Македонија
ДИК не смее да го објави Избирачкиот список
Забрана Државната изборна комисија на својата веб страница да објавува име, презиме, адреса, пол, општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место, односно записи што ги содржи веќе објавениот Список за теренска проверка.
Дирекцијата за заштита на личните податоци, три дена по одлуката на ДИК да ги објави спорните записи за повеќе од 89 илјади избирачи изрече забрана за објавување на овие податоци, откако извршила вонреден надзор и констатирала дека не е правично и не е во согласност со Изборниот законик и со Законот за заштита на личните податоци, пристап до личните податоци да имаат неодреден број лица. Затоа, бара Списокот за теренска обработка веднаш да се тргне од веб страницата.Дирекцијата реши и да се забрани опцијата што ДИК им ја дозволи на граѓаните: да проверуваат гласачко право за други лица. Сега се забранува прикажување податоци за сите избирачи во една општина, како и за проверка според адреса или според име и презиме. Според опозициската СДСМ, ваквиот став на Дирекцијата претставува кршење на Изборниот законик и на договорот од Пржино.Велат дека ова е обид да се прикрие криминалот со Избирачкиот список и бараат ДИК да се спротивстави.„Горан Трајковски, по панична нарачка на бандата на Никола Груевски, Мијалков и Ставрески, се обидува да го сокрие криминалот со Избирачкиот список. Јавно ја повикуваме ДИК да не постапува по ова барање на криминалната банда. Јавно ја повикуваме ДИК да застане во одбрана на Изборниот законик и да работи согласно законите“, изјави Дамјан Манчевски од СДСМ.„Само еден ден откако беше објавена фамозната листа на „фантомските гласачи“ и на најтврдокорните поддржувачи на СДСМ им стана јасно она што одамна го знаат и малите деца: нема фантомски гласачи и нема изговори за СДСМ ниту за досегашните порази на изборите, ниту за бегање од престојните избори, нивно одложување или непризнавање на резултатите. Граѓаните кои се предмет на теренска проверка, сите до еден се гневни на СДСМ. Сите до еден се гневни затоа што само поради СДСМ и нивното невидено однесување мора некому да се правдаат и објаснуваат дека не се фантоми, туку луѓе кои со децении живеат на истото место и го реализираат своето право на глас“, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.Членовите на ДИК имаат работен состанок, на кој одлучуваат како ќе постапат по решенијата и забраните изречени од Дирекцијата за заштита на личните податоци./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Кризата на доверба во правдата доведе до прекинување на функцијата на јавниот обвинител
Коалицијата „Вреди“ оценува дека прекинувањето на функцијата на јавниот обвинител означува крај на период што како што велат од таму, предизвика длабока загуба на јавната доверба во Јавното обвинителство.
„Довербата на граѓаните беше уништена од конкретни случаи што ги видоа со свои очи, како што е случајот со Иџет Мемети, каде што службеник за правосудство заврши со блага казна, додека обичните граѓани беа казнети за многу помали грешки.
Меѓународните проценки, исто така, сериозно ја погодија довербата во правдата, вклучително и вклучувањето на Артан Груби и Енвер Беџети на американската црна листа за сериозна корупција и поткопување на процесот на правосудство, додека институциите сè уште не дадоа јасен епилог за овие случаи“.
Коалицијата „Вреди“, како што нагласуваат, ќе инсистира процесот за избор на нов јавен обвинител да биде чист, транспарентен и ослободен од политички влијанија. Според нив, враќањето на довербата на граѓаните во правосудниот систем е обврска што не може повеќе да се одложува.
Македонија
Кујните на ДПМНЕ со денови прават обиди да се одвлече вниманието од најважното прашање: предавството на Македонија, мигранти за пари, велат од СДСМ
Целата македонска јавност е сведок дека од ВМРО-ДПМНЕ со денови се измислуваат теми, се конструираат случаи, се шират невистини, истакнуваат од СДСМ.
