Европа
Европратениците инсистираат ЕК да воведе визи за САД и Канада

Членовите на комисијата за граѓански слободи на Европскиот парламент ја повикаа во средата Европската комисија да ги почитува правилата и да донесе привремени мерки за суспендирање на безвизниот режим за државјаните на САД и на Канада, кои не го почитуваат принципот на визен реципроцитет, а некои пратеници дури рекоа дека парламентот и можел ЕК да ја даде на суд поради непочитување на законите.
Во средата Членовите на комисијата за граѓански слободи на Европскиот парламент за ова прашање разговараа со комесарот за внатрешни работи и миграции Димитрис Аврамопулост, кој е надлежен и за прашањата на визите. Пратениците не сакаат да разговараат за можните последици од воведувањето на визите за граѓаните на САД и на Канада и истакнуваат дека постапката е јасна во случаите кога некоја третата земја не ги почитува визните реципроцитети.
Либералната пратеничка од Холандија, Софи Ин’т Велд и нејзината шведска колешка Сесилиа Вистроем, изјавија дека Европскиот парламент би можел да ја даде „Европската комисија на суд“, доколку таа не ги почитува правилата.
Од друга страна, пак, еврокомесарот Аврапомулос смета дека тоа би било „исклучително контрапродуктивно“, и се залага ова прашање да се решава со „стрплива дипломатија“.
Канада бара визи за граѓаните на Бугарија и Романија, а САД за државјаните на Бугарија, Кипар, Полска, Романија и Хрватска. САД неодамна усвоија закон кој би можел да ги погоди и граѓаните од земјите во Шенгенскиот простор кои имаат двојни државјанства.
Според механизмот за визен реципроцитет кој го утврдија европските Парламент и Советот, доколку трета земја не го укине визниот режим во рок од 24 месеци по известувањето за изостанувањето на реципроцитетот, ЕК мора да ја провери состојбата и да предложи привремено укинување на ослободувањето од визите за граѓаните на односните трети земји за период од 12 месеци.
Условите за привременото воведување на визите беа исполнети во април годинава, но Комисијата, на којашто Советот и Парламентот ѝ ги делегираа овластувањата во оваа сфера, одбива да ги примени овие правила.
Аврамопулос тврди дека „стрпливата дипломатија“ наскоро би можела да даде резултати, кога станува збор за Канада, но дека во разговорите со САД нема напредок и дека Вашингтон на суспендирањето на европската страна би можел да одговори со суспензија на безвизниот режим за сите граѓани од ЕУ. Таквиот став, пак, покажува одредено декласирање и дистанцирање од земјите членки за кои САД не ги отстрануваат визите, наспроти солидарноста и единството што Брисел го бара од членките кога станува збор за мигрантските квоти или односите и воведувањето санкции кон трети земји.
„Ќе се обидеме да ги исцрпеме сите преговарачки средства“,рече Аврапомулос, додавајќи дека не би било во интерес на ниедна европска институција ова прашање да се појави пред Судот на ЕУ.
Според американскиот закон, визите се бараат за државјани на оние земји кои маат преку три отсто одбиени барање за издавање визи. Ниедна од петте посочени земји на ЕУ сé уште не ги исполнува тие услови. Процентот за одбивање визи за Бугарија е 17,3 отсто, за Кипар – 3,5, за Полска – 6,4, за Романија – 11,3 и за Хрватска изнесува 5,3 отсто.
„За тие земји да добијат безвизен режим, американскиот Конгрес би морал да го промени законот и значително да го подигне прагот од 3 процента. А сега во Конгресот навистина нема волја за тоа и вие тоа добро го знаете“, им порача Аврпомулос на европските пратеници.
ЕК во април годинава во својата процена за можните последици од воведувањето визи за државјаните на САД и на Канада, истакна дека тоа би имало значителен ефект на надворешно политичките односи на ЕУ со овие две земји и дека најверојатно би имало негативен економски ефект за ЕУ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Медведев: Можеби ќе бидат неопходни превентивни напади врз Западот

