Култура
Нов филм од Иво Трајков

Неодамна заврши снимањето на новиот филм на македонскиот режисер Иво Трајков со работен наслов “Проект Берлин” во продукција на Lara Enterprises.com Gmbh од Германија, а поддржан е и од германскиот филмски фонд – DFFF (German Federal Film Fund)
Филмот во целост е снимен во Берлин, на повеќе атрактивни локации меѓу кои Темподром, Олимпискиот стадион, киното Зоо Паласт, подземната железничка станица Бундестаг, железничката станица на Потсдамер плац, Филмскиот музеј Filmhaus и Skylounge.„Проектот Берлин” е возбудлива приказна која ги истражува емоциите создадени на различни нивоа на реалноста преку кои ги испитуваме нашите избори, мотивации и животот во целост. Основниот концепт е да се раскаже приказната во реално време додека го следиме исклучиво протагонистот. Во снимањето се користеа долги кадри што на крајот даваат една општа слика дека целиот филм е снимен во еден кадар. Овој визуелен приод го зголемува чувството за реалност додека самото дејствие зависи повеќе од мизансценските решенија со минимална употреба на дијалози. На овој начин филмот целосно се потпира на есенцијалните синеастички вредности и филмскиот јазик. Концептот за снимање во реaлно време и во еден кадар покрај тоа што ја интензивира емоционалната вредност на филмот исто така креира свеж и ироничен поглед на жанровскиот филм. Оваа смела режисерска одлука му дава уникатност на делото и претставува основа на уметничкиот потенцијал на филмот.Поради самиот концепт на филмот снимањето траеше две седмици, а му претходеа подготовки од осум недели од кои последните две беа комплетни технички, актерски и мизансценски проби со целата актерска и филмска екипа на оригиналните локации.Приказната започнува на премиерата на филмот “90 минути“ во киното Зоо Паласт во Берлин. Во средиштето на приказната е Себастијан, млад актер, (филмска sвезда во подем) кој оттука ја започнува својата “одмаздничка мисија”. Следуваат многу необични, бизарни ситуации кои завршуваат со неочекуван пресврт. Сценариото им остава поголем простор на актерите во градењето на реални и мултидимензионални ликови и се темели на голем број микро ситуации со отворен потенцијал за различни решенија и поголем уметнички придонес. Главните улоги ги толкуваат: Блерим Дестани, Удо Киер, Удо Киер, Николет Кребиц и Вернер Даен. Дестани е млад актер по потекло од Македонија кој денес живее во Германија, досега има повеќе филмски остварувања покрај познати актерски имиња како Бил Мареј, Роберт Дувал, Рона Митра, Скот Купер, Томас Кречман, Ралф Милер, Томас Хајнце и други. За главната улога во белгискиот бокс офис хит „Досие К” во режија на Jan Verheyen неодамна го доби златниот гладијатор за најдобар актер на меѓународниот филмски фестивал во Драч.Удо Киер е филмска актерска легенда кој досега има снимено преку 190 играни филма. Во својата богата кариера работел со Рајнер Вернер Фасбиндер, Ларс фон триер, Вим Вендерс, Вернер Херцог и многу други. Удо Киер е извонреден германски актер кој оствари значајни улоги во „Inglourious basterds”, „Casino Royal”(James Bond 007), „La vita e bella” и други. Николет Кребиц, пак, има нанстапувано во „The city below” (Unter dir die Stadt), а Вернер Даен е познат по настапот во „The lives of others” (Das leben der Anderen), „Operation Valkyrie” и “Enemy at the gates”.Во филмот значајни улоги остварија и македонскиот актер Рефет Абази и Карел Зима кој играше и во претходните филмови на Трајков.Сценариото е на Иво Трајков и Иван Мариновиќ, кинематографер е Суки Меденчевиќ, стедикем оператор: Маркус Полус, костимографијата е на Ирене Ип а сценографијата на Барбара Фалкнер, шминка – Mилена Флеидерер и Кристина Вагнер, а продуцент на филмот е Блерим Дестани. Како дел од интернационалната екипа (Германија, САД, Македонија, Чешка, Црна Гора) предводена од режисерот Трајков во реализацијата на филмот учествуваа и Рефет Абази acting coach на Блерим Дестани, Нина Чамински координатор на продукција и Роберт Јазаџиски како линиски продуцент преку продуцентската куќа Кавал Филм од Македонија. Moжен е ангажман и на уште некои македонски автори во филмот.Филмот е снимен со најновата дигитална камера на ARRI – ALEXA и во моментов е во фаза на постпродукција која се одвива во Берлин, а се очекува да биде готов на почетокот на следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.