Култура
„Роман на годината“ по дванаесетти пат

Наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ годинава ќе се додели по дванаесетти пат, а во понеделникот жирито од пруистигнатите 29 романи изводи 15 кои остануваат во конкуренција за првата награда
Одлуката за тоа кој роман ќе ја понесе престижната титула ќе ја донесе жирито во состав: Томислав Османли, минатогодишен лауреат на наградата и претседател на комисијата, Луан Старова, Соња Стојменска-Елзесер, Жарко Кујунџиски и Манчо Митевски.Како што информираа од организаторот на овој традиционален избор вопонеделникот на состанокот на жирито било констатирано дека од пристигнатите 29 романи на конкурсот, комисијата го направи првиот пресек на 15 романи кои остануваат во конкуренција.Едногласен впечаток на комисијата е дека и годинава пристигнатите романи ја отсликуваат богатата романескна продукција. На Конкурсот на „Утрински весник“ пристигнале наслови од најразлични жанрови, дела од реномирани македонски автори, како и од млади авторски имиња.Романите што пристигнуваат на конкурсот покриваат широко тематско поле и отсликуваат богата и разновидна типологија. Продукцијата која досега учествуваше на конкурсот на „Утрински весник“ покажа дека македонските писателки и писатели преку секојдневните мали теми генерализираат општи состојби на духот и менталитетот, обидувајќи се да бидат уметнички сведоци но и одреден коректив на мноштвото вистини и невистини со кои живееме денес. Остварувањето на овие писателски амбиции се одвиваат преку неколку жанрови кои главно кокетираат со постмодернизамот или со најновите биографско- историски тенденции во современиот Европски роман, заклучи денеска комисјата.Во конкуренција за „Роман на годината“ на „Утрински весник“ остануваат романите:1. „Готен“ – Роберт Алаѓозовски, „Готен“ 2. „Крај – пат“ – Игор Анѓелков, „Или-или“ 3. „Прозорци“ – Димитар Башевски, „Слово“ 4. „Монотонија“ – Бобан Богатиновски, „Култура“ 5. „Вечно сегашно време“ – Владимир Јанковски, „Темплум“ 6. „Катализатор 33“ – Ирена Јорданова, „Или-или“ 7. „Бог и бетон“ – Ричард Мило, „Или-или“ 8. „Ниска латентна револуција“ – Фросина Наумовска, „Култура“ 9. „Наспроти ветрот“ – Владимир Попов, „Култура“ 10. „Се е гола вода мој Ѓорѓија“ – Гоце Ристовски, самостојно издание 11. „Последниот сплавар на Вардар“ – Владимир Плавевски, „Македонска реч“ 12. „Човекот што ги сакаше калинките“ – Душко Родев, „Македонска реч“ 13. „Стража“ – Милован Стефановски, „Табернакул“ 14. „Завештание Велјаново“ – Добре Тодоровски, „Матица“ 15. „Вивариум“ – Методија Фотев, „Дијалог“ Наградата „Роман на годината“ е единствената литературна награда во земјава која се доделува за овој жанр, чиј покровител на наградата е „Т-Мобиле“ и изнесува 150 илјади денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.