Регион
Најмалку 30.000 луѓе на двата политички собира во Бања Лука
Точно напладне во Бања Лука започнаа митинзите на приврзаниците на власта и на опозицијата во ентитетот Република Српска, а според полициската процена на оддалеченост од помалку од километар се наоѓаат најмалку триесет илјади луѓе, пренесуваат агенциите, додека од Белград најавуваат дека внимателно го следат развојот на настаните.
Приврзаниците на опозицијата предводена од Српската демократска партија (СДС) се собраа во градскиот парк во Бања Лука, додека оние кои ја поддржуваат власта предводена од Милорад Додик на централниот градски плоштад. Тој таму пристигнал пешки околу 11.30 часот каде приврзаниците го поздравиле со громогласни аплаузи.
Министерот за внатрешни работи на РС, Драган Лукач, изјави дека само до 11 часот во Бања Лука пристигнале повеќе од 300 автобуси кои ги превезувале учесниците на двата собира. Потврдил дека на границата е спречено влегувањето на околу 150 лица од Србија кои сакале да одат во Бања Лука и таму да му се придружат на еден од двата собира.
„Нашата процена е дека тука има повеќе од триесет илјади луѓе“, изјавил Лукач потврдувајќи дека полицијата одлучила да ги забрани планираните поворки на учесниците на двата собира низ центарот на градот, бидејќи постои опасноста од судири и насилства меѓу политичките неистомисленици. „Тоа полицијата не може да го држи под контрола со силите коишто ги има“, рекол министерот која на улиците на Бања Лука распоредил околу две илјади полицајци.
Од организацијата на опозицискиот протест, сепак, инсистираат на протесна поворка низ Бања Лука по завршувањето на собирот во паркот.
Членот на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, изјави дека опозицијата се бори за правото на демократско изјаснување и од тоа нема да се откаже. „Ние победивме одразувајќи го денешниот собир“, изјавил Иваниќ за новинарите пред почетокот на собирот на опозицијата.жж
Истакнал дека на опозицијата „на крајот од умот не ѝ е“ да прави некакви инциденти и да предизвикува насилство. „Инаетот на власта доведе до многу лош амбиент кој сигурно нема д абиде подобар по денеска“, предупредува Иваниќ.
Истовремено српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека „не верува во заговори, но ниту во случајности, особено кога станува збор настаните во регионот во кои се вмешани странски центри на моќ“, во врска со протестите во Бања Лука, алудирајќи на севкупната состојба на политички тензии на Балканот.
Вучиќ за Радио-телевизија Србија (РТС) изјави дека „ситуацијата во Бања Лука ја следевме цела ноќ“ и оти веќе разговарал со политичарите и од двете страни. Изрази подготвеност да замине во Бања Лука, доколку е потребно, но оти се надева дека вечерва „сите ќе се гордееме со српската демократска култура“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д. Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на својата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа по што избегал. Одреден му е притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски „Телеграф“.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигориевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер Далибор Демировиќ веднаш беше осомничен за убиството.
Во времето на бегство Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиена во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 мина. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, што почнува денес, пишува „Кликс.ба“.
Голем број луѓе добиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти сè уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и „Лукоил“, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум „Медијапул“, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата, без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува „Ројтерс“.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од речиси 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
„Лукоил“ веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и со тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола, што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со „Лукоил“ до 21 ноември.

