Македонија
Во Куманово не се слушаат истрели
Во раните попладневни часови во неделата во Куманово стивнаа истрелите од автоматско оружје коишто можеа да се слушнат од утрото во продолжетокот на полициската акција започната во кумановската Дива населба од саботата утрото со цел да се неутрализира поголема тешко вооружена група.
Повеќе полициски транспортни возила сé уште се поставени пред влезот на населбата, додека полициските сили ја спроведуваат акцијата за чистење на теренот во пошироката област, откако во саботата навечер по 16-часовни борби ја разбија главнината од терористичката група составена, според прелиминарните сознанија од лица од Косово со нивни поддржувачи од земјата.
Репортерите јавуваат дека веќе не се забележува и чадот, како во саботата и неделата претпладне. Во населбите во близина на местото на коешто се одвиваше полициската операција нема електрична енергија. Градските власти најавија итно формирање кризен штаб и соодветна помош за населението.
Целта на вооружената терористичка група, како што информираше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бил напад на стратешките државни институции во Република Македонија.
Се шпекулира со планирани напади врз неколку полициски станици, касарна, суд, но ниедна информација засега нема официјална потврда. Исто така, се наведува и дека специјалните полициски тимови деминирале автомобил-бомба откриен во Дива населба, за чија намена сé уште не се знае.
Според последните информации во двата дена од операцијата во кумановско, осум македонски полицајци ги загубиле животите, а над триесет се ранети./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

