Култура
Биеналето во Скопје е доказ за нашата припадност во Европа

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов вчера, во придружба на министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и претседателот на Биеналето Луиџи Ретклиф посети дел од изложбите на Биеналето во Музејот на современа уметност, КИЦ и Музејот на Град Скопје
„Македонија со Биеналето на млади уметници од Европа и Медитеранот покажа дека може да биде домаќин на она што се твори во цела Европа, да го покаже духот на творештвото и креативноста што владее кај нас. Конечно со укинување на визите, нашите уметници и сите млади творци, креативци ќе можат да и покажат на Европа колку може Македонија да придонесе и во создавањето на современата уметност, на современата култура“ – изјави претседателот на државата Ѓорге Иванов. По разгледувањето на презентираните дела во различни формати, изработени во различни техники во сите изложбени музејски сали, своето задоволство од текот на манифестацијата го изрази и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, говорејќи за голема раздвиженост во Скопје поради присуството на над 700 уметници од 46 држави. Според неа, големото значење на Биеналето за државава лежи и во презентација на културно наследство преку организирани тури за уметниците и во другите градови.Во Музејот на современата уметност се изложени дела во различни формати, изработени во различни техники од шеесетина млади визуелни уметници, меѓу кои има и македонски автори. Досега Музејот добил и донација на едно дело од италијанска уметница, а две дела се донирани и во Мултимедијалниот центар Мала станица.Луиџи Ретклиф, претседателот на Биеналето, во оваа прилика укажа на неколку моменти кои досега не биле практика при неговото одржување во другите земји – да се одржува на повеќе локации, во институции од национално значење и во објекти со потврдена културно-историска вредност. Ја потенцираше како многу значајна и невообичаена за другите градови, таквата презентација токму на творештвото на младите уметници, а го издвои и фактот дека претседателот Иванов е и прв претседател на држава кој го посетил Биеналето, чие 14. издание во Скопје се одржува по прв пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Проекција на седум кусометражни играни филмови во Кинотека

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.
Култура
Ликовна изложба „Beauty spot 3“ на Иван Аџиевски

На 8 јули ќе биде отворена ликовна изложба со наслов „Beauty spot 3“ на авторот Иван Аџиевски. Изложбата ќе биде отворена во 20.00 часот во монтажната-мобилна галерија во Паркот на франкофонијата.
На изложбата ќе бидат изложени слики работени во комбинирана техника со микс на медиуми на кои е претставен женски лик и акт во експресионистички манир со делумна апстракција каде субјектите имаат изразено издолжени портрети и физиономии.
Тие се продолжеток на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти претставени на изложбите Beauti spot I и Beauti spot II. Секоја слика има различна претстава на темата со ново искуство доживување и енергија.
Изложбата е дел од програмата за 2025 година на Центарот за современи уметности за реализација на изложби во Мобилната Галерија – Парк на Франкофонија.
Култура
Концерт – рецитал на Горјана Стојановска во македонскиот КИЦ во Софија

На 30 јуни (понеделник) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи Концерт – рецитал на македонската пијанистка Горјана Стојановска од Битола. На концертот во Софија таа ќе ја претстави убавината и длабочината на класичната музика преку интерпретација на дела од Ј. С. Бах, Ф. Шуберт, Ф. Лист и А. Скрјабин.
Настанот ветува уникатно музичко патување, кое ќе ги поврзе различните стилови и периоди, создавајќи емотивно искуство за публиката. Програмата ќе ја поттикне длабочината на чувствата, размислувањата и инспирацијата, како и важноста на класичната музика во современото општество. Ќе биде овозможено поврзување со историјата и духот на музиката, како и уживање во магијата на живата изведба.
Горјана Стојановска е родена во Битола. На осумгодишна возраст го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште – Битола, каде што и матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Првите две години од високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје ги поминува во класата на проф. Борис Романов, а вторите две во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска кај која и дипломира во 2017г, а во 2019г и магистрира.
Во 2018 година се запишува и на усовршуавње на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан. Академијата успешно ја завршува во 2020 година. Учествува на мастеркласи кај истакнати педагози меѓу кои: Борис Романов, Јуриј Кот, Андреј Диев, Рувен Далибалтајан, Јулија Губајдулина и др.
Горјана има освојувано бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Во своето дејствување како пијанист има реализирано многу солистички рецитали, а во 2011 и 2014 година настапува како солист со Македонската филхармонија. Бележи настапи на повеќе фестивали како Есенски музички свечености – Скопје, Подиум на млади (како вонредна програма на фестивалот “Охридско лето”) – Охрид, Бит-Фест – Битола. Во 2024 година настапува во Виена како солист со камерниот оркестар на Националната опера и балет.
Од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.