Култура
Изложбата „Машина на преименување“ во Виена
Концептуалната војна на имиња меѓу Грција и Македонија, која резултираше во меѓународна игра на надмудрување, е пример за тоа како бескрајно одложуваниот настан на преименување може да доведе до една неофицијална вонредна состојба во која машината за преименување е или потценета или преценета
Поектот по успешното започнување во Љубљана во 2008, продолжува со истоимената изложба во Виена во галеријата Отворен простор. Кураторка на проектот е д-р Сузана Милевска, теоретичарка и кураторка на визуелна култура , а главен организатор на проектов е Институтот P.A.R.A.S.I.T.E. Љубљана
Проектот Машина за преименување ги разгледува сложените испреплетувања вклучени во политичките и културните процеси на преименувањето. Неговиот главен концепт ја отсликува круцијалната потреба да се преиспита начинот на кој овие процеси извршиле влијание на создавањето и дестабилизацијата на сеќавањето за националните, културните и личните идентитети во поранешна Југославија и Југоисточна Европа во последните две децении. Во текот на проектот ќе се разгледуваат различни уметнички и културни феномени поврзани со поимот преименување со цел да се одреди степенот до кој преименувањето влијае врз визуелната култура и ги оформува културните идентитети и културната политика во регионот и пошироко. Машината за преименување ја нагласува произволната и случајна природа на имињата, но, паралелно со теоретските импликации на преименувањето, проектот ги испитува скриените идеологизирани схеми на желбената преименувачка машина која дејствува зад доминантниот општествен апаратус. Во проектот Машина за преименување машиничната претстава за функционирањето на општеството е всушност ставена под лупа бидејќи двигател на машините сме сепак ние, луѓето. Машината за преименување, на пример, има огромни последици и врз родовата политика преку начинот на кој патријархалниот брачен договор традиционално диктира жената да го преземе семејното име на сопругот, и со тоа го брише нејзиниот предбрачен идентитет. Не случајно денес се повеќе жени одлучуваат да се спротистават на оваа општествена пракса со задржувањето на сопственото презиме. Како регион преоптоварен со промени во државните граници, Балканот има историја која изобилува со политиката на преименување. Промените во имињата на институции, луѓе, етнички заедници, јазици, топоними, па дури и држави, најчесто се сметаа како прв чекор кон апропријација, или бришење на националните, културните и личните идентитети, како и за начин да се заштитат долгорочните политички интереси и да се осигура доминацијата врз одредена територија. Со распадот на Југославија, апаратусот за преименување ги отстрани и ги избриша сите траги од ерата на Тито, вклучувајќи го и името на самиот лидер на Југославија, кое беше додадено во многу имиња на места во поранешната држава. Дури и самиот регион се нарекува со различни имиња: Балкан, Западен Балкан, Југоисточна Европа, итн., во зависност од геополитичките интереси и ставови по однос на неговиот интегритет или поделба. Покрај учесници од Македонија во изложбата учествуваа седум други земји: Словенија, Хрватска, Романија, Србија, Финска, Косово и Бугарија. Д-р Сузана Милевска која на овој проект работи веќе подолго време и во кој беа вклучени околу осумдесет учесници: Дан и Лиа Пержовски (Романија), ИРВИН, Тадеј Погачар (Словенија), Сања Ивековиќ, Игор Грубиќ, Младен Стилиновиќ (Хрватска), Магнус Барташ и Александер Вајндорф (Шведска), Саша Хубер и Кале Хам (Финска), МОНУМЕНТ (Србија), Тања Остојиќ (Германија), Христина Иваноска, Дејан Спасовиќ, Лилјана Ѓузелова, Александар Станкоски, Жанета Вангели, Оливер Мусовиќ, Сашо Станојковиќ (Македонија), како и многу други уметници, теоретичари, куратори, културни организации и други соработници. Во Виена ќе бидат презентирани акумулираните уметнички видеа и архивските материјали од претходните изложби, конференции и други настани.Изложбата досега беше претставена во Галеријата Јакопич во Љубљана (2008) и во галеријата Мирослав Краљевиќ во Загреб (2009, а конференции и други настани во рамките на проектот беа одржани покрај во Љубљана и Загреб и во Скопје и Приштина, а главен организатор беше Институтот П.А.Р.А.З.И.Т.Е. од Љубљана, предводен од уметникот Тадеј Погачар. Во издание на оваа организација се подготвува обемна публикација – зборник на текстови и уметнички проекти на темата преименување, а за изложбата беше објавен обемен текст во најновиот број на француското списание за перформативни уметности Движење. Во рамките на изложбата д-р Милевска ќе одржи предавање и работилница со студентите на Виенската ликовна академија со посебен фокус на културните, политичките и уметничките импликации на овој општествен механизам за бришење и повторно испишување на историјата и меморијата. Според Милевска Машината за преименување е желбена машина чие што континуирано постоење може да биде искористено како скриен код со кој може да се интерпретираат нагоните и фантазмите на преименувањето. Главната цел на овој метафоричен, но и истражувачки проект е да се истражи како во тие невидливи механизми се испреплетуваат хегемониско-империјалистичката, индентитарната и имагинативната провениенција и као тие се одразуваат на уметноста и визуелната култура во различни контексти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот народен театар со разнолик репертоар- од сценски спектакл, преку драми, до стендап
Македонскиот народен театар, 2026 година ја започнува со силен уметнички интензитет и разновидна театарска програма. Првиот месец во годината носи богат репертоар, кој опфаќа сценски спектакли, современи и класични драми и стендап-изведби на големата и малата сцена.
