Регион
УНИЦЕФ со зелено светло за поголема поддршка за бегалците и мигрантите во Грција

Сред растечката загриженост во врска со новиот наплив на бегалци и мигранти кон Европа, УНИЦЕФ ја адаптира својата стратегија во поддршка на одговорот на властите и граѓанскиот сектор во Грција, каде се зголемуваат хуманитарните и долгорочните потреби на повеќе од 22 илјади деца, се вели во соопштението од УНИЦЕФ.
Кризата беше во фокусот на посетата на Грција од страна на Нана Мускури, реномирана пејачка, хуманитарка и амбасадорка на добрата волја на УНИЦЕФ и Мери-Пјер Поаре, специјален координатор на УНИЦЕФ за бегалско-мигрантската криза во Европа.
Говорејќи по посетата на центрите за бегалци во Атина, Мускури рече дека била многу трогната од она што го видела и од приказните на бегалците што ги чула. „Ова се многу ранливи луѓе – деца, жени, но и мажи. Тие се многу кревки. Исто така, на другата страна гледам дека грчкиот народ е секогаш многу дарежлив, и на располагање да помогне“, рече Мускури.
Во моментов, проектите поддржани од УНИЦЕФ во Атина вклучуваат прифатен центар за жени и деца-бегалци и мигранти, кој работи во партнерство со локалната невладина организација „Фарос“, и мобилна единица за заштита на децата во пристаништето Пиреја, со која раководи уште една грчка невладина организација, „Солидарност сега“.
По серијата состаноци со високи владини функционери, Поаре ја истакна решеноста на УНИЦЕФ да ја поддржи работата во корист на бегалците и мигрантите од страна на Владата и другите партнери, дури и во време на акутни национални мерки за штедење.
„УНИЦЕФ е многу горд што е дел од оваа национална мобилизација. Грција прави многу, а ние сме тука за поддршка на овие напори. Нашиот фокус врз децата кои навистина се најранливи е добредојден и ценет, со ран детски развој за многу малите деца, образование, вакцинација и заштита на децата како наши приоритети“, рече Поаре.
Таа рече дека УНИЦЕФ, исто така, особено внимание обрнува на потребите за заштита на најранливите деца и на оние кои пристигнуваат без придружба, како надополнување на работата на ЕККА, Националниот центар за социјална солидарност. Во моментов има околу 2.000 непридружувани и разделени деца-бегалци или мигранти во Грција.
„Уште многу треба да се направи“, додаде Поаре. „Фокусот врз децата треба да се премести на следното ниво.“
По посетата на прифатниот центар за бегалци „Кара Тепе“ на островот Лезбос, Поаре оддаде посебно признание за работата на локалната самоуправа и директорот на центарот, Ставрос Мирогианис, за создавањето на добро структуриран и хармоничен центар за бегалските семејства.
Повеќе од еден милион бегалци и мигранти поминале низ Грција од јануари 2015-та година, со што земјата е една од најважните точки на влез во Европа. Повеќето пристигнуваат откако преживеале опасен премин по море од Турција.
Од започнувањето на примената на новите ограничувања за премин на границите на Балканот и по неодамнешниот договор меѓу ЕУ и Турција, најмалку 54 илјади бегалци и мигранти останаа заглавени во Грција.
Хуманитарните потреби на оваа популација на бегалци и мигранти растат, при што семејствата имаат потреба од сигурно и пристојно засолниште, основна поддршка и здравствени услуги. Многу деца-бегалци и мигранти не одат на училиште со месеци или дури со години, и бараат пристап до образование. Децата кои се без придружба или биле одделени од семејствата се во посебен ризик од експлоатација и злоупотреба./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Зошто плажата Посиди важи за една од најопасните во Грција

