Европа
Полска сака да ги смени челниците на институциите на ЕУ
Полскиот претседател Анджеј Дуда изјавил дека европските институции мора да служат како инструмент на реализацијата на суверените полски економски национални интереси, а доколку како досега ова не се оствари, тогаш Полска ќе се обиде да ги смени нивните челници или пак ќе побара коалиција за промена на Лисабонскиот договор, пренесуваат полските медиуми.
„Ние сме членка на Европската унија, но таа е инструмент на нашата политика која мора да биде суверена“, рекол Дуда. „Европските институции не можат да се откажат од економските интереси на Полска и милионите полски семејства, а доколку не биде така тогаш нема да молчиме и ќе работиме на тоа да се променат луѓето кои раководат со овие институции или па ќе градиме коалиција за тоа Унијата институционално да се промени така што нејзините институции нема да бидат во состојба да ја игнорираат демократската волја на националните влади“, изјавил Дуда во интервју за Полскиот дипломатски преглед.
Како аргумент за ова Дуда ги посочил барањата на Унгарија и Полска за ЕУ да се реформира според нивните евроскептични желби како „слаба заедница на силни национални држави околу заедничкиот пазар и одбраната“, наведувајќи ги ризиците дека на следните избори за Европскиот парламент би можеле да победат и преземат контрола антисистематските и радикални партии.
„Кога радикалните противници на интеграцијата би освоила мнозинство, а изборниот закон за тоа им дава шанса, процесот на одлучување во ЕУ би бил парализиран. Усвојувањето на новиот основен договор би можел да постане единствениот начин за ЕУ да се извлече од кризата. Сметам дека е подобро ова да се направи порано и да се избегне такво сценарио“, изјавил полскиот претседател.
Дуда исто така ги критикувал и европските претставници кои се против промена на основниот Лисабонски договор на ЕУ и реформите на Унијата онака како што предлагаат Будимпешта и Варшава, кои сепак се осамени во овие напори и во својот регион, во рамките на Вишеградската група, бидејќи против вакви промени Словачка и Чешка се категорично против.
Последниот челник кој ја оспори потребата за промена на Лисабонскиот договор и евентуалното усвојување на некој нов договор, предупредувајќи на опасноста која доаѓа со тоа, беше словачкиот премиер Роберт Фицо, чија земја до крајот на годината претседава со ЕУ.
„Они кои ја оспоруваат потребата од измените на основиот договор, своите размислувања ги засноваат на досега типичното „ќе се направи некако“. Дали во Франција ќе победи здравиот европски разум, а во Германија ќе бидат поразени антиевропските радикали. Дали расположението против естаблишментот во Европа ќе исчезне како што и самиот се појави“, порачал Дуда. Полскиот претседател изјавил дека на ЕУ му е потребен некој институционален земјотрес за сите да ја видат потребата од еден нов и поинаков основен договор./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Москва го затвори последниот полски конзулат во Русија
Руското МНР денес објави дека го затвора полскиот конзулат во сибирскиот град Иркутск како одговор на минатонеделното затворање на единствениот преостанат руски конзулат во Полска.
Русија го извести полскиот амбасадор за затворањето на конзулатите, кое ќе стапи во сила на крајот од годината како одговор на одлуката на полските власти да ја повлечат својата согласност за работењето на рускиот генерален конзулат во Гдањск од 23 декември 2025 година, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Полска минатата недела објави дека ќе го затвори последниот руски конзулат во Гдањск на северот од земјата по саботажата врз железничката линија за која Варшава ја обвини Русија.
Варшава идентификува двајца Украинци за кои се сомнева дека дејствуваат во име на Москва како наводни сторители на нападот, кој оштети клучна железничка линија што се користи за транспорт на оружје, патници и стока во Украина.
Руското министерство во четвртокот соопшти дека одлуката на полските власти да го затворат рускиот конзулат е отворено непријателска и неоправдана мерка донесена под апсурден изговор.
