Свет
Курдско-арапските сили бараат поддршка за офанзивата врз сириска Рака
Сириските демократски сили (SDF) во кои главнината ја сочинуваат единиците на курдската милиција, објавија во неделата дека мобилизирале 30.000 борци за покренување офанзива врз сирискиот град Рака, административен центар на истоимената покраина, и дефакто главен град на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава во Сирија, и притоа повикаа да ја добијат „секоја можна поддршка“, пренесуваат агенциите.
„Ги повикуваме сите меѓународни и регионални сили, настраданите од дејствијата на Исламската држава, да дадат свој достоен придонесе во елиминирањето на центарот на светскиот тероризам, обезбедувајќи ги сите видови поддршка: логистичка, морална и политичка, на силите кои учествуваат во ослободувањето на Рака“, се наведува во соопштението на SDF испратено до светските агенции.
Претходно од SDF соопштија дека започнуваат операција за преземање на контролата над главниот град на Исламската држава во Сирија. Операцијата е наречена „Гневот на Еуфрат“, и ќе биде изведувана во координација со „силите на меѓународната коалиција“ предводена до САД.
„Ќе победиме во оваа судбоносна битка, како што претходно победивме во Кобани, Тел-Абјад, Ал-Хасака, Ал-Хаула, Шедади и Манбиџ“, се истакнува во соопштението.
„Рака ќе ја ослободат нејзините синови и арапските, крудските и туркмeнските фракции, борци јунаци под знамето на SDF, со активно учество на Единиците за заштита на курдскиот народ (YPG)….“, се додава во соопштението
Покрај тоа, сириските Курди ги повикуваат цивилите „да се држат подалеку од утврдувањата на борците кои ќе се наоѓаат под оган нашите и сојузничките коалициони сили“, а хуманитарните организации „да го исполнат својот долг пред жителите на Рака“, кои „наскоро ќе бидат ослободени“ од угнетувањето на Исламската држава.
Портпаролката на SDF, Џихан Шеик Ахмед, на прес-конференција во Аин Иса, град оддалечен педесетина километри од упориштето на џихадистите го најавила почетокот на офанзивата врз Рака, пренесува AFP. Репортерот на агенцијата притоа јави дека десетици вооружени борци со возила се упатиле кон фронтот.
Арапско-курдската коалиција тврди дека се договорила со САД, во офанзивата да не учествува Турција. „Сириските демократски сили дефинитивно се согласија со меѓународната коалиција Tурција, и бунтовниците кои ѝ се сојузници, дека нема да учeствуваат во офанзивата врз Рака“, соопшти портпаролот на SDF, Талал Село.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 27-ми октомври изјави дека воените операции кои што Турција ги води на северот на Сирија ќе бидат проширени и на Рака.
Операцијата за ослободување на Рака е втората голема офанзива врз овој град, откако кон средината на октомври ирачките сили и ирачките Курди со поддршка на коалицијата на САД ја започнаа офанзивата врз Мосул, најголемото упориште на Исламската држава во соседен Ирак./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

