Култура
Отворена изложба за Римската монетарница во Стоби
Во Музејот на Македонија денес беше отворена изложбата „MVNICIPIVM STOBENSIVM – Римската монетарница во Стоби“. Со изложбата за прв пат пред македонската јавност се презентираат оригинални монети од времето на единаесет римски императори
На изложбата се презентирани 176 монети исковани во периодот од 73 година во новата ера, кога монетарницата почнала со своите активности, до 217 година, кога нејзината активност во потполност замрела. Станува збор за единствената монетарница од римско време на територијата на денешна Република Македонија.Автор на концепцијата за изложбата и на текстот за каталогот е м-р Перо Јосифовски, нумизматичар, кој на отворањето го дефинираше концептот на изложбата.„Сакавме граѓаните да се соочат со еден друг тип циркулација на парите од пред 2000 години, кој е сосема поразличен од денешниот. Но, сакавме да научат нешто повеќе и за историјата на најзначајниот римски град, не само во Македонија, туку и пошироко,Стоби е единствениот муниципиум во кој граѓани ги поседувале истите права како и граѓаните кои живееле во градот Рим. Тоа било вистинска реткост сè до 212 година. Токму на монетите кои се изложени било исковано името на градот Стоби – MVNICIPIVM STOBENSIVM.Тоа што ние можеме да дознаеме од монетите во Стоби се монетарната историја од тој период на Македонија, да создадеме слика за тоа што било во мода, што сакале издавачите на парите да пласират како пропаганда, со што биле преокупирани жителите на Стоби во секојдневниот живот.Во презентацијата на монетите одев на варијанти со богато илустриран материјал, со реконструкции на калапи, со реконструкции во релјеф и во бронза, да ги доловам и претставите и изгледот на монетите пред публиката. Оној што ќе прошета покрај експонатите за кратко време ќе се запознае со сите детали на единствената монетарница од римско време.Претставите на монетите даваат можност за проучување на работите од различни аспекти. Се надевам дека и другите проучувачи, а не само нумизматичарите, ќе извлечат корист од оваа изложба“ – изјави Перо Јосифовски.Изложените бронзени монети се дел од колекцијата на Музејот на Македонија, како и од приватната колекција на Часлав Кузмановиќ, колекционер на монети кои се пронајдени во Стоби. Изложбата ја отвори aкадемик Вера Битракова Грозданова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