Програмата започнува на 15 и 16 јануари со големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Поради големиот интерес на публиката, двете изведби се целосно распродадени.
На 17 јануари, публиката ќе има можност да избере: драмската претстава „Бели ноќи“ на малата сцена, со почеток во 20 часот и стендап-настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, кој ќе се одржи на големата сцена со почеток во 20:30 часот.
Репертоарот продолжува на 20 јануари со претставата „Народен пратеник“, а на 21 јануари следува монодрамата „Торонто експрес“. На 22 јануари ќе биде изведена драмата „Варвари“, а на 23 јануари на репертоарот е претставата „Кец на десетка“.
На 24 јануари, големата сцена е резервирана за претставата „Бог на колежот“, со почеток во 20 часот, а истата вечер, на малата сцена во 21 часот, ќе се одржи новогодишното стендап-шоу „На терапија“ со Александар и Антонио.
На 26 јануари на репертоарот е „Мој термин“, а на 28 и 29 јануари се изведбите на претставата „12“.
Јануарската програма ќе биде заокружена на 30 јануари со претставата „Марта Верна“ и на 31 јануари со „Замисли нов свет“.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.
Култура
Објавена книгата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска
„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата од областа на теоријата на литературата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Во првиот (воведен) дел од овој труд авторката ја третира теоријата на романот, почнувајќи од историскиот развој до постмодерните и метафикциските парадигми. Се задржува на дефинирање на романот и неговото место во книжевната теорија, видовите и типологии на роман, теориските дијалози со романот и на концептите на фикцијата и метафикцијата.
Во вториот дел пишува за дескрипциите и моделите на македонски романи на преминот од ХХ во XXI век, осврнувајќи се на македонскиот роман и неговата класификација и на дескрипцијата на македонски романи во овој период. Потоа, во најобемниот дел од овој труд, се задржува на дескрипција на неколку романи, и тоа: „Нишан“ од Блаже Миневски, „Скриена камера“ од Лидија Димковска, „Братот“ од Димитар Башевски, „Тунел“ од Петре М. Андреевски, „Опишувач“ од Ермис Лафазановски, „Пророкот од Дискантрија“ од Драги Михајловски и „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски.
– Романот е најинтересната проза за читање. Содржи доволно настани и ликови со кои како читател може во секое време да си направите дијалог, а во романот секогаш има доволно материјал за промисла и размисла. Македонскиот роман ги има токму овие карактеристики и можности за дијалог. Тој е тематско-мотивски разнообразен, од женски приказни одгледани во патријархално семејство и осудени од јавноста (`Тунел`), преку општествено неодговорни функционери и братска љубомора („Братот“), до потресни патишта за човечка, женска љубовна нереализираност и потиснатост под налетот на доминантниот брат („Сестрата на Сигмунд Фројд“), како и историски и верски теми завиткани во лични приказни („Пророкот од Дискантрија“), игри и дијалог со писателскиот занает и современиот свет во кој сите сè гледаат и слушаат („Скриена камера“ и „Опишувач“) или пак продуцираат реалност која е лажна и постои само во свеста на ликот („Нишан“). Тематска разнообразност беше едниот поттик за анализа, а вториот поттик беше разнообразноста во начинот на конструирањето на приказните. Првата деценија од веков беше само временската одредница во која сакавме да истражиме како се движи уметничкиот збор во романот. Се обидовме да покажеме чувствителност за различните автори и нивните поетики, да ги коментираме некои од слоевите во дискурсите, да ги обединиме во смисловна целина, во која постмодернистичкиот пристап им е доминантен, задржувајќи критичка дистанца и научна мерка – пишува Марина Димитриева-Ѓорѓиевска за овој свој труд
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска ( 1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).

