Контакт

Македонија

Новогодишно обраќање на премиерот Никола Груевски – видео

Објавено пред

Нови инвестиции, продолжување на напорите за членство на земјата во ЕУ и НАТО, нови градежни зафати, реформи во образованието и инвестиции во здравството, се дел од работите што премиерот Никола Груевски ги најави за 2015 година, во новогодишното обраќање.

dobivaj vesti na viber

 

 

Во продолжение го пренесуваме обраќањето интегрално.

 

„Зад нас е 2014-та година, пред нас 2015-та. 2014-та беше година на многу предизвици, проблеми, но и успеси. Сите ние со ентузијазам влегуваме во 2015-та, со мисла за подобар и посреќен живот. Секој еден човек има право да се бори за подобар живот, за посреќни денови, за помалку проблеми и повеќе успеси. Освен сите ние како луѓе и индивидуи, сите ние имаме и заеднички, колективен, општествен, државен интерес, проблеми, напредоци, успеси и неуспеси. Многу често колективниот успех на државата директно или индректно влијае на индивидуалните успеси и поквалитетен живот. Нашата задача, нашата мисија, обврска, посветеност и одговорност како политичари кои ја добија довербата од мнозинството граѓани на изборите во април 2014-та, и тоа со најголем број гласови кои сме ги добиле досега, ја зациментира нашата одговорност пред Вас  на највисокото можно скалило. Да се добие таква доверба, по 8 години практикување власт во оваа земја со многу проблеми, но и по такви тешки времиња на светска, а по неа и европска должничка криза, за мене е таква доверба, што кога размислувам за тоа, чувството на одговорност ме остава без здив. Чувствувам далеку поголема обврска одколку во 2006-та, кон сите Вас, Македонци, Албанци,  Турци, Роми, Срби, Бошњаци,  Власи,  христијани, муслимани и останати. Тоа е посебно чувство заради кое беспоштедно работам и јас и мојот тим, да го испорачаме најмалку она што сме Ви го ветиле на изборите и во програмата, а ако можеме и нешто повеќе од тоа.

 

Од тој аспект 2014-та беше година кога се случија многу нешта. 2014-та е година во која Македонија во првите три квартали имаше трет највисок раст на економијата во Европа, веднаш зад Англија и Ирска. Тука веќе имаме и континуитет, бидејќи и претходната 2013-та, имавме трет највисок раст на економијата во Европа.

 

Носители на растот беа извозот кој имаше огромен раст од речиси 20 отсто споредено со 2013-та, градежништвото кое, покрај со градба и реконструкција на локални и регионални патишта, доби на динамика и со градбата на три автопати, градба на железничката пруга кон Бугарија, како и реконструкција на пругата од границата со Србија до Границата со Грција, но делумно на растот влијаеше и зголемувањето на потрошувачката чиј генератор беа зголемувањата пензиите, социјалната помош и платите во јавниот сектор.

 

Сите овие фактори и показатели очекуваме да продолжат и во 2015-та. Донесувањето на странските компании, иако на почетокот критикувано од опозицијата, се покажа како полн погодок. Тие дадоа нов импулс на нашата економија, но и на многу постоечки македонски компании кои станаа нивни партнери или добавувачи. Тоа ме чинеше многу труд, време, енергија, напорни патувања, и мене и мојот тим за привлекување инвестиции, но се исплатеше. Се исплатеше и големата посветеност да се создаде добра бизнис клима во земјата, која е предуслов да дојдат странските фирми. Не останавме должни и кон домашните фирми. Не само што сите поволности важат и за нив, целата таа подобрена атмосфера на бизнис ја користат и тие, тукуза нив излеговме и со нова кредитна линија со најниски можни камати во земјата од 5,5 отсто, што беше сериозно гориво во моторите на домашната економија.

