Култура
Хитлер го измислија западните банкари

Нацистичкиот лидер бил психопат и монструм, но на власт дошол благодарејќи им на моќните бизнисмени и другите кои го поддржувале неговиот план за уништување на комунизмот и контрола врз работниците
Ова во понеделник го изјави режисерот Оливер Стоун, кој во моментов работи на документарен филм во десет продолженија за 20-ти век по работен наслов „Тајната историја на Соединетите Држави од Оливер Стоун“. Тој минатата седмица рече дека неговиот десетчасовен документарен серијал за историјата претставува „противотров за неточноста и предрасудите кои се присутни во конвенционалната историја“ која се учи во американските училишта и која „е пропагирана од комерцијалните медиуми“.Стоун денеска го привлече медиумското внимание со изјавата дека појавата на Адолф Хитлер ја овозможиле западните банкари и дека тој успеал да го „заведе“ германскиот воено-индустриски комплекс.„Хитлер е чудовиште. За тоа нема дилема. Воопшто немам сочувство за него. Бил луд психопат“, вели славниот режисер.„Меѓутоа, како што Франкенштајн бил чудовиште, така постоел и докторот Франкенштајн. Тој е производ на своето време“, изјавил Стоун, образложувајќи го својот став за Хитлер. Стоун во понеделник го рече ова во Банког, по одржувањето на предавањата пред гимназијалци за придонесот на неговиот филм во изградбата на мирот, во организација на Меѓународната мировна фондација со седиште во Виена.Всушност, тоа е дополнување на прес-конференцијата од петокот во Пасадена на која се соочи со телевизиски критичари, кога Стоун ги појасни своите ставови во врска со темата, кога тој најави дека серијалот ќе започнува со приказната за Хитлер. „Хитлер во текот на целата историја беше ‘жртвено јагне’ и неговиот лик е користен на ефтин начин. Сталин е друга приказна. Тој повеќе од кој и да е друг се бореше против германската воена машинерија“, рече тогаш носителот на три Оскара за режија кој ја подготвува историската документарна серија која при крајот на годината ќе се емитува на американскиот канал Showtimes.Од сите потенцијални бури кои би можеле да настанат околу документарецот, епизодата за Хитлер засега делува како најконтроверзна. Режисерот навести дека „не можеме да ги карактеризираме луѓето само како ‘добри’ или ‘лоши’. Хитлер е производ на низа дејствувања“.Во документарецот освен горенаведените ќе бидат претставени и Мао Це Тунг, Џозеф Маккарти и Хари Труман, во чиј претседателски мандат во 1945 г. беше фрлена атомската бомба.Останува да видиме дали Оливер Стоун ќе успее да ни ја прикаже човечката страна на Хитлер.И претходно Стоун во својата 40-годишна кариера, многу политички контроверни личности уметнички ги овековечи. Така, ги вознемири конзервативците со начинот на кој ги прикажа Фидел Кастро, Хуго Чавез и Џорџ Буш, а демократите со своите теории за заговор за атентатот врз Џон Ф. Кенеди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Признание од Европа за македонската анимација – „Златната пеперутка“ со Биби и Боби триумфира на MIA Market

Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната пеперутка“, базиран на ликовите од популарната анимирана серија „Светот на Биби“, го освои престижното признание MIA Development Award for Outstanding Animation Project на филмскиот и телевизискиот маркет MIA Market 2025 во Рим, кој се одржа од 6 до 10 октомври.
Наградата, во вредност од 5.000 евра, беше доделена на 10 октомври во силна меѓународна конкуренција, од страна на стручно жири составено од истакнати професионалци од европската и светската анимациска сцена. Ова признание претставува значаен успех за македонската анимација и потврда за креативниот потенцијал на домашните автори и студија.
Во образложението на жирито се наведува:
„Наградата МИА за развој на најдобар анимациски проект ја добива Златната Пеперутка на Гоце Цветановски, затоа што ја прикажува моќта на оригиналните брендови како „Светот на Биби“ да донесат свежи, регионално инспирирани приказни на светската анимациска сцена преку различни формати, и како охрабрување за понатамошен развој на визуелниот и анимацискиот стил.“
MIA Market претставува еден од водечките европски настани за филм, телевизија, анимација и документаристика, со повеќе од 2.800 акредитирани професионалци од 64 земји. Годинава, во рамките на 11. издание, беа пријавени над 500 проекти, од кои по околу 15 беа селектирани во секоја од четирите категории: Анимација, Филм, Драма и Документарен филм. Во категоријата Анимација учествуваа седум долгометражни филмови и девет серии.
Листата на наградени проекти беше објавена во повеќе меѓународни медиуми, меѓу кои Variety, Deadline, Prensario International и Cinemaitaliano.info.
„Ова е голем чекор и признание не само за нашиот проект, туку и за целата нова македонска анимациска сцена,“ изјави Гоце Цветановски, режисер и сценарист на „Златната пеперутка“, при примањето на наградата.
За филмот „Златната пеперутка“
„Златната пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Биби, Боби, Зази, Зина и роботчето Р-1 патуваат во Колумбија кај нивниот пријател Пепе и неговото милениче, морското прасе Пико. Веселата дружина тргнува во потрага по ретката и мистериозна златна пеперутка, за која Пепе тврди дека ја видел во Амазонската прашума. Нивната мисија ќе ги однесе до легендарниот златен град Ел Дорадо, каде ќе се соочат со бројни предизвици и ќе мора да ги здружат своите сили за да ги совладаат темните сили што демнат во џунглата.
Сценариото го потпишуваат Бруно Велјановски и Гоце Цветановски, режијата е на Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а илустрациите за презентацијата ги изработи Иванчо Николовски.
Македонски продуценти се Македонска Крепост, Светот на Биби и Toon Motions Studio, во копродукција со Blurr Studios (Аргентина), Blurr Rojo (Шпанија), The G Seven (Колумбија) и Technoscop Films (Бразил).
Култура
Љутков присуствуваше на премиерата на претставата „Уна“ во Белград

