Свет
„Палас" во Охрид трето лето под клуч
Хотелот „Палас", заштитниот знак на туризмот во Охрид, изграден 1957 година, веќе трето лето е затворен
Вработените обвинуваат дека приватизацијата го уништила објектот
Симон Илиевски
ОХРИд – Хотелот „Палас", заштитниот знак на туризмот во Охрид, изграден 1957 година, веќе трето лето е затворен. Љубопитните, пред сж постари туристи, прашуваат што станува со хотелот од нивната младост. Ограден, без осветление, наместо да го разубавува, сега го морничави најубавиот дел од центарот на Охрид. Новите сопственици велат дека хотелот „Палас" не се реновира поради нерешени имотноправни односи, а никој од државните институции и локалната власт не реагира и не ги притиска новите газди да преземат нешто и да го отворат хотелот, зашто спорните 300 квадратни метри што се предмет на денационализација се исклучително мал дел од локацијата и битно не влијаат врз оформувањето и заживувањето на целокупниот простор.
„Во ’Палас‘ ја оставивме младоста и тешко ни е да гледаме као пропаѓа. Наместо гордост на Охрид, сега е ограден и претставува црна и неосветлена зграда од која човек може само да се срами", велат поранешни и сегашни вработени во најголемата угостителско-туристичка компанија „Охрид турист". За нив вината за ваквата состојба ја носат новите сопственици кои по процесот на приватизација го имаат управувачкиот пакет. Тие ветиле дека ќе инвестираат и дека ќе продолжат да работат во многу поубаво уреден хотел, како дел од најпознатите хотелски системи во светот. Незадоволните минатата недела протестираа пред затворен хотел со обвинување новите сопственици го купиле „Охрид турист" не за да ги заживеат хотелите, рестораните и камповите, туку да ги даваат под кирија или да ги продадат за да остварат високи посреднички профити.
Вкупниот капитал на „Охрид турист" заедно со хотелот „Палас" во приватизациската постапка беше проценет на 6,5 милиони евра. А со откуп на акциите управувачкиот пакет го имаат „Екстра скопско", групацијата М6, „Црвена звезда" од Кичево и „Риа" од Охрид. По преземањето во 2001 година, новите сопственици речиси целиот имот го дадоа под закуп, не обезбедија развој на компанијата и, како што велат од Независниот синдикат, не можат да ги обезбедат ниту платите кои во времето на приватизацијата се движеле од 15.000 денари нагоре, а сега од шест до 15 илјади.
Угостителско-туристичката компанија „Охрид турист" ги поседува најатрактивните локации и објекти на брегот на Охридското Езеро. Во нејзина сопственост се хотелите „Палас", „Орце Николов", „Славија" и „Десарет", автокамповите „Андон Дуков" и „Љубаништа", комплексот „Летница" во центарот на Охрид и рестораните „Билјанини Извори" и островот во Св. Наум. Речиси сите се дадени под закуп, освен автокампот „Љубаништа" и рестораните кај Билјанините Извори и Св. Наум, но очигледно дека тоа не е доволно заедно со закупнините да им се исплатат платите на околу 110 вработени во фирмата.
„’Охрид турист’ покажуваше загуби и пред доаѓањето на новите сопственици во 2001 година. Почнавме со загуба од 50 милиони денари, во 2002 имавме девет милиони, следната 23 милиони, во 2004, 41 милион денари, а првата половина на годинава ја завршивме со четири милиони денари загуба", објаснува извршниот директор Милчо Секулоски. На прашањето како може да се случи, покрај високите закупнини за ексклузивните објекти, да се работи со загуба, од менаџментот на компанијата рекоа дека тоа е точно и дека можат да го потврдат и овластените ревизори.
Причина за ваквата тешка состојба во „Охрид турист" како што неофицијално се дознава се несогласувањата меѓу новите акционери и наедно сопственици и нерасчистените сметки уште во процесот на приватизацијата. Познавачи на приликите велат дека тие со купувањето на фирмата наводно сакале да спечалат од рентирање и препродавање наместо да направат концепт за да печалат од туризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.
Свет
Папата Лав одбил аудиенција со Макрон
Папата Лав одлучи да не го прими Емануел Макрон на аудиенција, објавува италијанскиот весник „Ил Темпо“, повикувајќи се на извори во Државниот секретаријат на Ватикан и надбискупот Џовани Чезаре Пагачо.