Фактот што светската банка не сврстува во 30-те најдобри земји во светот според условите за водење бизнис, ни гарантира успех и за 2015-та, а досега стекнатото искуство, ми дава за право, ако минатата година ветив дека најмалку 20 странски компании ќе донесат и објават одлука за инвестирање во Македонија, што и се оствари и надмина, сега можам да ветам дека најмалку 25 нови компании во 2015-та ќе го направат истото.

 

Да, во 2014-та одлуки за отворање свои капацити донесоа и објавија, а дел од нив почнаа и со градба и првични вработувања, германската ОДВ Електрик во Охридско-струшкиот регион која почна да вработува и планира да вработи вкупно 1000 невработени лица, а во истиот регион истото го објави и германската Костал исто така со 1000 вработувања. Германската Ки Сејфти системс веќе почна да регрутира вработени, а планира да вработи над 1000 лица во Кичево, а германската Маркард веќе ја гради фабриката кај Велес во која почна веќе да ги селектира дел од 600-те планирани вработувања. Германскиот Техникал текстаил, кој веќе гради во штипската зона, ќе отвори нови 600 работни места. Две компании објавија свои инвестиции во Прилеп, едната е американската Етанол Јуроп Рињујабле која планира вработување на 1000 лица, а втората германската Гентерм, која планира вработување на 2000 невработени.

 

Веибо груп од Турција веќе донесе механизација во Ранковце и почна да го подготвува теренот за градба на неколку фабрики во кои планираат да вработат најмалку 5.600 лица. Тие ќе понудат работа за цел регион каде се Крива Паланка, Кратово, Пробиштип и Куманово. На истокот, во регионот Кочани-Виница, американската коорпорација Анфенол почна да вработува и планира да достигне до најмалку 2000 лица,  како и холандската Антура, која го гради својот капацитет во кој планира да вработи 200 невработени.

 

Пред две недели американската Капкон објави изградба на фабрика кај Скопје за 400 невработени. Во скопската зона веќе гради фабрика Диатек од Италија каде ќе се вработат најмалку 200 лица, а во истата зона се определија и објавија одлука Монтанте од Италија и фирмата Енергија од Украина. Британската Еуро БПО веќе почна со работа во Скопје, а планира да достигне до 350 лица, британската компанија Ендава  објави вработување на најмалку 450 информатички инжињери во Скопје, а на листата се и Менсан од Турција, бугарската Филкаб, ИТЕК од Италија, кој почна да гради во Тетово, Гришко од Русија кој ја најави втората фаза во Демир Хисар со 200 нови вработувања, Истем медикал од Турција, турските про лајн и мач груп и повеќе други.

 

Она што посебно ме радува е што тимот за привлекување инвестиции, каде се петте министри за инвестиции, директорот на зоните, заменик министерот за економија, заменикот директор на Агенцијата за странски инвестиции, мојот советник за странски инвестиции, новиот сектор во мојот кабинет за привлекување инвестиции, разгранетата мрежа на промотори во над 30 индустриски центри низ светот, како и амбасадорите и генералните конзули, сите се во моментот, заедно со вработените кај нив, заедно со мене, со потпретседателите на Владата, и целата Влада, со поддршка на дијаспората, и сособено на организацијата Македонија 2025 предводена од Мајк Зафировски, една силно забревтана машина, добро организирана, со големо искуство и многу посветена на привлекувањето нови компании кои ќе отворат нови работни места за невработените во Македонија. Паралелно на ова, остануваме многу посветени и на домашните компании, како во правец да им помогнеме за нивниот развој, така и во правец да ги поврзиме со странските кои доаѓаат, да станат нивни партнери и преку тоа да заработат и да отворат нови работни места.

 

И не е случајно што невработеноста во 2014та континуирано се намалуваше, и достигна 27,9, што се уште е високо, но многу пониско од 38-те отсто кои ги наследивме. И не е случајно што индустриското производство расте 15 месеци по ред и со раст од 5,2 имаме петти највисок раст во Европа на индустриското производство, а државниот долг остана низок до умерен со околу 39 отсто. Покрај новите компании, растот на извозот и иградежништвото имаше и ќе има многу работа и во 2015-та.

