Регион
Медиуми: Навредениот Ердоган порано се враќа од Луисвил

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој требаше да присуствува на погребот на боксерската легенда Мохамед Али во американската сојузна држава Кeнтаки, одлучил да ја скрати посетата на Луисвил, навреден од дочекот на организаторите, известуваат турските медиуми.
Според написот на интернет изданието на дневниот весник Hurriyet Daily News, организаторите на погребот на Мохамед Али, церемонијата „џеназа“ во четвртокот се одвиваше според муслиманските обичаи, одбиле да му дозволат на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да одржи говор во текот на самата погребна церемонијата во петокот.
Ердоган, според извори од неговото окружување, особено бил навреден од тоа што му било кажано дека нема да може на сандакот на славниот боксер да положи парче црна ткаенина украсена со стихови од светата муслиманска книга Коран.
Но според други извори, Ердоган и претседателот на Дијанетот Мехмет Гормез биле одбиени во барањето за читање на делови од Куранот додека трае погребот.
Инаку, Мухамед Али и неговото семејство го планирале неговиот погреб десет години, за да се осигурат дека ќе биде испочитувана неговата муслиманска вера, но и дека погребот истовремено ќе биде прилагоден на барањата на западната култура, пренесе претходно Reuters.
Турскиот претседател, во друштво на зетот Берат Албајрак, кој е министер за енергетика, присуствуваше во четвртокот на традиционалното бдеење и потоа ненадејно решил да го скрати престојот кој првично бил предвиден до петокот навечер по турско време.
Покрај тоа, телохранителите на турскиот претседател Ердоган и припадниците на американската тајна служба влегле во вербален конфликт наводно поради распоредот при заминувањето на Ердоган, објави новинската агенција Dogan.
Медиумите пишуваат и дека уште пред пристигнувањето во САД, организаторите го отстраниле името на турскиот претседател од листата говорници со образложение дека нема да има доволно време./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Инциденти на протестот во Атина на годишнината од железничката несреќа, полицијата употреби солзавец

Грчката полиција употреби солзавец врз демонстрантите што фрлаа „молотови коктели“ на протестот по повод втората годишнина од железничката несреќа во Темпи, во која загинаа 57 лица.
Меѓу жртвите имаше и студенти, а несреќата се случи кога патнички воз, преполн со студенти, удри во товарен воз во 2023 година.
Десетици илјади луѓе се собраа во центарот на Атина за да побараат правда, објави „Прототема“.
Демонстрантите носеа црни балони и транспаренти со пароли: „Вие броите добивки. Ние броиме животи“.
Во Грција денеска почна 24-часовен штрајк на вработените во транспортот, бизнисот и училиштата, а се очекуваат масовни протести во целата земја на втората годишнина од железничката несреќа во Темпи, во која загинаа 57 лица.
Сите меѓународни и домашни летови беа суспендирани бидејќи контролорите на летање им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и на наставниците во 24-часовниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата.
Бизнисите се затворени, театрите ги откажаа претставите, а илјадници луѓе се очекува да излезат на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, како и во други градови, под силен полициски надзор.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, соопшти дека повикал на штрајкот „конечно да се спроведе владеењето на правото за да нема прикривање и одговорните да бидат казнети“, пренесува „Ројтерс“.
Истрагата за несреќата сè уште е во тек и никој не е осуден, а владата на премиерот Киријакос Мицотакис ја отфрла одговорноста одбивајќи да побара парламентарна истрага за политичка одговорност.
Регион
Дивеел на патот со два промила алкохол во крвта, бегал од полицијата и завршил во ѕид од куќа во Хрватска

Поради сторени сообраќајни прекршоци, 43-годишник е казнет со 1.970 евра и шест месеци забрана за управување со моторни возила од Б-категорија.
Во драматичен инцидент што се случил на 27 февруари околу 22.50 часот полициски службеници од Полициската станица Чаковец забележале автомобил како небезбедно свртува на пат.
Сомневајќи се дека возачот е под дејство на алкохол, полицијата со звучна и светлосна сигнализација се обидела да го запре возилото, но 43-годишниот возач одбил да застане и продолжил да вози по улицата. Поради несоодветната брзина, влажниот коловоз и намалената видливост во текот на ноќта, тој изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Автомобилот застанал дури кога со предниот дел удрил во ѕид од куќа. Во моментот на несреќата во куќата биле членовите на семејството, но нема повредени.
Полицијата извршила алкотестирање на возачот, при што било утврдено дека имал 2,01 промила алкохол во крвта. Веднаш бил приведен во полициска станица.
Регион
Жена од Брчко создала дива градинка во својот дом: дали тоа било параван за трговија со луѓе, пишува „Кликс“

Истрагата за пронаоѓањето 31 дете во куќа во Брчко е во тек, а „Кликс“ пишува дека неофицијалните информации што ги имаат укажуваат дека со години во зградата функционирала дива градинка за која знаеле соседите.
Сега е отворено прашањето дали тоа било параван за трговија со луѓе бидејќи одредени детали може да укажуваат на тоа, додаваат од порталот.
Да потсетиме, сопственичката на куќата во која беа пронајдени 31 дете, Захида Ѓого од Брчко, е уапсена поради сомнение дека сторила три кривични дела заедно со уште седум други лица: трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на деца.
Уапсени се и син ѝ и жената што престојувала во објектот, која потекнува од областа Бања Лука и, најверојатно, е италијански државјанин. Во случајот се вклучени и истражители од Хрватска, како и Европол. Хрватски „Индекс“ извести дека од полициски извори дознале оти во Брчко биле пронајдени претежно деца Роми. Помал број од нив имале хрватски пасоши, но нивниот идентитет и оригиналност сè уште се проверуваат.
Според извори од порталот „Кликс“, како и локални жители, Ѓого во 2018 година основала нелегална градинка во својата куќа, каде што чувала деца. За пошироката заедница, ништо во врска со ова не беше спорно, дури ни фактот дека децата никогаш не биле во пространиот двор од куќата.
„Ја познавам Захида многу години, нејзиниот сопруг почина минатата година, а таа живееше во куќата со својот син. Знаев дека таа е бебиситерка и не ми се виде ништо чудно во врска со тоа. Знаев дека има деца, но не дека имало толку многу. Јас навистина не разбирам зошто имало толку многу деца таму. Секој ден гледав родители како ги носат и земаат своите деца. Никогаш не излегуваа во дворот, беа затворени во куќата“, изјави за „Кликс“ еден од соседите на Захида.
Куќата во која престојувале децата ја обезбедува полиција, а соседите не сакаат јавно да зборуваат за целиот случај. Исто така, покрај вкупно осуммина осомничени и досега уапсени, полицијата сослушала и неколку родители на децата, меѓу кои и татко од Хрватска, кој вчера бил во Брчко, пишува „Кликс“.
Според информациите потврдени за „Кликс“, децата пронајдени во куќата биле на возраст од новороденче до 12 години, биле во прилично запуштена состојба, а откога биле преместени, под надзор на надлежните служби, биле сместени во локален хотел во областа Брчко.