Економија
Богов: Шпекулациите може да предизвикаат паника
Шпекулациите можат да предизвикаат паника и да им нанесат краткорочна штета на одредени банки, токму затоа Народната банка секогаш се обидува брзо да реагира и да им даде точни информации на граѓаните за состојбата во банкарскиот сектор.
Ова го изјави гувернерот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) Димитар Богов во саботното интервју за Прес 24.Истакнувајќи дека и медиумите имаат значајна улога во спречувањето на ширењето на шпекулациите, кои некогаш спонтано се појавуваат, но некогаш се наменски пласирани од различни причини, Богов оцени дека во последниот случај, кога непотребно се крена паника околу НЛБ Тутунска банка, медиумите покажале висока трезвеност и смиреност што беше значајно за шпекулациите да не предизвикаат помасовна паника. „Во тој период се поклопија неколку настани. Беа исплатени значителни субвенции на тутунарите кои во најголем број имаат транскациски сметки во НЛБ Тутунска банка. Вообичаено земјоделците веднаш повлекуваат најголем дел од субвенциите во готовина. Гужвата која беше присутна во тие денови во експозитурите на НЛБ Тутунска банка и испразнетите банкомати во некои градови, заедно со веста од Вашингтон пост која беше пренесена во некои домашни медиуми дека по Кипар следна е Словенија предизвикаа гласини дека банката има проблеми. Тоа воопшто не беше точно. НЛБ Тутунска е високо ликвидна и многу стабилна банка“, потенцира Богов.Тој истакнува дека македонската законска регулатива им забранува на македонските банки да пласираат повеќе од 10 отсто од износот на капиталот со кој располагаат во банките од групацијата на нивната матична банка.„За илустрација, тоа значи дека најголемата банка не може да пласира повеќе од 15 милиони евра во својата матична банка. Колку е тој износ занемарлив се гледа од податокот дека тоа е само еден отсто од нејзината актива“, вели Богов.Македонија во моментов располага со највисоко ниво на девизни резерви од над 2 милијарди и 220 милиони евра. Народната банка не размислува за крупни промени на девизниот курс.„Нашите анализи покажуваат дека на среден рок нема потенцијал да се креираат нерамнотежи во екстерниот, финансискиот и јавниот сектор кои би го загрозиле курсот на денарот. Народната банка има на располагање доволно инструменти со кои во секое време може да го одбрани курсот доколку се случи некој непредвиден шок на економијата“, вели Богов во саботното интервју за Прес24.мк Запрашан да појасни што претставува последната одлука на НБРМ за реална проценка на вредноста на одземениот хипотекарен имот, Богов изјави дека таа одлука била подготвувана подолго време врз основа на темелна анализа на податоците од банките и препораките на техничката мисија на ММФ. „Таа Одлука е донесена во пакет со измените на Одлуката за кредитниот ризик. Двете Одлуки значат приближување кон најдобрите светски практики. Со првата се предвидува банките по преземањето на имотот, остварениот приход да го искористат за зголемување на капиталот. Додека не го продадат имотот секоја година ќе издвојуваат 20 отсто од неговата вредност како резервација. Кога ќе го продадат, ќе го прикажат приходот во билансот на успех и можат да реализираат добивка. Со втората Одлука за првпат им дозволуваме на банките да земат одреден процент од вредноста на обезбедувањето при издвојувањето на резервациите за лошите кредити. Со тоа се приближуваме до реалноста која покажува дека ретко кога банките претрпуваат загуба од 100 отсто од вредноста на кредитот кога тој е обезбеден со имот“, појасни Богов. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