Според написите на ввесникот, подготовките за првата државна посета на Макрон на Ватикан, која траеше неколку недели на барање на Елисејската палата, беа прекинати по наредба на самиот папа, а на надлежните служби им беше наредено да го вратат барањето за аудиенција.
Папата, како што е наведено, рече дека во моментов не се одржуваат ниту приватни ниту државни аудиенции за Макрон.
Според изворот, причините за одбивањето се повеќекратни, а меѓу клучните се издвојува незадоволството на папата од законодавната насока на Франција во прашањата за етиката и човековите права, особено законите за еутаназија што неодамна ги усвои француската влада.
Според истите извори, ставот на Ватикан за изразениот антиамериканизам на Франција, како и незадоволството на папата од изјавите на Макрон за Соединетите Американски Држави, со оглед на тоа што папата е од американско потекло, претставува дополнително затегнување на односите.
Друг извор на тензии е одлуката, која Макрон ја донесе во координација со парискиот надбискуп Лоран Улрих, да се отстранат и реновираат преостанатите антички витражи во катедралата Нотр Дам со цел да се постават нови, современи дела.
Таа одлука предизвика протести од културните и католичките здруженија во Франција, а според изворите, таа наишла и на неодобрување од страна на папата, пишува медиумот.
Свет
Европските дипломати за говорот на Трамп: Сега тој го сака Исланд
Дипломатите и претставниците во Брисел во средата попладне го следеа говорот на Доналд Трамп за Европа, со посебен акцент на Гренланд, преку лаптопи и телевизиски екрани. Неговото појавување на Светскиот економски форум во Давос се одржа во услови на невидени трансатлантски тензии, но по говорот што траеше повеќе од еден час, многумина рекоа дека неговите намери им биле помалку јасни отколку на почетокот, пишува „Политико“.
Говорот се одржа еден ден пред состанокот на лидерите на ЕУ за да се разговара за одговор на заканата на Трамп за нови царини ако Данска не ја отстапи контролата врз Гренланд. „Ниту една нација или група нации не е во позиција да го обезбеди Гренланд освен САД“, инсистираше Трамп, но додаде: „Не морам да користам сила, не сакам да користам сила, нема да користам сила“. Иако Трамп експлицитно ја исклучи воената интервенција за прв пат, неговите изјави не ги смирија сите, пренесува медиумот.
Дипломат од ЕУ, рече дека луѓето „можат сами да проценат“, додавајќи дека Трамп сè уште инсистира да го добие Гренланд. „Сè се сведува на тоа колку верувате во тој збор. Но, не мислам дека некој би исклучил нешто по тој говор“, рече тој.
Оние кои се залагаат за силен европски одговор на заканите останаа непоколебливи, велејќи дека средбата на лидерите на ЕУ во четврток сè уште е потребна. „Секогаш е добро да се соберат лидери, особено по овој викенд“, рече друг дипломат, според медиумот.
Поранешната германска министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, напиша онлајн за време на говорот: „Ако повторно почнеме да ги доведуваме во прашање границите на земјите и да се обидуваме да ги поместиме со сила, закани или принуда, ќе се вратиме во темни времиња“.
Опишувајќи го Гренланд како „големо, убаво парче мраз, тешко е да се нарече копно, тоа е парче мраз“, Трамп ја замени европската територија каде сака да ја преземе контролата, споменувајќи го „Исланд“ најмалку четири пати. „Па, сега тој го сака Исланд, а не Гренланд, па ние сме сигурни“, се пошегува трет претставник на ЕУ, според написите.
Исланд, кој се наоѓа 350 милји источно од Гренланд, веќе беше предмет на карактеристични шеги од американската администрација откако номинираниот на Трамп за амбасадор во Исланд, Били Лонг, изјави во Вашингтон дека Исланд ќе стане 52-та американска држава и дека тој ќе биде нејзин гувернер.
Трамп, исто така, ги насмеа некои од загрижените Европејци со своите забелешки за францускиот претседател Емануел Макрон. „Убави очила за сонце“, рече Трамп откако францускиот лидер беше снимен како носи авијатичарски очила за сонце во затворен простор, „но што се случи, по ѓаволите?“, пишува медиумот.