Кујните на ДПМНЕ, додаваат од оваа партија, со денови прават обиди да се одвлече вниманието на граѓаните од најважното прашање: предавството на Македонија, мигранти за пари.
„Во Собранието доставија документ за предавство на државата за пари, а паралелно постојано пласираат измислени теми за дефокус. Кујните работат со полна пареа.
„СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти“ објавија кујните на ДПМНЕ.
А вистината? Премиерот Мицкоски побегна од пратенички прашања и од дискусија за Резолцијата на СДСМ со која се става крај на оваа тема.
Дури и изјавите на амбасадорката на САД беа предмет на манипулации. Таа потврди дека разговори за мигранти водат многу земји, меѓу кои и САД, но „не може да зборува за разговорите што ги води Обединетото Кралство“.
Но, кујните на ДПМНЕ веднаш ја зготвија минуплацијата дека таа всушност му упатила пораки на претседателот Филипче“.
Од СДСМ додаваат дека преку успешната акција „Разоткривање“ на Антикорупискиот тим на партијата тој систем целосно е разоткриен и сега што и да прават само го потврдуваат она што е покажано.
„Сè е по сценариото на Вучиќ, copy-paste. Во 2016 година за време на изборите во САД во Македонија функционираше центар за производство на лажни вести, кој беше користен во кампањата против кандидат за претседател на САД.
Пред неколку дена, актуелниот претседател на САД на својот X-профил објави дека при изборите во 2020 година (против него) биле користени сервери од Србија за манипулација со електронското гласање.
А видовме и вчера како завршува таа политика. Србија доби шлаканица од САД. Кушнер се повлече од проектот затоа што Вучиќ манипулирал со документацијата, а народот масовно се крена против проектот. За сето ова пишуваше и New York Times.
По тоа следеше уште една шлаканица, овој пат од Европската Унија. Марта Кос јасно порача: сакаме Србија, но демократска Србија.
Тоа е истата политика на ДПМНЕ во Македонија.
Лажни вести, манипулации, одвлекување на вниманието на граѓаните од главните теми, од криминалот и корупцијата, од договорот мигранти за пари, од катастрофалната економска политика и намерната изолација на земјата надвор од ЕУ.
Разоткирени се. Знаеме се. Ова нема да им помине“.
Македонија
„Дали Коцевски тактизираше со оставката за да купи време и да се заташкаат над 40 предмети за висока корупција за функционери од СДС и ДУИ“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Љупчо Коцевски тактизираше дури и со сопствената оставка и одлучи да ги пресретне непријатните дискусии и вистината за неговото работење како јавен обвинител. Со оставката Коцевски ги призна проблемите во обвинителството кое беше компромитирано и под негово водство беше институција со изгубен легитимитет“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Коцевски го водеше обвинителството речиси две години и не направи ниту една реформа. Напротив обвинителството во време на Коцевски делуваше во заштита на криминалите на СДС и ДУИ и нивните функционери.
Тактизирањето на Коцевски и задоцнетата оставка е показател за длабоките проблеми, корупцијата и обидот да се зачува статус квото на обвинителството.
Коцевски е првиот на кого парламентот му изгласа недоверба, но тој не пропушти да тактизира за да извлече барем ден плус во заштита на функционерите на СДС и ДУИ.
Со оставката на Коцевски се става крај на темниот период во обвинителството како партиски механизам за заштита на СДС и ДУИ. Оставката на Коцевски не е персонално туку системско решение и е јасна порака дека никој не е недопирлив.
Дали тактизирањето со оставката на Коцевски се купуваше време за неговите наредбодавци?
Дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат над 40 предмети за висока корупција на функционери од СДС и ДУИ?
Оставката на Коцевски е победа за правната држава, крај на партизацијата и почетокот на европеизацијата.
Ова не е крај туку почеток на неселективна и навремена правда.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира за независно, професионално и департизирано обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на реформи во правосудството за навремена и неселективна правда каде ќе се почитуваат законите и владеење на правото.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на градење на институциите и враќање на довербата на граѓаните во правосудството“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

