Македонија
Груевски: Христовото раѓање е една од најсилните поткрепи за секој верник
Премиерот Никола Груевски на поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан и на сите православни верници и дијаспората од име на Владата им го честитам големиот христијански празник – Божик.
„Христовото раѓање и симболиката на Божиќ е една од најсилните поткрепи на секој верник. Овој ден не потсетува дека Бог во својата намера да го доближи човекот до себе, одлучи и Самиот Тој да постане човек и да ги превземе врз себе сите слабости и гревови на човечковата природа. Токму затоа, Божиќ е најубавиот и најрадосниот христијански празник. Да одбележиме, но и да се потрудиме да вратиме со добри дела, со чиста мисла, со љубов, толеранција и трпение. Да го празнуваме заедништвото со Бога и да се помолиме и во иднина Бог да биде со нас во сите потешкотии за да ги надминеме, во секоја тага за да ја пребродиме и во секоја радост да ја удвоиме. Како денес така и засекогаш, нашите срца и домови нека бидат отворени за нашиот Бог, за сета добрина и милостина, нека од нив блика светлина која ќе ја рашири божиќната магија од милосрдие и радости. Нашите молитви нека донесат многу здравје, успех и благосостојба на сите верници во Република Македонија и секаде во македонската дијаспора. Нека Бог донесе мир и љубов во сечие срце! Нека неговата мудрост ни донесе благосостојба и многуброен пород! Нека е за многу години големиот христијански празник – Божик!“ се вели во честитката на Груевски./крај/со/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Љутков: Гевгелија е Град на културата за 2025 година
Гевгелија е Град на културата за 2025 година, соопшти министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој денеска заедно со државниот секретар, Марија Ѓоргова, ги посети институциите од областа на културата во овој град.
Љутков потсети дека Гевгелија вторпат, по 2011 година, е носител на оваа манифестација, а тоа ја потврдува посветеноста на градот повторно да биде во центарот на културните настани во Македонија.
„Ова признание не е само чест, туку и обврска. Тоа е потврда дека Гевгелија, со својата богатa културна традиција, повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија. Министерството за култура и туризам стои зад вас и ја поддржува оваа манифестација со 3 милиони денари, со цел да создадеме програма со повеќе од 140 настани во текот на целата година, програма што ќе го освежи културниот живот во овој град“, рече министерот.
Љутков ја посети и Старата чаршија во Гевгелија, за чија комплетна реставрација, од буџетот на Владата се издвоени 40.675.095,00 денари, со што Гевгелија ќе добие нова визуелна и функционална димензија.
„Овие проекти ќе ја подобрат инфраструктурата и ќе создадат простор за културни настани и уметнички проекти, со што ќе се негува традицијата и ќе се поттикнат нови културни трендови“, рече Љутков.
Според него Гевгелија, со својата локација и природни убавини, привлекува многубројни туристи, а сега, како што рече, со статусот Град на културата, ќе понуди нови искуства и можности за уживање.
Во рамките на посетата на Гевгелија, министерот Љутков, заедно со своите домаќини, ги посети НУ Музеј – Гевгелија и црквата „Свети Атанасиј“ во село Габрово.
Македонија
Кривична пријава за директорот на Општата болница – Охрид
СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Ш.(39) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Тој, во својство на вршител на должноста директор на ЈЗУ – Општа болница во Охрид, со пропуштање на должен надзор и без постоење на правен основ, на четири административни работници во болницата, кои немале решенија за раководна позиција, им определил коефициент на раководење и одговорност, со што на штета на болницата им овозможил право на повисока плата во вкупна вредност од 257.920 денари.
Ова било констатирано и при вонреден инспекциски надзор, извршен од страна на Државниот инспекторат за труд.
Македонија
ДУИ: Ахмети нема да дозволи поради нечија туѓа цел, да им се одземат стекнатите демократски права на Албанците
Демократската унија за интеграција (ДУИ), под раководство на Али Ахмети, денеска објави отпочнување со сеопфатна стратегија насочена кон поттикнување на исклучителен институционален и личен интегритет, додека решително се справува со корупцијата и спроведува сеопфатни процеси на ветинг. Оваа иницијатива ја нагласува непоколебливата посветеност на ДУИ за негување на вистинска мултиетничка демократија каде што еднаквите права и можности не се обични идеали, туку реалност за сите граѓани, особено за младите.
„Со децении, ДУИ го води процесот на застапувањето за вистинското место на албанската заедница во соодветна демократска рамка. И покрај значителниот напредок, неодамнешните предизвици се закана со цел да ги поткопаат досегашните достигнувања, со обиди да се делегитимира гласот на застапникот на албанското мнозинство и да се еродираат веќе воспоставените права. Се креира преседан и некој се обидува да ги фаворизира оние кои немаат легитимитет кај мнозинството Албанци. Како резултат на тоа, земјата се соочува со регресија и значајни предизвици, вклучително и напади врз идентитетот, јазикот и воспоставените права на Албанците, што претставува закана која може да го поткопа чувството на солидарност што албанскиот народ го изгради низ годините. Водачот на ДУИ Али Ахмети нема да дозволи поради нечија туѓа цел, да им се одземат стекнатите демократски права на Албанците, кои се темел на единството и стабилноста на земјата повеќе од две децении, ниту тоа да стане сериозна пречка за процесот на интеграција во ЕУ“, велат од ДУИ.
Според нив, нападите и обидите за репресија и дискредитација на ДУИ се силни затоа што ДУИ како единствен автентичен лидер во албанскиот блок и легитимен глас на Албанците, никогаш нема да се откаже од идејата за подобро утре со еднакви права на Албанците.
„Ова само ја зајакнува волјата за борба за еднаквост и правда, истовремено обезбедувајќи демократски, социјален и економски напредок за сите, со стратегија каде во првите редови на реформите ќе бидат луѓе со силен личен интегритет што ќе водат антикорупциска агенда и процесот на ветинг. ДУИ како партија води со личен пример, првично спроведувајќи ја стратегијата на партиско ниво, а потоа продолжувајќи на национално ниво. Како дел од оваа стратегија, ДУИ воведува неколку клучни мерки за справување со корупцијата, решително отпочнување на процесот на ветинг и зајакнување на интегритетот. Сеопфатната стратегија на ДУИ ја нагласува цврстата посветеност на заштита на демократските вредности и подобрување на квалитетот на управувањето. Со справување со корупцијата и негување интегритет во политичките процеси, ДУИ има за цел да создаде општество каде сите граѓани ќе можат да се стремат кон посветла и поправедна иднина“, завршуваат од ДУИ.