Европа
Полската полиција спречи масовна тепачка меѓу поддржувачките и противничките на абортусот
Избегната е масовна тепачка во понеделникот во центарот на полската престолнина Варшава за време на протестите против заострувањето на националното законодавството за абортусот, кога противничките на прекинот на бременоста се појавиле на местото на одржување на демонстрациите за да ја изразат својата спротивна позиција.
Во еден момент во текот на блиската средба меѓу двете спротиставени групи, полицијата морала да интервенира за да ги раздели кога започнале да разменуваат тупаници, пренесува агенцијата ТАСС.
„Ние го браниме правото на животот. Ние сме против нацистичката политика на убиство на болните луѓе“, извикувале приврзаничките на построгиот закон за абортусот. „Ние се залагаме за слободата и сакаме самите да носиме одлуки за нашите судбини“, извикувале, пак, приврзаничките на слободата на изборот при прекинот на бременоста, пренесуваат полските медиуми.
Протестите во Варшава се одржаа во рамките на вториот Сеполски штрајк на жените. Таа акција започна во неделата и продолжи во понеделникот во повеќе од 100 градови ширум Полска.
Првата акција на протести наречена „Црн протест“, се одржа на 3-ти октомври. Учесничките и поддржувачите на овие протести се залагаат за правата на жените и против забраната за абортус. Три дена подоцна, под притисок на масовните протести на кои учествуваа околу 100.000 жени во целата земја, конзервативната влада на партијата Правда и справедливост (PiS), отфрли еден од нацрт законите кои го забранува абортусот. Но три дена по отфрлањето на тој предлог, челникот на PiS, Јарослав Качински изјави дека неговата партија и натаму сака да ја ограничи можноста за прекинување на бременоста, „дури и кога смртта на детето е неизбежна, за да биде крстено“.
„Успеавме да го отфрлиме апсурдниот закон и тензиите во земјата попуштија. Но сега власта тоа сака да го искористи и да спроведе нов закон, можеби помалку апсурден, но исто така неприфатлив, Не се согласуваме со тоа“, изјавила за AFP Алексндра Секула, една од демонстрантките,
Во текот на обновените протести кои групата наречена Штрајк на жените ги организираше и во Катовице, Вроцлав, Познан, Гданск, Варшава и Бјалисток, демонстрантките предупредуваа на „вмешување на црквата во политиката“ и „кршење на правата на жените“.
Една од организаторките на протестот Божена Пржилушка изјавила дека „црквата се вмешува во политиката и во правосудството на земјата. Тие ги уценуваат политичките партии и се мешаат во работи кои не се однесуваат на нив“. „Ние се бориме и за секуларна држава, за правото на контрацепција и за еднакви права меѓу мажите и жените во поглед на платите“, појаснила друга организаторка на протестите Камила Мајер.
Сегашниот полски закон усвоен во 1993 година. кој е еден од најрестриктивните во Европа, го дозволува прекинот на бременоста само во три случаи: опасност по животот и здравјето на мајата, во случај на тешка патологија на ембрионот и бременост по силување или инцест.
Меѓутоа, активистите од кампањата „За живот“ со предлогот од средината на септември би дозволиле абортус само доколку животот на мајката е загрозен, и бараат да се зголеми максималната казна затвор за оние кои го извршуваат од две на пет години. Граѓанската иницијатива која во парламентот ја поднесе здружението „Запрете го абортусот“, сојуз на различни групи против абортусот, предвидува и мајките кои направиле абортус да бидат осудени на затвор, иако судиите би можеле да се откажат од казните во таквите случаи.
Католичката црква, којашто е многу влијателна во Полска, ја одобри таа иницијатива претходно оваа година, иако бискупите се изјаснија против одредбите за затворање на мајките.
Овој предлог, кој Советот на Европа го нарече „сериозно назадување во правата на жените“, поттикна неколку големи поворки на поборниците на правото на избор во случајот на абортусот, како и иницијативата за либерализација на постојниот закон за абортус.
Полска, којашто има 38 милиони жители, има помалку од 2.000 легални абортуси годишно, но групите за женските права проценуваат дека дури 100.000 до 150.000 такви зафати се вршат илегално или во странство.
Предлогот против абортусот собра околу половина милион потписи за поддршка, многу повеќе отколку што е потребно за отворање на парламентарна расправа за тоа. Освен казнувањето на лекарите кои извршуваат абортуси, се бараше и државните и локалните власти да понудат поддршка за жените и за семејствата со хендикепирани деца и оние кои се родени како последица на силување или инцест.
Иако составот на парламентот не оди во прилог на надежите на активистите за правото на избор, тие не се откажуваат. Го основаа здружението „Спасете ги жените“ и поднесоа иницијатива во парламентот која би дозволувала абортус до 12-та седмица од бременоста. За тоа во септември собраа 215.000 потписи. Парламентот ја одби оваа иницијатива во септември во првото читање.
Парламентот, исто така, ќе расправа и за предлог законот кој го предложија пратениците, а чија цел е да го ограничи вештачки потпомогнатото оплодување. Доколку овој закон мине, замрзнувањето на ембрионите би станало илегално. Предложувачите на законот сметаат дека новото живо суштество настанува во моментот на оплодувањето. Законот би дозволувал вештачко оплодување само на едно јајце по циклус, што значително би ги намалило изгледите за остварување на бременоста. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