По овие меѓусебни акции, единствените преостанати дипломатски мисии меѓу двете земји се руската амбасада во Варшава и полската амбасада во Москва.
Односите меѓу Варшава и Москва отсекогаш биле затегнати, но тие значително се влошија по инвазијата на Русија на Украина во 2022 година, при што Полска стана еден од клучните сојузници на Киев.
Европа
Инфлуенсерка исчезна во Грац: во Словенија уапсени нејзиното момче, неговиот очув и брат му
32-годишната инфлуенсерка Стефани Пипер од Грац е исчезната. Откако нејзиното повремено момче беше уапсено во Словенија, полицијата приведе уште два члена на неговото семејство, братот и очувот. Стравувањата од најлошиот исход во случајот што ја потресе Австрија се зголемуваат, пишува Krone.
Добро познатата инфлуенсерка е исчезната од неделата наутро. Откога се вратила од божиќна забава околу 7 часот, таа испратила порака до пријателка дека безбедно пристигнала дома. Подоцна истиот ден, во раните попладневни часови, требало да се појави на фотосесија во центарот на Грац, но не се појавила. Нејзиното исчезнување било пријавено во полицијата вечерта.
Настаните се одвивале со филмска брзина по пријавата. Во понеделникот вечерта, во граничната област меѓу Штаерска и Словенија, уапсен е нејзиниот 31-годишен дечко Петер М., со кого била во повремена врска со години. Сомневањата се зголемиле кога неговиот црвен „голф“ бил пронајден изгорен на паркингот на казиното „Монд“ покрај граничниот премин Шпилје.

Истражителите веруваат дека тој се обидувал да го прикрие злосторството, но исчезнатата жена сè уште ја нема. Осомничениот од Словенија моментно е во притвор во својата матична земја, а вчера беше донесена одлука за негова можна екстрадиција. Словенечките власти вчера ја претресоа куќата на баба му, а исто така ги претресоа и шумите во пограничната област.
Следуваше дополнителен шок кога портпаролот на канцеларијата на државниот обвинител во Грац, Арнулф Румполд, потврди дека се уапсени уште двајца мажи. Братот и очувот на поранешното момче се исто така осомничени дека се поврзани со исчезнувањето на младата жена.
Во меѓувреме, сосед на 32-годишната жена потврди дека го видел момчето на осомничената на скалите од нејзината зграда во Грац во времето на нејзиното исчезнување зголемувајќи ја можноста дека тој ја чекал таму во заседа. Истрагата е во тек.
фото: принтскрин
Европа
Папата патува во Турција, ќе се сретне со Ердоган
Папата Лав денеска го започнува своето прво патување надвор од Италија како католички лидер со посета на Турција, каде што се очекува да апелира за мир на Блискиот Исток и да се обиде да поттикне единство меѓу долго поделените христијански цркви.
Првиот американски папа ја избра претежно муслиманската Турција како своја прва странска дестинација за да ја одбележи 1700-годишнината од значајниот раноцрковен собор што го создаде Никејското верување, кое сè уште го користат повеќето христијани во светот.
Лав, чиј тридневен распоред во Турција е преполн со настани пред да се упати кон Либан, ќе биде внимателно следен, особено додека ги прави своите први странски посети на чувствителни културни места.
„Тоа е многу важно патување бидејќи сè уште не знаеме многу за геополитичките ставови на Лав, а ова е првата голема можност за него да ги разјасни“, изјави за Ројтерс Масимо Фаџоли, италијански академик кој го следи Ватикан.
70-годишниот Лав, кој со својата придружба долета од аеродромот Фјумичино во Рим кратко пред 8 часот наутро, прво ќе ја посети турската престолнина Анкара, каде што ќе се сретне со претседателот Таип Ердоган и ќе им се обрати на политичките лидери. Тој вечерва ќе лета за Истанбул, дом на патријархот Вартоломеј, духовниот водач на 260-те милиони православни христијани во светот.
фото: епа

