Култура
По 60 години таинствениот обожувач не се појави на гробот на Едгар Алан По

Таинствениот почитувач на делот на Едгар Алан По, кој секоја година на годишнината од раѓањето на американскиот поет преку ноќ на неговиот гроб оставал шише со коњак и рози, ја прекинал традицијата по шест децении
Американските медиуми забележувајќи ја оваа појава нагаѓаат која е причината за прекинување на мистериозната традиција. Се претпоставува дека, имајќи предвид дека обожувачот воспостави традиција веќе 60 години, најверојатно и самиот починал. Или, пак, можеби бил спречен да го изврши својот обичај. „Збунет сум. Не знам што се случило“, изјавил Џеф Џером, кустос на спомен куќата и музејот на Едгар Алан По во Балтимор. Дденешното изостанување на таинствениот обожувач на поетот од редот на ткн. „темните поети“, само ја продлабочи мистеријата околу неговиот идентитет. Традицијата на оставање шише коњак и роза е почната на 19-ти јануари 1949 г. и до вчера траеше 60 години, без ниту еднаш да биде прекината. Некои американски хроничари забележале дека оваа традиција е можеби почната и претходно, но од 1949-та постои пишан запис за обичајот во балтиморскито локален весник Evening Sun. Од 1978 г. Џером и неколку негови пријатели постојано сокриени на гробиштата во Вестминстер хол чекале да го откријат идентитетот, но успеале само да забележат фигура облечена во црно и со бел шал, со шапка со широк обод, како остава шише коњак и рози. Секогаш непознатиот се појавувал меѓу полно и 5 часот наутро.Од 1993 г. посетителот на гробот на По почнал да остава пораки, почнувајќи со онаа на која пишувало „Факелот ќе биде предаден“, а во пораката од 1998 г. се насетува дека зачетникот на обичајот во чест на поетот починал, и дека најверојатно ќе го продолжат негови потомци.Со време овој мистериозен израз на почит кон Едгар Алан По, прераснува во атракција но и во своевиден аџилак и на другите почитувачи на поетот. Понекогаш имало и по неколку стотини лица кои од прикрај го следеле ритуалот на фигурата во црно. Сега, повеќето од нив изразуваат големо жалење преку глобалните општествени мрежи за дружење и комуникација, што традицијата е прекината.Но кустосот Џеф Џером сепак се надева дека на таинствениот почитувач не му се случило ништо лошо, туку дека сметал дека минатата 2009 г. кога беше одбележана 200-годишнината од раѓањето на Едгар Алан По, е згоден термин да се прекине традицијата. Во секој случај Џером најави дека тој и неговите пријатели ќе го продолжат „бдението“ и во следните неколку години очекувајќи го повторното појавување на мистериозниот обожувача на поезијата на „проколнатиот“ поет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.