Култура
Промоција на номадската душа на Мијаковска

Во четврток, 25-ти март во Културниот центар Мала станица со почеток од 20 ч. ќе биде промовирана дебитантската збирка поезија „Номадска душа“ од Марина Мијаковска. Книгата ќе ја промовираат проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и Душко Крстевски
„’Номадска душа’ на Марина Мијаковска несомнено, ќе даде свој оригинален придонес во развојот на женското поетско писмо кај нас. Средбата со овие емотивни, лирски стихови, тој „ковчег од зборови”, нема да го остави рамнодушен читателот. Веќе со својата прва книга стихови, Мијаковска се наметнува како авторка која успева да оствари високи естетски квалитети а, едновремено, да понуди и вистинско уживање“, наведува во својата рецензија за првиот поетски произнес на Мијаковска, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска.Според неа, катергоријата на другоста е темата на разработка во неколку песни што очигледно ја фасцинацира Мијаковска, која ја поткрепува со поетизирана теорија. „Таа не се плаши од другоста како тотална спротивност и диференцијација на двата пола, туку, напротив, кај неа разликата и двојството се само почеток на единството. Нејзиниот поетски свет дејствува преку сплотувањето во Едно, кое е создадено од две нешта“, додава Капушевска-Дракулевска. Марина Мијаковска е родена на 8 јули 1984 г. Скопје, а дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески„ на катедрата за Општа и компаративна книжевност во април 2007. Истата година ги посетувала предавањата од областа на родовите студии во истражувачкиот центар за родови студии ЕвроБалкан – Скопје. Моментално е на последипломските студии на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Се интересира за книжевната методологија, родовите студии и старите цивилизации. Зборува англиски и шпански јазик. Пишува поезија, есеи, книжевни осврти и критики. Објавува во „Наше писмо“, „Мираж„, „Репер“ и други списанија. Поетската збирка „Номадска душа“ е нејзина прва авторска книга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија во македонскиот КИЦ во Софија

На 19 септември, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со наслов „Експериментален цртеж“.
Изложбата ќе биде отворена во присуство на претседателката на ДЛУМ – проф. д-р Јана Манева Чупоска, претставници на управниот одбор, совет и членови на Друштвото.
Учествуваат 42 ликовни уметници: Синиша Новески, Иво Пецов, Јасмина Главинче, Стефан Младеновски, Татјана Ристовска – Керакамика, Јана Јакимовска, Ана Ивановска, Ненад Тонкин, Ирена Паскали, Дејан Иванов – Маргуш, Дијана Томиќ-Радевска, Марина Цветановска-Мартиновска, Стефан Јакимовски – Стеф, Марија Сотировска-Богдановска, Марија Мицова-Гацова, Кирил Гегоски, Валентина Илијевска, Ристо Мијаковски, Љубица Мешкова-Солак, Гоце Божурски, Ивона Велковска, Страхил М. Петровски, Борче Богоевски, Трајче Чатмов, Ангел Димовски, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Ана Спасова, Христина Зафировска, Ацо Таневски, Стефан Анчевски, Филип Јовески, Јана Манева-Чупоска, Јовица Мијалковиќ, Шќипе Мехмети, Софија Грабулоска, Златко Хаџи Пецов, Анета Стојчевска, Драган Вреговски – Алпи, Марија Чепешиева, Слободан Милошески, Љупка Делева.
Култура
МНТ со „Ничија земја“ ќе го отвори новиот европски фестивал „Acting Europe – театар без граници“ во Ќустендил

Утревечер, на 18 септември, Македонскиот народен театар ќе ја отвори првата фестивалска вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“, кој ќе се одржи од 18 до 21 септември во Ќустендил, соседна Бугарија.
Тамошната публика ќе има можност да ја погледне претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, со искусните актери: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софија Насевска-Трифуновска Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
Првото издание на фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ ја нагласува улогата на меѓукултурната разновидност на европската театарска сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји.
„МНТ со задоволство ја прифати поканата да го отвори првото издание на новоформираниот меѓународен фестивал во Ќустендил, чија мисија е да прерасне во активна европска сцена за уметничка размена, меѓукултурен дијалог и заедничко креирање, поттикнувајќи ја соработката помеѓу театарски ансамбли, режисери, актери и сценски работници од регионов. Фестивалот има убава цел ̶ да создаде жива европска сцена, над националните и културните рамки, со идеја да постави основа за долгорочен и меѓународен уметнички дијалог“, вели Никола Кимовски, директор на МНТ.
Како што велат организаторите на фестивалот, фокусот е насочен кон копродукции создадени или адаптирани во духот на меѓународната соработка, кои го демонстрираат потенцијалот на вмрежување, интердисциплинарни пристапи и обединување преку границите.
Во првото издание ќе учествуваат реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, кои ќе ја презентираат својата работа пред меѓународната публика.
Разновидната придружна програма, пак, ќе понуди низа професионални и културни активности насочени кон едукација, инспирација и професионална размена. Ќе се одржат работилници и обуки со претставници на Генералниот директорат за образование и култура на Европската комисија од Брисел, и тоа на теми посветени на европско финансирање и мобилност за театри, како и на новите трендови и предизвици поврзани со дигиталниот, одржлив и колаборативен театар во 2025 година.
Во рамките на програмата ќе се одржи и тркалезна маса со режисери, актери и културни менаџери од регионот, изложби на сценографија, костими, постери, фотографии и архивски материјали, проекции на документарни филмови посветени на театарскиот живот и прекуграничната културна соработка, презентации на студентски проекти и настапи на млади уметници од академиите за сценски уметности, како и креативни настани и неформални средби, кои ќе поттикнат создавање нови партнерства и можности за соработка.
Настанот се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, општина Ќустендил и Сојузот на артисти во Бугарија.
Гостувањето на Македонскиот народен театар се реализира со поддршка од Министерството за локална самоуправа на Р. С. Македонија, во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, финансирана од Европската Унија преку интегриран развој на прекуграничниот регион.
Култура
„Јон Вардар“ со премиери во Кина, Германија и во Романија

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува со својата меѓународна фестивалска авантура. Во наредните недели филмот ќе биде прикажан на три престижни фестивали: Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата (Silk Road International Film Festival) во Кина, Фестивалот за детски и младински филмови Шлингел (SCHLiNGEL International Film Festival for Children and Young Audiences) во Германија и Галактички Имагинариум (Galactic Imaginarium) во Романија.
Silk Road International Film Festival е еден од најголемите културни настани во Азија и вистинска раскрсница на светските кинематографии. На неговите досегашни изданија учествувале големи имиња како Лук Бесон, Асгар Фархаади, Софи Марсо. Амос Гитаи и Џеки Чен.
Со своето 30-то јубилејно издание, SCHLiNGEL е еден од најголемите и најзначајни европски фестивали за детски и младински филм. Таму се прикажуваат внимателно селектирани остварувања што ја слават креативноста и разновидноста во светското детско кино.
Романскиот Galactic Imaginarium пак, се одржува во Тимисоара и е специјализиран фестивал за фантастика и научна фантастика.
„Неверојатно е чувството да видиш како една македонска приказна за помалку од две недели патува од Кина, преку Германија, па сè до Романија. Овие три фестивали се различни по својот карактер – еден е светски гигант, другиот е европска институција за детска публика, а третиот е специјализиран за фантастика. За мене тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик. Се надевам дека публиката насекаде ќе ја почувствува иста радост и возбуда како и ние кога го создававме.“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
Од екипата на филмот најавуваат дека во октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции, и дека меѓународното патување на Јон Вардар против Галаксијата допрва продолжува.