Регион
Лавров: Нападот на Југославија од страна на САД беше агресија
САД јавно ја навредуваат Русија, обвинувајќи ја за воени злосторства во Сирија, иако тие бомбардираа цивилни цели во поранешна Југославија, рекол шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пренесуваат српските медиуми.
Лавров ова го изјавил во интервју за документарниот филм на мрежата „Росија 1“, насловен „Донесов одлука. Сергеј Примаков“. „Кога најголемиот патриот во својата земја, политичар со големо искуство, важен државен претставник, особено силна институција која поседува енциклопедиско образование и разбирање на различните процеси, дозна дека САД планираат да почнат до бомбардирање на СР Југославија, сметаше дека нема смисла да продолжи со вообичаените активност и да оди кај американскиот потпретседател Ал Гор на важни, но сепак рутински разговори“, рекол Лавров.
Тој пресврт, според него станал „потсетник дека Русија не може во светот да има друга мисија освен мисијата за одбрана на вистината и тоа да го работи заедно со останатите сили, но секако остварувајќи рамноправни односи и договори од заемна корист“.
„Агресијата на Југославија секако беше агресија. Тоа е инаку првиот вооружен напад во Европа врз една суверена држава после 1945-та година“, истакнал Лавров. Според него, доколку сега за ова се говори, имајќи го во предвид тоа што се случува во Сирија, западните партнери на Русија, првенствено Американците, но и Британците, во својата хистерија упатуваат јавни навреди користејќи зборови како што се „варварство“ и „воени злосторства“.
„Ќе потсетам дека агресијата на СР Југославија беше поврзана со нападите над огромен број цивилни цели, како што се српската телевизија, мостови на кои патувале цивилни патнички возови и уште многу. Илјадници убиени, од кои неколку стотици деца, 250 илјади бегалци на кои никој оттогаш не се сети“, рекол шефот на руската дипломатија.
Како што истакнал, доколку Русија преку посредство на Примаков не реагирала онака како што тој реагирал на грубото кршење на меѓународното право, тогаш таа долго не би можела да си прости на себе и нејзината историја би содржела уште една непријатна страница.
„Тој (Примаков) тоа го направи на таков начин што Русија го покажа својот карактр и го усвои единствниот исправен став во тој момент“, рекол Лавров. Примаков беше премиер на Русија од 1998-та до 1999-та година, а во својата кариера беше и министер за надворешни работи, претседател на Врховниот совет на Советскиот сојуз и шеф на разузнавачките служби, потсетува агенцијата Тас.
На 24-ти март 1999-та година тој одлета во официјална посета на Вашингтон, но во моментите кога авионот беше над Атланскиот океан, дозна дека НАТО започна да ја бомбардира тогашна Југославија. Тогаш Примаков одлучи да ја откаже посетата и наложи авионот да се пренасочи и врати во Москва, наведува руската агенција./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.
Регион
Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал
Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините интимни снимки беа објавени во јавноста. Пајковиќ тврди дека не станува збор за секс скандал, туку за политичка пресметка и одмазда против моќна личност која ја пријавила за закани, а за сè го обвинува советникот на претседателот на Црна Гора и поранешен шеф на тајната служба, Дејан Вукшиќ.
Во својата исповед за Face.ba, таа опиша низ што поминувала, нагласувајќи дека нејзината безбедност е во опасност и дека се плаши за сопствениот живот.
„Се обидуваат да ме натераат да извршам самоубиство. Тешко ми е. Чувствувам дека моето тело ме издава, но морам да соберам храброст и јавно да зборувам за сè, започна Пајковиќ. Има ноќи кога се плашам да спијам затоа што не знам што ќе донесе новото утро. Ме малтретираат по телефон, ме додаваат во разни групи. Државните органи се немоќни. Некој сака да немам место ниту живот во Црна Гора“, тврди таа.
Пајковиќ истакнува дека ова не е секс скандал за неа, туку опасна порака испратена до секој што се осмелува да им се спротивстави на моќните.