 

Во полн ек се градбите на трите автопати и железницата кон Бугарија, но следната година, некаде летото, ќе почне и градбата на експресниот пат со четири ленти од Штип кон Кочани, и од Градско кон Прилеп, а кон крајот на 2015та и експресните патишта со 4 ленти од Охрид до Пештани и автопатот од Требениште до Струга. Ќе се заврши и експресниот пат Велес Штип до Кадрифаково, а очекуваме да најдеме концесионер и за автопатската делница Кичево-Гостивар, каде ако се биде во ред градбата би почнала во 2016-та. Ќе продолжат и градбите и реконструкции на други патни правци,меѓу кои и Миладиновци- Куманово, Неготино – Демир Капија, Велес – Катланово и повеќе други.

 

Во 2015-та очекувме да почне градбата и на гасоводната мрежа од Куманово до Штип и да се обезбедат услови и за останататиот примарен гасовод низ Македонија. Секундарната гасификација во Скопје и скопско, со инвестиција од 100 милиони евра, како и секундарната гасификација во источна и западна Македонија е исто така дел од плановите за 2015-та. Фокусот ќе остане и на изнаоѓање алтернативни извори за донесување поголеми количини гас за Македонија.

 

Како и во 2014-та, така и во 2015-та, ќе продолжиме со ветеното зголемување на пензиите, социјалната помош и платите во јавниот сектор.

 

Како и во 2014-та, така и во 2015-та ќе продолжиме со политиката за поддршка на земјоделството  и македонското село со нови 150 милиони евра за субвенции и рурален развој.

 

Ќе го продолжиме и проктот Купи куќа купи стан со новите подобрени услови за оние кои имаат потреба од куќа или стан, проект преку кој досега над 430 семејства го решија својот станбен проблем и секако ќе продолжат сите други наши проекти кои даваат добар резултат или наоѓаат одличен одѕив кај народот, како што се бесплатниот железнички превоз и бесплатниот влез во културните установи во одредени денови во неделата за младите и пензионерите, бесплатниот викенд за пензионерите кој ќе почне во 2015-та и мерката за субвенционирање на придонесите на секој кој ќе вработи млади луѓе до 29 години, мерка со која 5700 лица во 2014-та се вработија, како и можностите за ултра поволни кредити за младите луѓе кои сакаат да започнат бизнис. Преку другите активни мерки за вработување обезбедивме уште над 5000 работни места во 2014-та, а најмалку толку ќе има и во 2015-та. Не беа и нема да бидат заборавени лицата со хендикепт, на кои континуирано им се помага со постојните и со нови мерки.

 

Ветениот отпис на долгови, под одредени услови, е во длабока фаза и тој ќе заврши. Досега над 2000 ранливи категории лица добија решенија за отпис на различни долгови во износ од над 2 и пол милиони евра.

 

Во 2015-та, како и во 2014-та ќе продолжи силниот инвестициски бран во здравството, но и понатамошни системски мерки за подобрување на организацијата на здравството, условите за пациентите, условите за лекарите и медиционскиот персонал, обуките во најнапредни и најреномирани болници и клиники во Европа и во Америка на нашите лекари и медицински сестри кои наместо по 500 годишно како досега, ќе бидат по 1000 обуки годишно од 2015-та, што силно ќе го зголеми знаењето и искуството и ќе овозможи подобра здравствена услуга за сите во Македонија.