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчера присуствуваше на премиерната изведба на театарската претстава „Уна“, во режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски. Претставата се одигра на сцената „Данило Бата Стојковиќ“ во театарот „Звездара“ во Белград.
„Уна“ е работена според култниот роман на Момо Капор, во адаптација на Стеван Копривица.
Белградската публика со громогласен аплауз и стоечки овации ги награди актерите: Никола Ристановски, кој го игра главниот лик – универзитетскиот професор Мишел Бабиќ, Магдалена Мијатовиќ во улогата на студентката Уна, Сена Ѓоровиќ како сопругата на професорот Олга и Марко Гверо во улогата на проректорот Дукиќ. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Ивана Ристиќ, а музиката на Горан Трајкоски.
Министерот Љутков истакна дека претставата „Уна“ е уште една потврда за високото ниво на соработка во културната размена меѓу Македонија и Србија, како и за креативната моќ на македонските уметници на меѓународната сцена.
Репризни изведби на „Уна“ се закажани за 13 и 26 октомври во театарот „Звездара“.
Култура
Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во Театар за деца и младинци

Четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ од 15 до 18 октомври ќе ја обедини регионалната театарска сцена под слоганот „Сцена за сечиј сон“, со претстави што преку игра, хумор и фантазија го допираат живиот корен на човечкото искуство.
Официјалната селекција, за која беше задолжена режисерката Драгана Милошевски – Попова, годинава беше направена од вкупно над 40 апликации: што најавува многу богата година за детскиот и младинскиот театар.
Фестивалот го отвора „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ: современа и ритмична адаптација на романот на Мери Шели, која ја преиспитува границата помеѓу човекот и чудовиштето, и улогата на заедницата во нејзиното поставување, моделирање и управување.
Од Суботица гостува „Играј со мене!“ на Андреј Бока, претстава што нè потсетува дека вниманието и времето се највредните подароци за секое дете.
Од Загреб пристигнува „Малата Фрида“ на Аница Томиќ – приказна за детството на Фрида Кало, за храброста да се биде различен и лековитата моќ на соништата.
„Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување.
Посебна визуелна поезија доаѓа со „Прозорецот“ на Давид Зуазола од Темишвар и со „Свадби на животни и нешта“ на Георги и Раја Господинови, кои преку нежна приказна нѐ воведуваат во невидливиот живот на предметите и моќта на имагинацијата.
Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот „Хоп Сињор“ – храбра, апсурдно-хумористична претстава што со свеж сценски јазик ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието.
Сите претстави, освен првата, ќе се натпреваруваат за ГРАН ПРИ, наградата за режија, двете актерски, наградата за костимографија и наградата за сценографија.
Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.
Фестивалот го организира Театар за деца и младинци – Скопје, со Совет во состав: Владимир Лазовски (претседател), Игор Ивковиќ, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Никола Наковски, Ангела Димитровска, Ирена Глигорова и Васил Галевски.
Во рамки на придружната програма ќе се одржат: драмско читање и панел-дискусија „Животот на еден современ македонски драмски текст“, со Ева Камчевска како нејзин модератор; работилницата за сценско движење под менторство на српскиот актер и режисер Дамјан Ќецојевиќ; и креативната работилница „Како се прави кукла“, водена од Ирина Сомборац. Сите три работилници се наменети за младата публика, ученици и млади креативци.
„Театарот му овозможува на детето да ги претвори своите внатрешни немири во игра што лечи. Таму, во безбедниот простор на имагинацијата, стравот станува лик, болката станува глас, а љубопитноста – движење. Во тој чин на преобразба, детето го учи најважниот човеков напор: како да го поднесе светот без да се изгуби во него. Театарот не го оддалечува од реалноста туку му ја враќа: преобразена, поподнослива, полна со можности за нови доживувања“, велат од Театар за деца и младинци.