постојано отвораат на нови сценски хоризонти.
Под насловот „Нашите во светот“, јубилејното издание ја слави интернационалната видливост на македонската театарска мисла и ја истакнува вредноста на уметниците кои потекнуваат од нашата културна средина, а се етаблирале во европски и регионални театри.
„МОТ во 2025 година ќе ги донесе на домашна сцена нивните најнови претстави, создадени во театарски куќи во регионот и пошироко, овозможувајќи им на гледачите да ги видат делата на нашите режисери, актери и сценски автори кои создаваат надвор, но со јасен печат на македонската уметничка школа“, информира Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.
Отворањето на фестивалот е со претставата „Лимени барабан“ (Лимениот добош) во режија и адаптација на Васил Христов, која е поставена на сцената на Југословенско драмско позориште во Белград. „Лимениот добош“ на Гинтер Грас е еден од најважните романи на 20 век, каде преку ликот на Оскар Мацерат, 30 годишен пациент на психијатрија, кој како момче со три години на почетокот на Втората светска војна, донел одлука или одбил да расте. Протестирајќи против возрасните, Оскар ги коментира историските случувања од детска перспектива, цртајќи слика на светот која брза кон самоуништување. Во оваа претстава на Југословенско драмско позориште, македонската екипа е проширена и со композиторот Никола Коџобашија и авторот на сценографија Константин Трпеновски.
Затворањето на фестивалот е предвидено да биде со „Мајка храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Новосадско позориште. Покрај Пројковски како дел од авторската екипа се и Олга Панго – кореографија, Валентин Светозарев – сценографија и Сергеј Светозарев автор на плакатот.
Авторка на годинешниот плакат на МОТ е Кристина Горовска.
Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната страна на фестивалот mot.mk, каде и ќе може да се набават и онлајн билетите за програмите на фестивалот веќе од четврток, 13 ноември.
Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.
Култура
„Варвари“ на Горки првпат на македонската сцена: премиера во МНТ во режија на Владимир Милчин
Македонскиот народен театар ја најавува премиерата на претставата „Варвари“ – дело на големиот руски писател Максим Горки, во режија на проф. Владимир Милчин.
Премиерата ќе се одржи на 13 ноември, а следната изведба е закажана за 14 ноември 2025 година. Во оваа амбициозна сценска постановка учествува импресивна актерска екипа: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов. Голем дел од актерската екипа се поранешни студенти на режисерот Милчин, што му дава на проектот дополнителна уметничка димензија.
„Во годината кога МНТ одбележува 80 години од постоењето, горд сум што за првпат во историјата на македонскиот театар, делото „Варвари“ ќе оживее токму на оваа сцена. И уште повеќе, благодарен што професорот Владимир Милчин го стави својот режисерки печат токму на оваа претстава. Благодарен сум на актерите, кои под палката на Милчин, безрезервно се дадоа во процесот на подготовките, како и на тимот зад сцената. И сите заедно успеаја да го материјализираат овој театарски подвиг – за првпат да ги погледнеме Варвари на нашата сцена.“, изјави на денешната средба со медиумите, директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Делото „Варвари“ за првпат се поставува на театарска сцена во Македонија. Напишана во 1906 година, драмата на Горки се занимава со длабоки социјални и морални конфликти на почетокот на 20 век во Русија, преку судирот меѓу старото и новото, традицијата и модерноста, човечноста и бездушниот технички напредок. Главните ликови — интелектуалци, инженери, работници и обични луѓе — се поставени пред морални дилеми што ги откриваат нивните најдлабоки човечки слабости и противречности. Како автор, Максим Горки останува извонредно современ и во 21 век. Неговите дела, меѓу кои и „Варвари“, се остра критика на лажната цивилизација и моралната корупција што ги носи капитализмот. Преку инженерите Черкун и Циганов, симболи на „железната“ Русија, која ја уништува човечноста на „дрвената“, Горки поставува суштинско прашање — дали напредокот има смисла ако не е заснован на морал и совест. Наспроти нив, студентот Лукин ја олицетворува немоќната интелигенција, која ја согледува неправдата, но не наоѓа сила да ѝ се спротивстави.
„Земајќи предвид дека драмата била забранета да се изведува дури и во Русија, матичната земја на Горки, па затоа нè е ни чудно што за првпат се изведува во Македонија.“, рече професорот и режисер, Милчин. И денес, повеќе од еден век подоцна, Горкиевите „варвари“ нè потсетуваат дека вистинскиот напредок е невозможен без човечност. Креативниот тим на претставата го сочинуваат: сценограф – Беди Ибрахим; костимограф – Марија Пупучевска; преводот на текстот го направија Ема Марковска Милчин и Владимир Милчин; aсистент на режисерот е Шенај Мандак; асистенти на сценографот се Бојана Исијанин и Мартин Манев; асистент на костимографот е Ангела Богеска; изборот на музиката е на Владимир Милчин; извршни продуценти се Виктор Рубен и Симона Угриновска.
По премиерата следи коктел и забава со диџеј Шурбе.

