Спорт
Ангеловски со подмладен тим и нови голмани ќе оди во Шпанија

Селекторот на фудбалската репрезентација го објави списокот на играчи на кои смета за квалификацискиот натпревар за пласман на Европското првенство против Шпанија во Гранада, што ќе се одигра на 12-ти ноември.
Игор Ангеловски повика 21 фудбалер за натпреварот против Шпанија, а осуммина од нив се членови на младата репрезентација која избори пласман на Европското првенство. Голманот Алексовски, дефанзивците Велковски и Зајков, напаѓачот Маркоски и играчите од редот за врска Бабунски, Барди, Николов и Ѓорѓев кои со однесувањето, формата и игрите во селекцијата до 21 година го заслужија повикот на селекторот.
„Повикот на овие фудбалери не е затоа што јас тоа го ветив, туку едноставно тие тоа го заслужија. Не се во репрезентацијата ниту поради тоа што тоа јавноста го бараше, туку тие со квалитетот сами се наметнаа“, рече Ангеловски.
Списокот на селекторот за дуел со една од најквалитетните светски селекции е спој на младост и искуство.
„Она што на почетокот на нашата работа го поставивме како наша цел, а тоа е да се направи тим кој ќе биде спој на младост и искуство, тој тим да биде конкурентен во квалификациите и против секој противник и да успееме да забележиме подобри резултати од претходните циклуси, мислам дека првите две цели сме на добар пат да ги исполниме, а до крајот на циклусот ќе направиме сé што е во нашите можности и резултатите да бидат подобри, за разлика од оние претходни циклуси“, појасни македонскиот селектор.
Најголеми промени има на голманската позиција, каде за место меѓу диреците конкурираат Алексовски, Димитриевски и Гачевски.
„Одбраните на голманите не ни ја дадоа потребната сигурност и затоа посегнуваме по други решенија“, посочи селекторот и појасни: „Мислам дека Захов за разлика од европските натпревари (настапот на Шкендија во Лига Европа) неговата форма во домашното првенство оди во надолна линија. Прими, според мене, кикс гол во Битола, во Кратово и на крајот со Вардар. Поради тоа решив да не го повикам за овој натпревар. Мислам дека имаше и една лоша интервенција против Албанија, кога го примивме вториот гол. Мартин Богатинов можеби немаше директна вина, но тој не е стандарден во својот клуб. Јас барам голман кој ќе ни внесе сигурност“, објасни Агеловски.
Формацијата 3-5-2 со која Македонија играше во првите три квалификациски дуели, селекторот нема да ја менува, но тој не ја исклучи можноста да има некои освежувања во дефанзивниот дел на тимот.
„Ќе видиме со кој состав ќе настапиме, но дека ќе има освежувања во последниот ред тоа е сигурно“, додаде.
Конкретни прогнози за дуелот во Гранада селекторот не дава, но ја кажа од што би бил задоволен.
„Би бил задоволен доколку одиграме на уште повисоко ниво него на натпреварот со Италија. Сите три натпревари ги одигравме квалитетно, бевме конкурентни, но за жал не успеавме и резултатски добро да поминеме. Знаеме дека Шпанија е фаворит, според мене таа е една од најдобрите четири светски репрезентации. Јас ќе се обидам да го извлечам масимумот од мојот тим“, рече во продолжение Ангеловски.
Репрезентативците првиот собир ќе го имаат на 7.ноември, во Скопје ќе се подогтвуваат два дена, на 10-ти со чартер лет ќе отпатуваат за Шпанија, а дуелот со домаќинот ќе го одиграат на 12-ти во Гранада.
Списокот на Ангеловски за натпреварот со Шпанија:
Голмани: Алексовски (Вардар), Димитриевски (Химнастик, Шпанија), Гачевски (Вардар)
Одбрана: Шиков (Нефчи, Азербејџан), Жута (Ријека, Хрватска), Ристевски (Вашаш, Унгарија), Ристовски (Ријека, Хрватска), Мојсов (АЕК Ларнака, Кипар), Зајков (Шарлроа, Белгија), Велковски (Вардар)
Среден ред: Споровски (Вардар), Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија), Алиоски (Лугано, Швајцарија), Хасани (Шкендија), Бабунски (Црвена ѕвезда, Србија), Барди (Ујпешт, Унгарија), Николов (Вардар)
Напад: Пандев (Џенова, Италија), Несторовски (Палермо, Италија), Ибраими (Шкендија), Маркоски (Работнички)./крај/мф/нц
Извор: макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Мала држава од Атлантикот е пред историски пласман на СП 2026, а билетите за најважниот меч се продаваат во пекарници

Фудбалската репрезентација на Зеленортските Острови утре го игра својот клучен натпревар против Есватини, а победата ќе им донесе историски прв пласман на Светско првенство. Ова ќе биде првпат малата островска држава да се најде на најголемата фудбалска сцена.
Со два бода предност пред второпласираниот Камерун, Зеленортските Острови се на одлична позиција да обезбедат директен пласман. Дури и во случај на нерешен резултат, многу е веројатно дека ќе се квалификуваат преку рангирањето на најдобрите второпласирани.
Малата, но амбициозна држава е лоцирана на Атлантикот и е поранешна португалска колонија со независност стекната во 1975. Многу играчи од репрезентацијата играат во Португалија и Европа, но никогаш претходно не учествувале на Светско првенство.
Интересно е дека билетите се продаваат на пет физички локации – на стадионот, неколку пекарници и бензински пумпи, без онлајн продажба.
Спорт
Билети за мечот Македонија – Казахстан утре ќе можат да се купат и на билетарницата на Арената

Фудбалската федерација на Македонија информираше дека освен преку сајтот eticket.ffm.mk специјализиран за електронски билети за мечевите на националниот тим, билети за утрешниот меч со Казахстан ќе може да се купат и на билетарницата на Националната арена „Тодор Проески” во Скопје.
Утре, на денот на натпреварот, од 10 до 17 часот ќе може да се купи билет за мечот Македонија – Казахстан и тоа по цена од 300, 400 и 500 денари, во зависност од седиштето кое ќе го одберете.
Спорт
Македонија до 19 години убедливо ја победи Црна Гора на гости

Македонската репрезентација до 19 години, предводена од селекторот Ерхан Селими, забележа одлична победа на гостински терен, совладувајќи ја Црна Гора со убедливи 2:4 во вториот пријателски натпревар меѓу двете селекции.
Во дуел во кој нашите млади репрезентативци имаа далеку повеќе од играта, Македонија постигна четири погодоци, доминираше на теренот и целосно заслужено се радуваше на овој извонреден триумф.
Серијата голови за нашата селекција ја отвори фудбалерот на Вардар, Емир Шаботиќ, во првото полувреме. Откако домаќините успеаја да израмнат, Македонија повторно поведе со гол од пенал на членот на Црвена ѕвезда, Горазд Ристовски.
Црна Гора повторно израмни на 2:2, но по голема грешка на домашниот голман, Адмир Љафити донесе ново водство за Македонија. Истот играч со прекрасен соло продор и прецизен удар го постави конечниот резултат, 2:4 во корист на нашата селекција.
Првиот пријателски натпревар меѓу овие две репрезентации заврши без голови, 0:0.