Свет
Пет деца настрадаа во поплави на Филипините
Пет деца настрадаа во поплавите и свлечиштата предизвикани од поројните дождови во централниот дел на Филипините. Голем дел од населението поради свлечиштата ги напушти своите домови. Во градот Сент Бернард на островот Лејте, околу 1.000 жители помош побараа во прифатните центри. Меѓу денешните жртви се едно бебе и едно петгодишно девојче, кои додека спиеле биле затрупани со кал. Денес е пронајдено телото на едно тригодишно момче, а две момчиња на возраст од 10 и 11 години се удавиле во провинцијата Јужен Лејте. Минатата недела три лица настрадаа во јужниот дел на островот Лузон, а повеќе од 60.000 лица ги напуштија своите домови. Во Сент Бернард во февруари 2006 година се случи една од најголемите катастрофи во земјата, кога свлечиште затрупа цела населба со 1.000 жители. Метеоролозите за следните денови најавија нови врнежи, кои интензивно траат веќе една недела./ крај/танјуг/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелските медиуми ги објавија трите барања на шефот на Хамас за ослободување на заложниците
Лидерот на палестинската исламистичка организација Хамас во Појасот Газа, Јехја ал Синвар, и понатаму има три барања во преговарачката понуда за договорот за заложниците, објавија медиумите.
Синвар сè уште бара загарантиран крај на војната, изјави синоќа за израелската телевизија Канал 12 извор близок до лидерот на Хамас. Израел тоа барање досега го отфрлуваше.
Синвар, наводно, сака писмена обврска за „безусловно прекинување на непријателствата“.
Според израелската телевизија, ал-Синвар побарал и Израел да не го спречува враќањето на Западниот Брег на палестинските затвореници кои треба да бидат ослободени во замена за заложниците земени од Израел.
Според последниот нацрт на договорот, Израел сака да ги испрати оние кои отслужуваат доживотна казна затвор во Појасот Газа или во странство.
Понатаму, лидерот на Хамас сака детали за материјалите што Израел нема да дозволи да бидат испорачани во Газа за реконструкција.
Според извештајот, во Израел се претпоставува дека Хамас нема да даде јасен негативен одговор на предлогот поради меѓународниот притисок. Египетските посредници, со поддршка на САД, во моментов се обидуваат да постигнат договор.
Милитантната исламистичка организација Хамас претходно објави дека повторно ќе испрати делегација во Египет за да ги заврши индиректните преговори со Израел за ослободување на заложниците и договор за прекин на огнот.
Египетската државна телевизија Ал-Кахира њуз објави дека делегација на Хамас треба да пристигне во Каиро во следните два дена за продолжување на преговорите.
Израелската влада најави дека во брзо време ќе започне офанзива во Рафах на југот на Појасот Газа, на границата со Египет, доколку не се постигне договор.
Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: Го уништивме рускиот систем Бук, не можеа да го изгаснат пожарот
Украинските сили за специјални операции тврдат дека го уништиле лансерот на рускиот противвоздушен ракетен систем Бук на линијата на фронтот во регионот Суми.
Според извештаите, операторите во украинската единица забележале руски противвоздушен ракетен систем Бук-М1 додека изведувале борбени операции на фронтот.
Операторите потоа користеле нападни беспилотни летала за да ја нападнат целта. Русите неуспешно се обиделе да го изгаснат пожарот и да ја спасат својата опрема, тврдат Украинците. Тие споделија и видео на кое се гледа експлозијата и последователниот пожар.
Украинците наведуваат дека лансерот со шест проектили бил уништен со прецизен удар. Инаку, Украинците во вторникот пријавија и уништување на два Бука на истиот дел од бојното поле.
Свет
Турција ја прекина целата трговија со Израел
Турција од вчера го прекинува целиот извоз и увоз со Израел, соопшти турското Министерство за трговија, наведувајќи ја како причина „влошената хуманитарна трагедија“ на палестинските територии.
„Суспендирани се извозни и увозни трансакции поврзани со Израел и тоа се однесува на сите видови производи“, соопшти турското Министерство за трговија.
„Турција строго и решително ќе ги спроведе овие нови мерки додека израелската влада не дозволи непречен и доволен проток на хуманитарна помош во Газа“, се додава во соопштението.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац изјави претходно вчера дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „ги прекршил договорите (меѓу Израел и Турција) блокирајќи го израелскиот увоз и извоз на пристаништата.