Свет
Јапонската влада тајно преговара за откуп на островите Сенкаку
Владата на Јапонија води задкулисни преговори со семејството Курихара, коешто поседува четири од петте спорни острови Сенкаку (кинеското име е Дајојуијдао) за нивно продавање, пишува јапонската агенција Kyodo.
За државниот закуп за островите семејството Курихара, плаќа вкупно 24 милиони јени (околу 314 илјади долари) годишно. Од април оваа година властите на Токио преговараат за купување на островите од сопствениците со пари од буџетот на округот на главниот град, што предизвика бран незадоволство кај централната влада. Според идејата за купување на островите, градоначалникот на јапонската престолнина Токио веќе собрал 1,3 милијарди јени (16 милиони долари).
На крајот од јули, централната јапонска власт, исто така, направила понуда за сопствениците на островите, и изразила подготвеност да се купат островите наместо тоа да го стори јапонската престолнина за 26 милиони долари. Во овој случај, државата нуди очигледно повисока цена за островите отколку токиските градски власти. Сепак, сопствениците на островите изјавија дека не може да го загубат достоинството и да ја одбијат понудата на градоначалникот на Токио кој прв ја објави подготвеноста за нивното купување. Во меѓувреме, според извори на агенцијата, од неодамна семејството Курихара заземало малку помека позиција по ова прашање. Така, агенцијата пишува дека започнале тајни преговори со сопствениците на островите кои ги предводи заменик-генералниот секретар на јапонската влада, Хиројуки Нагахама по налог на јапонскиот премиер Јошихико Нода.
Како што пишува агенцијата, претставници на централната власт веќе одржале неколку официјални средби со сопствениците на островите, откако претходно овој месец семејството Курихара одбило да се сретне со претставниците на регионот Токио, изразувајќи несогласувања околу цената на трансакцијата.
Покрај ова, во понеделникот станало познато и дека централната јапонска влада одговорила со официјално одбивање на барањето на градоначалникот на Токио Шинтаро Исихари за посета на група експерти на островите Сенкако за кои се спорат Јапонија и Кина, коишто би спровеле топографско истражување на областа.
Од своја страна, пак, токиските градски власти соопштија дека имаат намера да спроведат истражување на области во морето, доколку не добијат дозвола да се истоварат на островите.
Петте острови Сенкаку (Дјаојујидао) претставуваат спорна територија меѓу Јапонија и Кина. Токио и Пекинг не можат да ја одредат насоката на границата меѓу ексклузивните економски зони околу островите. Јапонија инсистира на исцртување на линијата на поделба во средината на водното пространство, додека Кина бара линијата на раздвојувањето да се помести поблиску до јапонскиот брег.
Јапонија тврди дека островите се нејзина територија од 1895 година, додека во Пекинг потсетуваат дека на јапонските географски мапи од 1783 и 1785 година островите Дјаојујидао се означени како кинеска територија. По Втората светска војна островите биле под контрола на САД и ѝ биле предадени во владеење на Јапонија во 1972 година. На Тајван и во континентална Кина сметаат дека Јапонија ги поседува островите незаконски. Јапонија, од своја страна, тврди дека Кина и Тајван почнале да претендираат на островите во 1970-те години, кога станало јасно дека во оваа област има ресурси од многу минерали./крај/мф/снAleksandar CHOCHEVSKI
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Не треба повеќе да имаме избори; Белата куќа: Се шегува
Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп не бил сериозен кога пред неколку дена изјавил дека можеби воопшто не треба да има избори за Конгресот. Портпаролката на Трамп, Каролин Ливит, изјави дека претседателот всушност сакал да биде хумористичен со изјавата, а не да го доведе во прашање одржувањето на изборите.
„Претседателот се шегуваше“, рече Ливит, одговарајќи на прашања од новинарите. Таа додаде дека Трамп зборувал во контекст на пофалба на работата на неговата администрација, сугерирајќи дека тие „работат толку добра работа“ што, во таа смисла, треба само да продолжат.
Изјавата на Трамп доаѓа од получасовно интервју што го даде за „Ројтерс“ во Овалната соба на Белата куќа завчера. Зборувајќи за среднорочните избори, Трамп изрази фрустрација од историскиот модел во кој партијата на власт често губи места во Конгресот.
„Кога ќе победите на претседателските избори, не ги добивате среднорочните избори“, рече Трамп, а потоа додаде дека неговата администрација направила толку многу што, рече тој, „кога ќе размислите за тоа, воопшто не треба да имаме избори“.
Изјавата предизвика загриженост и критики бидејќи уставот на САД предвидува одржување избори за Конгресот на секои две години, без можност за претседателска одлука за нивно откажување.
фото/Depositphotos
Свет
Италијански министер ги исмева европските сили во Гренланд: „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“
Италија одби да се придружи на европската мисија во Гренланд, а министерот за одбрана на земјата, Гвидо Кросето, отворено ја исмеа иницијативата, додека тензиите меѓу Европа и САД растат поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го окупира арктичкиот остров.
„Гренланд. Се прашувам зошто. Патување?“, рече тој денес во Рим. „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“, рече Кросето за европската мисија.
Оваа недела, некои европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, покажувајќи солидарност со Данска, што италијанскиот министер за одбрана рече дека не го разбира.
Трамп сака да го преземе Гренланд затоа што вели дека го смета за клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка локација и големите минерални резерви.
Тој не ја исклучи ниту употребата на сила за негово заземање.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп им се закани на сите земји кои нема да го поддржат за Гренланд
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини на земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Можам да ставам царини на земјите ако не се согласат за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа за руралното здравје.
Трамп постојано изјавува дека САД апсолутно мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која формално ѝ припаѓа островот.
Неговата изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во средата, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Истиот ден, Врховниот суд на САД објави дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп. Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребно одобрение од Конгресот.
Трамп зборуваше на состанок кој формално беше посветен на инвестиции во руралните средини, но за време на говорот, како што е неговиот обичај, тој се осврна и на други политички теми.
фото/Depositphotos