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денес изјави дека Западот практично води целосна војна против Русија и дека Москва треба да одговори на ист начин и, доколку е потребно, да изврши превентивни напади, објави руската државна новинска агенција ТАСС, пренесе „Ројтерс“.
Медведев, кој е заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, се претставуваше како либерален модернизатор кога беше претседател од 2008 до 2012 година, но оттогаш се позиционира силно како антизападен јастреб во Кремљ. Дипломатите велат дека неговите изјави го одразуваат размислувањето на дел од политичката елита.
„Она што се случува денес е посредничка војна, но во суштина тоа е целосна војна (лансирање западни ракети, сателитско извидување итн.), пакети-санкции, гласни изјави за милитаризација на Европа“, ТАСС го цитира Медведев. Тој го обвини Западот дека со векови се обидува да ја ослабне Москва.
„Ова е уште еден обид да се уништи историската аномалија што Западот ја мрази – Русија, нашата земја“, продолжи Медведев.
„Мораме да дејствуваме соодветно. Да одговориме целосно. И доколку е потребно, да извршиме превентивни напади“, рече тој додавајќи дека многумина на Запад носат предавство и застарени погледи за сопствената супериорност во крвта.
Воениот сојуз предводен од САД, НАТО, ја смета Русија за голема закана, а политичарите во Западна Европа честопати сугерираат дека Русија, која испрати десетици илјади војници во Украина во 2022 година, еден ден би можела да нападне земја членка на НАТО.
Медведев ги отфрли ваквите тврдења како целосна бесмислица истакнувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин постојано ги негира.
„Изјавите на западните политичари на оваа тема се целосна бесмислица. Би додал дека оваа бесмислица е намерно поставена во информативниот простор со цел да се дестабилизира веќе сложената ситуација. Тоа е уште едно бојно поле на отворената војна на Западот против нас“, рече Медведев.
Русија и САД се, веројатно, најголемите нуклеарни сили во светот, со речиси 87 % од целото нуклеарно оружје по што следуваат Кина, Франција, Велика Британија, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја, според Федерацијата на американските научници.
Европа
Украина изврши напади во Русија преку ноќ: дронови насочени кон Москва и Санкт Петербург

Руските власти и државните медиуми објавија напади од украински беспилотни летала во текот на ноќта во целата земја, вклучувајќи ги и Москва и западните региони на Русија.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руската воздушна одбрана соборила три беспилотни летала што се приближувале кон главниот град помеѓу 2 и 3 часот наутро по локално време. Тој додаде дека службите за итни случаи се на местото на настанот, но не даде информации за жртви или штети.
Во Санкт Петербург аеродромот „Пулково“ привремено го запре сообраќајот во 5 часот наутро, објави „Росавијација“. Иако причината не беше наведена, се верува дека станува збор за закана од беспилотни летала бидејќи руските аеродроми често ги приземјуваат летовите поради украинските напади. Според извештаите, најмалку 10 лета биле одложени.
Државната новинска агенција ТАСС соопшти дека беспилотните летала биле соборени источно од Санкт Петербург со употреба на системи за електронско војување.
Во регионот Смоленск, јужно од Санкт Петербург, гувернерот Василиј Анохин изјави дека се соборени 14 дрона, а едно лице е повредено.
Поблиску до линијата на фронтот, гувернерот на регионот Белгород, Вјачеслав Гладков, тврди дека украински дрон убил едно лице и ранил шест други во градот Белгород. Друго лице наводно е повредено во остатокот од регионот.
Во Воронеж руските канали на „Телеграм“ објавија дека дрон удрил во станбена зграда, при што се повредени три деца. Гувернерот Александар Гусев изјави дека во регионот се соборени најмалку пет дрона.
Во регионот Калуга гувернерот Владислав Шапша објави дека 14-годишно девојче е повредено кога три дрона биле соборени над регионот.
Руското Министерство за одбрана објави дека вкупно 122 украински дрона биле соборени над неколку делови од земјата.
Украинската војска сè уште не ги коментира наводните напади. Порталот „Киев индепендент“ забележува дека не може да ги потврди тврдењата на руските претставници или медиуми.
Европа
Мерц пристигнува во Лондон, ќе потпише договор за пријателство со Британците

Фридрих Мерц денеска тргнува на своето прво патување во Лондон како германски канцелар, каде што ќе се сретне со британскиот премиер Кир Стармер и ќе потпише сеопфатен договор за пријателство како дел од поширокиот напор за ресетирање на односите на Европската Унија со Велика Британија, објави Ројтерс.
Еднодневната посета на Мерц доаѓа една недела по тридневната државна посета на францускиот претседател Емануел Макрон, сигнализирајќи поблиска соработка меѓу трите најважни сили во Европа во време на растечки закани за континентот и неизвесност околу сојузникот САД.
Европа се бори со трговските тензии со САД откако претседателот Доналд Трамп се врати во Белата куќа, како и со егзистенцијални прашања за подготвеноста на Вашингтон да продолжи да помага во одбраната на европските сојузници, вклучително и Украина, во услови на руска инвазија.
„Договорот доаѓа во време кога ние Европејците сме особено предизвикани во однос на безбедносната политика“, изјави претставник на германскиот владин кабинет на брифинг пред патувањето.
„Не е експлицитно наведено во преамбулата, но трансатлантските прашања се исто така – да го кажеме вака – нестабилни. И тоа е дел од поширокиот контекст.“
Германија има такви договори за пријателство само со неколку земји, како што е Франција, што симболизира посебна блискост меѓу двете земји, објавува Ројтерс.
Речиси една деценија откако Велика Британија гласаше за напуштање на Европската Унија, договорот содржи клаузула за заемна помош што е „исклучително важна во светлината на руската агресија во Украина“, рече функционерот.
Договорот се темели на минатогодишниот одбранбен договор што вклучува заеднички развој на оружје за удар со долг дострел, а доаѓа откако Франција и Велика Британија се согласија минатата недела да ја зајакнат соработката во врска со нивните нуклеарни арсенали.