Црна хроника
Скопјанец незаконски произведувал и препродавал масло од канабис
Единица за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје, поднесе кривична пријава против 38-годишниот М.К., поради постоење основано сомнение дека неовластено набавил наркотична дрога марихуана и неовластено произведувал масло од канабис, кое ги продавал на уживатели од Скопје и Струга.
За стореното кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 од КЗ на РМ, судија на претходна постапка на пријавениот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
М.К. во текот на овој месец од засега непознати лица, набавил поголема количина на марихуана од која дел ја препакувал во помали паковки со намера улично да ја продава на уживатели од Скопје, а дел во својот дом во населбата Радишани, во импровизирана лабараторија ја преработувал во масло. По добиени оперативни сознанија дека М.К. препакуваната дрога и маслото почнал да ги продава на уживатели од Скопје, припадници на ЕНТ презедоа мерки и активности за потврдување на сознанието и обезбедување на материјални докази.
На 13-ти овој месец од страна на полициски службеници на Единицата М.К. бил забележан како се движи со возило во централното градско подрачје и кога се паркирал на паркинг простор, му било извршено легитимирање, личен преглед и преглед на возилото кое го управувал, а во кое биле неговата сопруга и нејзината сестра. Од извршениот личен преглед, кај пријавениот биле пронајдени еден џоинт, кој во моментот го користел, а во фиоката кај совозачкото седиште биле пронајдени седум полиетиленски паковки марихуана со вкупна нето маса од 16,39 грама, еден шприц во кој имало масло од хашиш, како и две метални дробилки со остатоци од марихуана.
Пријавениот и неговите сопатници биле приведени во службените простории на Единицата за недозволена трговија со дрога, а со наредба од судија на претходна постапка истиот ден бил извршен претрес во домот и другите простории каде престојувал во населбата Радишани, при што биле пронајдени и одземени 3,5 килограми марихуана спакувана во шест најлонски кеси, 28,30 грама мешавина од марихуана и тутун, 9,8 милилитри масло од хашиш, 170,66 грама семки од марихуана, како и остатоци од масло од хашиш во предметите кои ги користел за произведување на маслото во импровизираната лабараторија.
Со истиот бил извршен разговор во кој тој негирал дека пронајдената марихуана и масло од хашиш ги продавал, туку дека ги користел за лекување на неговата мајка. Наредниот ден на 14-ти октомври од страна на полициски службеници по дадена усна наредба од судија на претходна постапка од ОС Струга, полициски службеници од НККР Струга извршиле претрес во дом и други простории во Струга, каде живее семејството на пријавениот, при што во поткровјето од куќата биле пронајдени и одземени поголема количина на исушена марихуана и семки од марихуана, спакувани во тегли, пластични кутии и најлонски кеси, како и 47 илјади денари во апоени од 500 и 1000 денари, 580 евра, 150 американски долари и и 70 британски фунти./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен возач од Струга, управувал возило под дејство на алкохол
На 13.01.2026 во 01:16 часот на место викано „Кореа“, полициски службеници од ОВР Струга го лишија од слобода А.Р.(45) од Струга.
При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со струшки регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,82 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Кривична пријава против поранешен заменик градоначалник и вработен во Општина Старо Нагоричане
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.Ц.(55) од Старо Нагоричане, општина Старо Нагоричане, поранешен заменик градоначалник на Општина Старо Нагоричане, и Д.А.(38) од Старо Нагоричане, вработен како соработник за промена на прописи, постапки и обука за човечки ресурси во општина Старо Нагоричане, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „противзаконско располагање со буџетски средства за време на избори“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Првопријавениот, извршувајќи работни задачи како заменик градоначалник на Општина Старо Нагоричане, во текот на 2023 година му наредил на второпријавениот да изготви решенија за исплата на јубилејна награда за непрекината работа во општината, по што тој изготвил решенија за десет лица, на кои средствата им биле исплатени во 2024 година и на тој начин го оштетиле буџетот на општината за сума од 204.283 денари.
Црна хроника
Расчистена кражба во Велес, уапсени две лица, дел од украденото е пронајдено и вратено на сопственикот
Синоќа, во периодот од 23:20 до 00:10 часот, полициски службеници од СВР Велес ги лишија од слобода А.Д.(22) и А.С.(48), двајцата од Велес.
А.Д. се сомничи дека со употреба на сила и подесен алат влегол во домот на 54-годишната С.Х. од Велес и одзел пари и златен накит, а потоа златните предмети ги заложил кај А.С.. Дел од предметите се пронајдени и одземени од А.С. и вратени на сопственикот, а тој е задржан во полициска станица.
За настанот е известен јавен обвинител и по негово целосно документирање, против А.Д. и А.С. ќе бидат поднесени соодветни пријави.