 

Во 2014-та стартуваше државната кардиохирургија за која се говореше 20-30 години, но и неонаталната кардиохирургија, под раководство на најдобрите лекари од Америка во оваа област. Заради процедурите на банката за развој при Советот на Европа задоцни градбата на новиот објект на комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје, како и на Штипската клиничка болница, и нивнта градба ќе започне во првите 4 месеци од 2015-та година. Во 2014-та во комплексот клиники Мајка Тереза се заврши гасификацијата, а почна процедурата за изградба на гасна топлана за произвоство на електрична и топлинска енергија за потребите на овој комплекс кој ќе донесе многу заштеди. Се гасифицираше и Градската болница „8ми септември“. А, кога сме кај заштедите, во 2014 се остварија крупни заштеди со воведувањето на т.н.паралелен увоз на лекови и разбивањето на монополите во фармацевскиот бизнис, кои ќе се одразат и во 2015-та со вкупна заштеда од околу 14 милиони евра, пари со кои следната година ќе се реновира прилепската и битолската болница, кумановската ќе добие ургентен центар, а Клиниката Св.Наум Охридски во Скопје, како и некои други болници и клиники ќе добијат дополнителна опрема.

 

Ќе продолжат и инвестициите во културата, во спортот, во заштитата на животната околина, хидроцентралите, енергетиката, системите за наводнување и во нови други области.

 

Посебно сме и ќе останеме посветени на образованието и иновациите за кои ќе следат и првите грантови и поддршки во 2015-та одкако во 2014-та се оформи фондот за иновации. Во 2015-та влегуваме со започната процедура за две крупни реформи во образованието. Едната со која се регулира дејноста наставник, се формира академија за наставници, и се даваат стимулативни мерки за секој еден кој ќе се запише на педагошки факултет, со цел таму да се привлечат најдобрите студенти. Со оваа реформа, секој кој ќе студира педагошки факултет ќе добива месечно по 10.500 денари за време на студирањето, секој месец. Бројот на упишани ќе биде ограничен и строго селектиран исклучиво според квалитетот. Се воведува плус една година академија за време на чие студирање секој месец студентите ќе примаат по 21 илјада денари помош од државата, и конечно оние кои под овие услови во иднина ќе завршат ќе имаат загарантирано вработување. Има новини и за постојните наставници, имено, секој од актуелните наставници кој ќе заврши едногодишна академија, ќе има за 3 илјади денари повисока месечна плата. Целта е во иднина, новите генерации да ги учат и оформуваат најдобрите и најквалитетните, добро обучени учители, наставници и професори во основните и средните училишта.

 

Втората крупна реформа е поврзана со високото образование, нешто што деновиве е многу актуелно. Со неа се предвидува, дека почнувајки од 2018-та, секој професор ќе треба да издава најмалку два труда во пет години во реномирани меѓународни списанија со фактор на влијание, објавени на листата на Томсон Ројтерс – веб оф саианс. Ова предизвика вознемиреност кај ДЕЛ од македонските професори, која резултираше и со протести, но на Македонија и се потребни квалитетни професори и напредни научници, кои својот квалитет нема да го мерат само локално меѓу себе преку колумни низ дневните весници и бистрење политика, туку меѓународно со своите колеги од сите напредни држави. Ова на краток период ќе го наруши нивниот комодитет, но долгорочно сите добиваме. И со оваа мерка, доколку целосно се спроведе, Македонија повторно ќе остане меѓу последните во Европа според бројот на меѓународно признати трудови на македонските научни работници и професори, но од некаде мора да се почне. Да не бидам погрешно разбран, факт е дека ние во моментов имаме меѓународно конкурентни професори, но нивниот број не е голем, и тоа е предизвикот пред нас. Споредбите со Словенија и другите земји во регионот, каде имаат по 10 пати повеќе научни трудови, говорат се. Не сакам ни да помислам во овој момент да правиме споредба со земјите надвор од регионот како Германија, Франција или Америка.

 

Другата значајна реформа е државниот испит, кој треба да стави крај на купувањето дипломи без знаење, на корупцијата на факултетите, на добивањето оценки без знаење што е на штета на самите студенти, но и на целото општество. Македонија нема избор, освен својата иднина да ја позиционира и базира на знаење и креативност. Не можеме иднината да ја базираме на некои огромни резерви на нафта или на природен гас или други рудни богаства, ниту пак на илјадници километри морски плажи, ниту пак на било што друго што го немаме. Ги имаме нашите умови и само со реално и меѓународно конкуретно знаење, интерактивна настава базирана на развој на креативноста и претриемничкиот и иноваторски дух можеме да очекуваме поголеми успеси и поголема среќа, како индивидуално, така и колективно како држава.