„Вакви работи ми се случуваат по конфликт со највисокиот државен орган, со Вукшиќ. На тие видеа може да се утврди дека само јас сум на нив. Ако другата страна сакаше да биде повредена, ќе се покажеше и главата на човекот. Ова е голем тест за полицијата и обвинителството“, верува таа.
„Вукшиќ ми се закани со прогон и дека цела Црна Гора ќе ги види моите видеа. Мојата единствена среќа е што бев доволно прониклива да го снимам тој разговор. Знаев за каква личност станува збор, ми се закануваше неколку дена претходно. Го снимив за самозаштита. Ако го немав тоа видео, немаше да имам никакви докази за да го спасам мојот живот“, рече таа.
Регион
Превозниците од Србија донесоа одлука: прекината блокадата на граничните премини
Превозниците од Србија денес ќе престанат да го блокираат товарниот сообраќај на премините, изјави за Танјуг претседателот на Меѓународното транспортно деловно здружение, Неѓо Мандиќ.
„Сега ги информираме нашите редари кои се на границите да ги отстранат камионите што беа на чело на конвојот, за да може сообраќајот да се движи. Значи ги прекинуваме протестите“, рече Мандиќ по состанокот.
Превозниците од Црна Гора и Северна Македонија вчера ги прекинаа блокадите откако Европската комисија објави нова визна стратегија што ќе го реши проблемот со ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген зоната, а сè уште се чека одлуката на превозниците од БиХ дали ќе донесат иста одлука, пренесуваат медиумите во соседството.
Мандиќ вели дека транспортерите од Србија донеле одлука за прекин на блокадите еден ден откако Европската комисија почнала да ја разгледува можноста за воведување специјални визи за професионалните возачи на камиони, што би им овозможило да останат подолго во земјите од ЕУ и непречено да ја извршуваат својата работа.
„Одлуката ја донесовме по вчерашното соопштение, бидејќи она што го добивме е доволно добар пат и она што го сакавме. А од друга страна, секако имаме ветување дека ќе има состанок на работната група во Брисел веќе во вторник, 3 февруари. Исто така, имаме дневен ред кој го содржи само она што дополнително го бараме, да донесеме краткорочни и долгорочни решенија сè додека не се спроведе она што е предвидено. Она што го сакаме се решенија за возачите повеќе да не бидат малтретирани или апсени“, рече Мандиќ, пренесува Танјуг.
Меѓународното транспортно бизнис здружение објави дека денес во 15 часот ја прекинале блокадата на товарниот сообраќај на премините и дека ќе продолжат да превезуваат стока.
Во соопштението се проценува дека секое понатамошно продолжување на нарушувањето на синџирите за товарен транспорт би ги ставило домашните производствени компании и граѓаните во тешка положба.
„Апелираме до Европската комисија, земјите-членки на Шенген, бизнисмените од Европа, сега свесни за важноста на непрекинатите транспортни синџири, да помогнат да се спречат повторно несфатливите апсења и депортации на нашите возачи. Очекуваме помош од другата страна и однос што го заслужуваат луѓето кои, во вонредни ситуации како што е пандемијата, беа единствените што носеа стока до сите нас во Европа. Да не чекаме додека не останеме без нив. Синџирите на снабдување не смеат повторно да бидат прекинати“, беше кажано од здруженијата, според написите.
Се чека одлуката на превозникот од Босна и Херцеговина
Мандиќ рече дека сè уште не добиле одговор од нивните колеги од БиХ дали и тие ќе ги суспендираат блокадите, но дека очекува тие да донесат иста одлука.
„Само чекаме нивен одговор, иако седевме со нив до 22 часот синоќа, 10 од нив беа таму и мислиме дека ќе донесат иста одлука, но тие не го направија тоа и не можат да кажат што ќе одлучат нивните тела, но веруваме дека ќе го одлучат истото“, истакна Мандиќ.
Во вторник, на 3 февруари, ќе се одржи состанок на министрите од сите земји од Западен Балкан со претставници на Европската комисија за проблемот со транспортерите од регионот во Шенген зоната, пренесуваат медиумите.

