Манифестации
Стартува деветтото издание на БИТ ФЕСТ 2014
Деветтото издание на БИТ ФЕСТ 2014 почнува во петок. Манифестацијата е под покровителство на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, во соработка со културните институции и граѓанските здруженија од општината.
И оваа година програмата наменета за сите генерации се очекува да предизвика голем интерес кај домашната публика, но и кај големиот број гости од други градови, како и наши иселеници кои ова лето решиле да го поминат во Битола. Од пристигнатите 320 апликации, битолското културно лето оваа година во својата програма ги вбројува најдобрите 165 наслови, односно над 270 настани од областа на: ликовната уметност, литература, класична музика, етно, поп, рок, world, амбиентална музика, театар и филмски проекции, детска програма, фестивали и многу други содржини. Со самиот почеток на летото БИТ ФЕСТ ја започна својата програма преку фестивалите Солстис и Битола отворн град, а дел од овогодинешното издание ќе бидат и фестивалите: второто издание на Шекспир фестивалот, АКТО, Илинденски денови, Локум фест, Смотра, Бус Фест, Кафекабана на Широк Сокак, како и детските фестивали: „Битолино“, „Тра ла ла“, „СИ-ДО“ и многу други.
„Деветтото издание на БИТ ФЕСТ со својата програма вклучува исклучителни уметници, афирмирани изведувачи, групи, ансамбли и други уметници кои доаѓаат од над 20 земји меѓу кои Србија, Хрватска, БИХ, Албанија, Бугарија, Грција Словенија, САД, Шведска, Холандија, Полска, Италија, Шпанија, Турција, Ерменија, Романија, Португалија, Русија, Полска, Украина, Косово, Грузија, Малта, Кипар, Јапонија и други земји. И ова издание на БИТ ФЕСТ дава можност за афирмација и на младите уметници – ентузијасти“, изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде во прекрасниот амбиент на Старата битолска чаршија, во петок од 21.00 часот со мултимедијалниот проект „Камера“, за кој режисерот Сашо Миленковски вели: „Перформансот „Камера“ е истражување на односот помеѓу реалноста и илузијата видено низ очите на кинематограферот. Браќата Манаки – првите кинематографери во овој дел на светот се почетоците на една голема епопеа на реструктуирање на реалноста во уметност. Во претставата се користат текстови од нивни духовни наследници, кинематографи и теоретичари на филмот, но и текстови кои го опсервираат посебниот однос помеѓу реалноста и илузијата наречена – живот“. Во мултимедијалниот проект „Камера“ играат Иван Јерчиќ, Борче Ѓаковски, КУД Илинден, а сценариото и режијата се на Сашо Миленковски, Јован Ристовски и Александар Црвенковски.
Помеѓу поголемите настани на деветото издание на БИТ ФЕСТ се вбројуваат и концертите на „Фрајле“, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Владо Јаневски, Харундо од Италија, современ џез со Оливер Јосифовски, Александар Секуловски, Сашо Поповски и познатиот џез музичар од САД Дејв Вилсон, потоа Рок симфонијата на Битолскиот камерен оркестар со повеќе познати македонски изведувачи, премиера на уште еден нов проект на битолската опера насловен како „Опера Хаус“, јапонски танци кои доаѓаат од Кумагаја, Јапонија, пијанистката од Турција Сила Илијасогулари и уште многу други настани кои очекуваме и оваа година да предизвикаат голем интерес кај нашата публика која ќе има можност да биде заедно со БИТ ФЕСТ 2014 до 29 август.
И оваа година за изведување на настаните ќе се користат над 30 отворени и затворени сцени во општина Битола. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.