 

Во 2015-та година ќе продолжиме со нашите напори за зачленувањето во НАТО и ЕУ. Шесте препораки на ЕК за почнување на прегооворите се показател за нашата досегашна посветеност на ова поле. Немањето волја кај нашиот јужен сосед ниту да се најде решение за ова прашање, ниту пак да го дозволи нашиот влез во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ беа клучните причини за одлагањата кои ни прават голема штета. Претпазливи кон нашите национални интереси, и со огромана волја за напредок влегуваме во 2015-та година по ова прашање.

 

Опозицијата, која во 2014-та година доживеа еден од најтешките порази во нивната историја, се надевам дека во 2015-та ќе извлече поука од сопствените грешки и ќе ја разбере пораката на народот. Од нас ќе има подадена рака за соработка секогаш, затоа што тоа е од интерес за нашата држава и за нашиот народ, за демократијата и за иднината. Со гнев, со злоба, без идеи и проекти, со неумесни условувања, со манипулации и интриги не се освојува поддршката на граѓаните. Напротив, со многу труд, работа, посветеност, искреност и креирање добро обмислени и пресметани идеи корисни за сите граѓани.

 

Ние како влада и владејачка партија, освен со посветена и одговорна работа, ќе останеме фокусирани на препознавањето на нашите, на сопствените грешки, на нашите слабости и пропусти. Само така можеме да останеме конкурентни на политичката сцена и да ја освојуваме довербата на мнозинството граѓани.

 

Во 2015-та следуваат и измени и дополнувања на Уставот, и стапување на сила на комплетно нова законска регулатива во делот на државната и јавната администрација, со што од корен ќе се променат некои состојби и проблеми во тој дел, а ќе дадат нов елан и нови можности на вработените во администрацијата. Следува и пакет на крупни измени во законите во судството кои треба да креираат уште поефикасно и поправично судство.

 

Продолжува и силната борба против криминалот и корупцијата. Во 2014-та Македонија се искачи за три скалила на листата на Транспаренси интернешнал, а со посветеност на ова поле, без селективност во мерките, цврсто верувам резултатите ќе продолжат да доаѓаат.

И конечно, на сите Вам, почитувани граѓани, Ви посакувам пред се добро здравје, многу љубов, спокојство и лични успеси и на приватен и на планот на вашата работа. Нека чувството на среќа во 2015-та година Ве обземе повеќе одколку во минатото, нека се остварат повеќе лични и семејни желби и планови, нека Бог ни дари добра мисла, бидејќи какви ни се мислите, таков ни е животот.

 

Среќна нова 2015 година!!!’, се вели во новогодишното обраќање на премиерот Никола Груевски. /крај/со/ст

Се вчитува прикажувачот на видео…



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

На аеродромот во Скопје спречен обид за шверц на 27,5 килограми тутун за наргиле

Објавено пред

Мобилен царински тим на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје“, на влез во државата, спречи обид за шверц на дури 27,5 килограми ароматизиран тутун за наргиле, што требало да заврши на македонскиот пазар. Со оваа акција е спречен обид за нелегална трговија со тутун, како и обид за избегнување плаќање давачки за акцизна стока во висина од 138.435 денари, соопшти Царнската управа.

dobivaj vesti na viber

Во случајот, против едно лице, државјанин на Турција, се води соодветна постапка, а тутунот е запленет.

„Случајот е откриен кога, поради сомневање, мобилен тим го селектира и изврши контрола на патникот, при што во куферот и во личната торба во негова сопственост беше пронајден ароматизиран тутун за наргиле со вкупна тежина од 27,5 килограми.

