Македонија
За Јанкулоска е ирелевантно дали Спасов бил или не бил на работа за време на убиството
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. по протестите од ноќта кон средата пред зградата на Владата за објавените аудио снимки на опозицијата за убиството на Мартин Нешкоски, тврди дека е сосема ирелевантно дали осудениот за убиството, Игор Спасов. бил или не бил на работа во моментот на убиството.
Според Јанкулоска, МВР максимално брзо, во рок од 22 часа го расветлила убиството и фактот дали Спасов бил на работа или не во моментот на убиството и дали имал писмена или усна наредба не го намалувало степенот на одговорност на осудениот.„Во самата кривична пријава е објаснета фактичката состојба. Лицето имало писмена наредба за извршување службени дејствија и задача заклучно со 24 часот во Куманово. Во моментот кога се случило убиството, според пријавата, во 00:40 минути, таа наредба нема веќе важност. По однос на ангажманот на лицето по 24 часот, не е обезбеден доказ ниту дека постоела писмена, ниту каква и да е друга наредба, што е тотално ирелевантно за степенот одговорност. Убиството е убиство, никаква наредба не може да ја исклучи одговорноста на сторителот“, истакна Јанкулоска.Истрагата на Министерството за внатрешни работи ја кочело тоа што до полицијата немало никаква пријава ниту за исчезнато лице, а имале проблем и да го утврдат идентитет на лицето.Министерството имало писмен материјал со службени белешки за претпоставените на Спасов, а како што рече Јанкулоска, биле повикани и како сведоци пред суд.На снимките коишто во вторникот ги објави опозицијата, може да се слушне дека поранешниот шеф на обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, Дејан Митревски -Урко го викнал Спасов да дојде во Скопје во дом на АРМ каде се славеше победата на ВМРО-ДПМНЕ и го криел убиството и од функционерите во МВР. Урко не се појави како сведок во судот. Овие снимки за Јанкулоска се креирани, монтирани и со нив лидерот на опозицијата, Зоран Заев го допрел “врвот на монструозноста“.„Заев го допре врвот на монструозноста со вчерашната прес-конференција кога злоупотреби смрт на еден млад човек за овој трагичен настан за неговото семејство, но и за целата држава, за кој не постои човек кој не изразува жалење и потреба за осуда. Заев има потреба десет минути да кажува што некој сакал да каже, тоа зборува за автентичноста, монтираноста и креираноста“, вели Јанкулоска.По објавувањето на снимките од опозицијата, пред Владата беа организирани протести на повик на братот на убиениот Мартин преку социјалните мрежи, на коишто се бараше оставка од министерката Јанкулоска. Според официјалните информации на МВР, во протестите повредени биле 38 полицајци од кои шест биле задржани на лекување. Полицијата има информација дека само едно лице цивил се пријавило во градската болница за да побара лекарска помош, а немаат ниту информации дека во протестите повредена била и мајката на Мартин Нешкоски. Во нередите приведени се 30 лица од кои две биле малолетни и биле ослободени веднаш по извршувањето на службениот разговор. Од снимките на полицијата идентификувани се 12 учесници во протестите кои учествувале во „вандалските напади“ врз полицијата. Оштетени биле седум службени возила, 22 штита, шлемови и полициски елек, радиоврска, а демолирани биле и стаклата на Радио Слободна Македонија.„Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на насилни демонстрации кои резултираа со десетици повредени полициски службеници, демолирање на возила, палење на контејнери и уништување на јавниот имот со што е предизвикана и голема материјална штета. Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на брутални напади со бекатон плочи, со метални шипки и со камења. Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на најсрамниот чин на симнување и кинење на знамето на Република Македонија од јарболите од страна на дел од демонстрантите на кои им пречат државните обележја“, рече Јанкулоска.Според хронологијата на полицијата, протестот започнал околу 18:10 часот, кога пред објектот на Владата се собрала група од околу 50 лица, на која набргу организирано ѝ се придружиле и други граѓани. Во еден момент неколку лица, од кои повеќето девојки се прекачиле преку поставената заштитна ограда пред објектот, со намера да влезат во Владата. Следејќи го нивниот пример, голем дел од насобраните граѓани кои се наоѓале зад оградите, масовно почнале да се прекачуваат доближувајќи се на десетина метри од влезната врата на Владата, каде биле спречени да влезат.Во периодот од 18:30 до 19:30 часот, според МВР, од страна на групата граѓани која се наоѓала на скалите иницирала повеќе насилни инциденти и го нарушила јавниот ред и мир. „Во неколку наврати со бекатон плочи, камења, шишиња, јајца, домати и други предмети е фрлано кон кордонот од униформирани полициски службеници, како и објектот на Владата на РМ, а симнати се и државните знамиња од јарболите. Од страна на одговорен старешина, дадена е усна наредба кон собраната маса, мирно да се разотидат и да не го нарушуваат ЈРМ, но наредбата не е испочитувана и масата повторно почна со фрлање на предмети. По ова од страна на униформирани полициски службеници е пристапено кон потиснување на масата и воспоставување на нарушениот ЈРМ, при што масата е насочувана по булеварот „Св. Климент Охридски“ кон Соборен храм, булеварот „Партизански одреди“ и булеварот „Илинден“ во правец кон фонтана во Градскиот парк“, прецизираше Јанкулоска.При потиснувањето на масата, на неколку локации на булеварот „Илинден“ и булеварот „Партизански одреди“, биле превртени и запалени десетина контејнери за смет. Јанкулоска тврди дека полицијата била максимално професионална и дека не употребила сила врз демонстрантите.„Од полициските овластувања, полицијата со најмала употреба на било кое полициско овластување успеа со потиснување да ја разбие масата и притоа не беа користени други мерки на присила, освен полициското овластување за приведување на лице . Не беа користени дополнителни средства за разбивање на масата, туку со максимално трпение и професионален однос за да се избегнат дополнителни ескалации на настаните полицијата успеа да ја разбие толпата во три правци и дел од најнасилните демонстранти кои се однесуваа највандалски беа приведени“, рече уште Јанкулоска.По протестите, имаше информација дека полицијата направила упад во градската „Браќа Миладинвци“. Министерката изјави дека дејствувањето на полицијата било легитимно и дека таму се барале дел од насилните демонстранти.„Полицијата направи потрага по насилни демонстранти во повеќе објекти, притоа не е употребена сила во библиотеката. Лоцирано е едно од лицата и е приведено. Дел од вандалите се обидоа на прилично кукавички начин да се затскријат зад граѓани кои воопшто не беа поврзани со протестите, да влезат во приватни или државни објекти за да спречат соочување со полицијата. Дејствието на полицијата е апсолутно легитимно и не постои никаков простор да се бара одговорност од никого“, потцрта Јанкулоска и повика доколку некој има замерка да поднесе пријава.Мартин Нешкоски беше убиен на 5-ти јуни вечерта во 2011 година на централниот гратски плоштад во Скопје, додека ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата. Припадникот на „тигрите“, Игор Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството. На судењето, самиот Спасов тврдеше дека не е само тој виновен за убиството и на мајката на Нешкоски и рече „Не сум убиец. Со чисто срце можам да кажам дека не сум убиецот на Мартин. Ако ви треба обвинет тука сум стојам пред вас, но ако барате виновник не гледајте во мене”, рече Спасов./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

