Македонија
Почнува НАССР информативна и едукативна кампања
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ацо Спасеноски и директорот на Управата за ветеринарство, Дејан Рунтевски во хотелот „Холидеј И“ го најавија почетокот на НАССР информативната и едукативна кампања под слоганот “Здрава храна и точка!”
Оваа кампања е наменета за сите оператори со храна од животинско потекло, а посебно за оние кои сеуште немаат имплементирано НАССР (Hazard Analysis and Critical Control Point) систем во своите компании или се во процес на имплементација и има за цел да ги информира и едуцира за сите важни аспекти на овој систем, како и за деталите кои е важно да се имаат во предвид при неговата имплементација. Кампањата ќе содржи тренинзи (семинари) на кои ќе предаваат домашни и странски експерти, како и посети во компании со имплементиран НАССР систем каде што присутните ќе имаат можност да се запознаат со практичната примена на овој систем за проверка кој компаниите го спроведуваат заради остварување на безбедност на храната и спречување на здравствените неправилности. HACCP системот е интернационално признаен како логична алатка за адаптирање на традиционалните методи на инспекција во современ систем за здрава храна. Базиран на контрола на ризикот, HACCP ѝ овозможува на индустријата и на Владата ефикасна алокација на ресурсите во втемелувањето и спроведувањето на практики за производство на здрава храна.Согласно Законот за безбедност на храната и на производите и материјалите кои доаѓаат во контакт со храната (Сл. Весник на РМ бр. 54/2002), Законот за ветеринарно јавно здравство (Сл. Весник на РМ бр.114/07), Правилникот за санитарно хигиенските услови за производство на храна (Сл. Весник на РМ бр. 32/2006), Правилник за процедурите за применување на НАССР принципите од страна на операторите со храна како и начинот на верификување на овие процедури од надлежниот орган (Сл. Весник на РМ бр. 113/2008), секој сопственик на бизнис со храна е обврзан да обезбеди и применува хигиенски систем при ракување со храна; да ги идентификува опасностите кои ја загрозуваат безбедноста на храната; да ги идентификува фазите при производството, кои се критични за безбедноста на храната; и да воспостави ефективни и ефикасни системи на контрола, нивно ревидирање и постојано одржување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