Нелегалниот тутун го загрозува здравјето на граѓаните и ја поткопува легалната трговија и оттука Царинската управа во континуитет спроведува акции со цел спречување обиди за шверцување тутун и тутунски производи“.

Прикажи повеќе...

Македонија

Намалена активната транспарентност на Владата и на министерствата, најмалку информации има за финансиите, објави Центарот за граѓански комуникации

Објавено пред

Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според активното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 102 институции, односно Владата и сите министерства и општини.

dobivaj vesti na viber

„Индексот ги покажува следниве клучни аспекти: просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2025 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %), исто колку што изнесуваше и минатата година.

Активната транспарентност на министерствата и на Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 % (лани 86 %).

Општините го задржаа истото ниво на активна транспарентност како и лани, односно 79 %“, е нагласено во извештајот.

Според наведеното, дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност (лани се влошиле 19 % од институциите).

„Министерството за одбрана петта година по ред ги задржа максималните 100 % активна транспарентност, а резултатот од 100 % годинава го освои и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.

Кај општините, за разлика од лани кога дури пет општини го делеа првото место со 100 % активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.

Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион (со иста активна транспарентност како и лани од 88 %).

На последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани, се наоѓа Полошкиот Регион (со 71 % активна транспарентност, лани 73 %).

Најмалку информации, според центарот, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 58 %, а општините 59 % од можни 100 %).

Огромно уназадување, како што велат од таму, има кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање.

„Општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 15 дена), а министерствата одговорија за 23 дена (лани за 14 дена). Инаку, крајниот законски рок е 20 дена.

Само 54 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 71 % од институциите)“.

Прикажи повеќе...

Македонија

„Вреди“: Го затворивме отпадот на ДУИ, на 19 октомври ќе ги уништиме и неговите фосили

Објавено пред

Вчера конечно ја затворивме дивата депонија во Никуштак, срам наследен од владата на ДУИ, која со години го труеше воздухот и здравјето на жителите на Липково и Арачиново, информираат од „Вреди“.

dobivaj vesti na viber

„Оваа одлука, беше овозможена благодарение на директното влијание на првиот вицепремиер Изет Меџити и вицепремиерот Арбен Фетаи, кои го претворија проблемот занемарен од ДУИ во државен приоритет.

Овој чин не е само затворање на депонија, туку затворање на ерата на срам и неодговорност. ДУИ 20 години ги остави Албанците да живеат меѓу отпадот, додека самите се богатеа на нивен грб. Денес го затворивме нивниот отпад, но на 19 октомври граѓаните ќе ги затворат и политичките кариери на фосили на ДУИ“.

Од Вреди нагласуваат дека Липково, Арачиново и секоја албанска општина повеќе нема да бидат, како што велат, гробишта од ѓубре на ДУИ, ниту од отпад, ниту од корупција, ниту од политичко предавство.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија1 час

Намалена активната транспарентност на Владата и на министерствата, најмалку информации има за финансиите, објави Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според активното објавување...

Македонија2 часа

Синоќа повторно предизвикан пожар на „Дрисла“

Синоќа, пред 23 часот, повторно беше предизвикан пожар на депонијата „Дрисла“, на сосема друго место, подалеку од местото што беше...

Свет3 часа

Рубио: Трамп е единствениот лидер што може да разговара со Русија, Украина и со Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски следната недела во Њујорк, објави американскиот...

Македонија3 часа

„Марш за ангелите” во Кочани и мирен протест во Скопје: шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“

Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица....

Македонија3 часа

Изгаснат тежок пожар пред Пинтија, под контрола се пожарите на „Дрисла“ и во Трубарево, активен пожарот на Кожуф

Рано утрово пред 4 часот избувна тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија (над „Стакларата“ на местото наречено Каменик)...

Македонија3 часа

Мицкоски треба да одговара за ширење страв и паника по признанието на Тошковски дека нема центри на моќ зад пожарите, велат од СДСМ

Панче Тошковски во интервју призна дека нема осомничени дека одреден центар на моќ влијаел да се подметне пожарот во Трубарево...