Плажата Посиди се наоѓа на западниот брег на првиот прст на Халкидики – Касандра, отприлика на половина пат низ полуостровот. Се протега како ’рт што длабоко навлегува во морето и изгледа навистина магично на фотографии и снимки.
Но, зад таа убавина се крие и опасност. Посиди важи за една од најопасните плажи во Грција поради силните морски струи кои можат лесно да одвлечат пливачите, особено оние кои се неискусни или недоволно внимателни. Плажата е долга меѓу еден и два километри, и е дива – без кафулиња, лежалки и чадори, што ја прави уште поизолирана и потенцијално ризична.
Јавноста добро го памети трагичниот настан од пред три години, кога три млади момчиња од Македонија се капеа на оваа плажа и ги одвлекоа силните струи. Настанот се случил за време на забава на плажа, кога тројцата решиле да влезат во морето. Силниот ветер и морските струи ги повлекле. Едното момче било брзо пронајдено, второто – по дури 19 часа поминати во морето – било спасено благодарение на топка која ја носел ветрот, за која се држел сè до доаѓањето на спасувачите. Третото момче, за жал, никогаш не беше пронајдено, и покрај интензивната потрага.
Според грчкиот весник „Етнос“, освен Посиди, за особено опасни плажи во Грција важат и:
Лаларија (остров Скијатос),
Матала (остров Крит),
Нас (остров Икарија),
Хорефто (регион Пелион),
Платиа Амос (остров Кефалонија),
Калами (остров Китира).
На овие локации потребна е особена претпазливост, дури и кога морето изгледа мирно. Природата е убава, но мора да се почитува.
Регион
Дете се удави во базен во Загреб

Вчера во објект за изнајмување со базен, се удави дете, соопшти загрепската полиција.
Надлежните соопштија дека на детето му била укажана медицинска помош на местото на настанот а потоа и во Клиничкиот болнички центар во Загреб, каде што починало.
„За да се избегнат трагични настани и да се зголеми безбедноста на пливачите, ги потсетуваме граѓаните да користат добро одржувани места за пливање кои се под надзор на професионални служби.
Сакаме да ги предупредиме пливачите за потенцијалните опасности и да дадеме совети за тоа како да се однесуваат во местата за пливање. Затоа, за да избегнеме трагични сценарија, советуваме и предупредуваме:
не пливајте најмалку еден час по оброк – една од најчестите грешки што многумина од нас ги прават е влегувањето во вода по оброк,
не пливајте ако сте консумирале алкохол – консумирањето алкохол е еден од главните фактори на ризик за давење, како кај младите, така и кај возрасните,
една од вообичаените грешки што многумина од нас ги прават е тоа што по долг престој на сонце, влегуваме во водата за да се освежиме и разладиме. Секогаш треба постепено да влегувате во водата, давајќи му шанса на вашето тело да се подготви и да се адаптира, без разлика колку е топло морето или друга водена површина. Во спротивно, телото ќе доживее шок,
не скокајте во вода со непозната длабочина – можни се сериозни повреди,
ако не сте целосно здрави, не пливајте на затскриени места, а доколку страдате од некои хронични и сериозни болести, избегнувајте пливање на затскриени и небезбедни места; бидете во близина на луѓе, за да можат да ви помогнат доколку е потребно,
ако имате деца, постојано внимавајте на нив – родителите никогаш не треба целосно да се опуштат, дури ни кога пливаат; децата треба да бидат под постојан надзор и да се осигурат за нивната безбедност; меѓу луѓе и во толпи, децата лесно се губат, исто како што лесно можат да се удават во плитка вода; исто така, никогаш не сметајте на постаро дете само да се грижи за помлад брат или сестра; безбедноста на детето е ваша одговорност, надгледувајте ги вашите деца, дури и ако знаат да пливаат,
запомнете дека пливањето во свежа вода е понапорно од пливањето во море (грижете се за ова) и водата често може да биде поматна, па затоа децата потешко ја перцепираат длабочината,
непливачите или послабите пливачи дефинитивно треба да користат помагала за пливање,
избегнувајте пливање сами,
пливајте во близина на спасувачи и следете ги упатствата и знаците на спасувачите
доколку се појават проблеми, останете смирени, доколку забележите некого во неволја во водата, веднаш пружете или побарајте помош и јавете се на надлежните служби.
Реките се најопасни бидејќи течат, често имаат вртлози, потоа се сечат и често го менуваат текот.
Езерото има ненадејни промени во длабочината и температурата, односно температурата во езерото е потопла на површината и постудена на длабочина. Голем проблем за пливачите понекогаш е вегетацијата во која се заплеткуваат, а поради паниката што може да се појави, можат да се удават“, објави полицијата.
Регион
Борисов: Бугарија ќе се вклучи во процесот на обнова на Украина

Бугарија ќе се приклучи на процесот на обнова на Украина. Ова го изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со амбасадорот на Украина во Бугарија, Олесја Илашчук.
Лидерот на ГЕРБ ја прогласи способноста на Бугарија да придонесе во сектори, како што се енергетиката, трговијата и инфраструктурата.
„Разговаравме и за развојот на воените операции на територијата на Украина. Украина има категорична поддршка од Бугарија за нејзината европска перспектива“, изјави Бојко Борисов.