Свет4 часа

Зеленски до Трамп: Покажете јасен став и сопрете го Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Доналд Трамп да заземе јасна позиција за да го запре Владимир Путин и да...

Македонија16 часа

Град Скопје не е надлежно за фабриката во Трубарево, „Вардариште“ е на Гази Баба, кај си да писнеш за УСЈЕ, му порача Арсовска на Ѓорѓиевски

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска со објава на социјалните мрежи по последните случувања со пожарите во Трубарево, „Дрисла“ и „Вардариште“...

Македонија16 часа

Опожареното место е затрупано со песок за да се спречи понатамошно тлеење на опасни материи, состојбата во Трубарево е под целосна контрола, уверуваат надлежните

Во Министерството за животна средина и просторно планирање денеска се одржа брифинг со медиумите за состојбата по пожарот во складиштето...

Топ16 часа

Скопјанeц ги убил девојката и татко и во Велес, па се самоубил

Денеска (15.09.2025) во 15:30 часот во СВР Велес е пријавено е дека на ул.,,Кочо Рацин“ во Велес е пронајдено женско...

Македонија17 часа

Нема зголемена радијација во почвата и воздухот по пожарот во Трубарево, соопшти ИЈЗ

Од Институтот за јавно здравје информираат дека се во континуирана координација со Инспекторатот за животна средина, Министерството за здравство и...

Македонија18 часа

Кирков до Арсовска: Знаете ли дека ви изгореа „Дрисла“, „Вардариште“, а Скопје е затрупано со смет кој не го собирате

Советнинкот во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, со објава на социјалните мрежи ја праша градоначалничката...

Македонија20 часа

Ноќеска Итната помош 13 пати интервенирала во Трубарево, едно лице е пренесено на Токсикологија

Во текот на изминатата ноќ заклучно со попладнево во реонот на Трубарево се извршени 13 интервенции од Итната медицинска помош,...

Топ21 час

Повреден 18-годишник, велосипедист во Чаир испукал кон него неколку куршуми и избегал

Ноќеска ургентниот центар на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во полиција пријавил дека кај нив е донесен 18-годишник повреден од огнено...

Македонија23 часа

(Видео) Ангелов: Пожарот во Трубарево е целосно изгаснат, состојбата во „Дрисла“ е драстично подобрена

Пожарот во Трубарево е целосно изгаснат, целата опожарена површина е затрупана со песок и земја. Утрово покажуваше на неколку места...

Македонија23 часа

(Видео) Хибридниот напад од странски центри е смешно алиби за неспособност на Мицкоски, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска силно ги нападна изјавите на премиерот Мицкоски дека државата била цел на хибриден...

Македонија23 часа

За да нема чадење од „Вардариште“, треба да се најде пристоен дом за над 200 луѓе што живеат среде депонијата, а некои од нив потпалуваат, вели Тошковски

Во решавање на проблемот со депонијата „Вардариште“ треба да се вклучат сите институции, да им се најде соодветен дом на...

Македонија23 часа

(Видео) „Дуото Апасиев – Мециновиќ си пикнало во џебот милиони од партијата Левица, а на поддржувачите им велат донирајте ни пари“, вели Манасиевски

„Дуото Апасиев-Мециновиќ си пикнало во џеб милиони од Левица, а на поддржувачите им велат донирајте ни пари. Глумците Апасиев и...

Македонија1 ден

(Фото) Презентирано визуелното решение за новата Универзална сала

Денеска, пред македонската јавност беше презентирано визуелното решение за новата Универзална сала – модерен и функционален објект, кој ќе го...

Македонија1 ден

(Видео) Граѓаните го блокираа мостот „Близнаци“: секој ден без акција значи уште еден ден вдишување отрови

Граѓаните, утрово, од 7.30 часот, еден час ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнаци“ помеѓу општините Аеродром и Гази Баба. „Овој...